репортажа: Летен камп
ДЕСЕТ ДЕНА ЗА ПАМЕТЕЊЕ
Од 9 до 19 јули оваа година во Охрид, се одвиваше летниот камп за учениците од училиштата вклучени во програмата Применето образование на младите Роми. Кампот опфати 76 ученици и 15 наставници од 15 основни училишта
На терасата од хотелот “Климетица” на брегот од Охридското Езеро, светнатите детски лица љубопитно н$ погледнуваат. Незабележливо мрднуваат со главите во знак на поздрав, мала насмевка на крајот од усните и заминуваат каде што тргнале. На ручек. “Дојдовме на ден, да видиме како ви оди”, ги слушам моите колеги Нахида и Влатко како им објаснуваат на наставниците и претставниците на граѓанските организации задолжени за спроведувањето на кампот. “Добро е, добро”, одговараат тие,”впрочем и сами ќе се уверите, поразговарајте со децата нека ви ги кажат своите впечатоци”.
Летниот камп се одржува веќе четврти пат. Осумдесетина ученици од 15 основни училишта од 11 градови во Македонија учествуваат во кампот. Тоа е награда за нивниот труд во текот на школската година, награда за нивниот успех и нивиот интерес да научат повеќе.
Кампот како награда
“Знаеш ли зошто си овде”, го прашувам малиот Омер Хасани од Скопје. “Ова е награда за мене затоа што добро сум учел, сум бил мирен”, ми одговара тој во еден здив. Омер завршил четврто одделение и ова му е втор пат да оди некаде надвор од Скопје без мама и тато. “Еднаш бев на екскурзија и ова сега”, објаснува тој. “Добро ми оди во училиштето, поминав многу добро. Следната учебна година ќе бидам петто одделение и ќе имам многу нови наставници, но не ми е страв, нема зошто да се плашам, ќе учам повеќе и тоа е тоа”. Кога го слушате Омер, ви се чини дека с$ е толку едноставно и решливо. “Сега не сакам да се вратам”, ми се доверува Омер, “убаво ми е тука. Се запознав со многу деца од различни градови, цел хотел ми се другари. Им се пофалив на моите дома дека научив да пливам”. Додека го јаде својот сладолед десетгодишниот Омер веќе ги кова плановите за следната година, “ќе се трудам да поминам со четворка или да имам подобар успех за да дојдам пак на кампот”, вели тој.
И Фатош Усеинова и Елзина Мемедова од Делчево веќе жалат што на дружбата во кампот ќе & дојде крајот. “Овде с$ е интересно”, велат тие. “До кампот стасавме со многу труд, со учење”, вели Елзина, “им препорачуваме на сите деца да учат повеќе, да се трудат за да имаат прилика да дојдат на кампот и да се забавуваат следното лето.
Летниот камп не е награда само за учениците од ромската етничка заедница. На него учествуваат и деца од другите етнички заедници од Македонија. “Не ми пречело никогаш што се дружам со Роми, и тие се деца како нас”, вели Маријана Атанасовска од Делчево. “Меѓу нив има подобри и полоши во училиште, исто како и другите деца. Треба сите да се дружиме, без разлика на националноста”, додава таа. Маријана мисли дека од кампот ќе замине поинаква, “сега поинаку размислувам, кампот ме поведе во еден друг правец”, вели таа, “подобар, попозитивен. Благодарение посебно на предавањата, мислам дека ќе бидам поинаква кога ќе се вратам дома, подобра од претходно”.
Квизот
Во текот на нашата еднодневна посета имавме можност да видиме еден од регионалните квизови. Имате чувство дека се враќате назад, во вашите школски денови. Тогаш кога вие сте одговарале на прашањата која е најголемата река во Африка, која година завршила Првата балканска војна, која е ознаката за хемискиот елемент сребро и сл. Полетноста, ентузијазмот на учесниците во квизот, бодрењето од публиката во салата, едноставно ве ставаат во “машина”, па и вие станувате страсен навивач на екипите што се натправаруваат.
А тие, главните актери, членовите на натпреварувачките екипи, сериозно и се посветени на нивната цел, да освојат што е можно повеќе поени и да се пласираат во следната рунда натпревари.
За Сардије Ухо, петнаесетгодишната гостиварчанка, квизот беше прво такво искуство. “Беше многу интересно и не беше тешко, супер беше. Имавме помош од наставниците додека траеја подготовките. Им се обраќавме за с$ што не ни беше јасно”, вели таа. “Мене ми е важно да научам повеќе од она што редовно го учиме во училиште. Додека се подготвував за квизот, научив многу нови и интересни работи”, додава Сардије.
Квизот не е поле за покажување на знаењето само за учениците. Само на момент да ги видите лицата на нивните наставници, ќе знаете за што ви зборувам. Тој натпреварувачки дух е во секого на тој квиз. Целата таа енергија насочена кон новите знаења не можела попозитивно да се искористи.
Соништата
На кратката пауза помеѓу две рубрики од квизот водителката најави дека на забавата што ќе се случува таа вечер ќе се избира и мис и мистер на кампот. Сите пријавени кандидати своето прво појавување пред публиката ќе го имаат по завршувањето на квизот.
Зошто сите кои ја поминале границата на детството имаат потреба да ја направат споредбата со “нивното време”? Јас секако не сум имуна на тоа. И каков беше резултатот од таа споредба? Ме воодушевија младите кандидати со својот слободен настап, како да пораснале на пистите. Мислиш само што излегле од курсот за манекени и фотомодели којшто го поминале со одличен успех.
Претставувањето беше комплетно. Име и презиме на кандидатот, возраст (кое одделение завршил) и што сака да биде кога ќе порасне односно какви се неговите соништа.
На импровизираниот подиум продефилираа триесетина стројни и дотерани девојчиња и момчиња чии соништа за миг станаа достапни и за нас. Тоа беа идните стоматолози, адвокати, лекари, полицајци, актери, пејачи...
“Сакам да бидам актер”, самоуверено ми кажа Омер, кој исто така се кандидирал за мистер на кампот. “Знам дека треба да учам за да бидам актер. Сакам да бидам како Џет Ли, и да глумам како него во акциски филмови”.
Сардије не го крие задоволството што го направила првиот чекор за да си го оствари сонот. “Сега се запишав на медицина во Гостивар. Уште од малечка сакав да бидам докторка и ова е чекор кон исполнување на таа моја желба”, вели идната доктока. За Ѓултена Мемедова предизвикот е во средното полициско училиште. “Сакам да учам за полицајка како мојот братучед. Тој ми раскажува за неговата професија и ми изгледа многу интересно тоа занимања. Се надевам дека ќе ме примат догодина кога ќе завршам осмо одделение”, вели Ѓултена.
Можете така да ги слушате со часови. Тие ги плетат своите соништа, ве преплавуваат со својот ентузијазам, а вие имате чувство дека ви се полнат “батериите” со оптимизам, онаков каков што само децата можат да ви дадат. Тие заслужуваат многу повеќе од она што го имаат. Заслужуваат возрасни кои ќе го поддржат нивниот оптимизам, кои ќе ги поддржат нивните соништа. Заслужуваат услови во кои ќе ги исполнат своите соништа и ќе зачекорат во својата поубава и посигурна иднина.
Сакине Џеладиновска
поп-пејачка и учесник на кампот во 2002 година “Се сеќавам на повеќе работи кои мене ми се многу драги. Тоа беше летото кога завршив седмо одделение. Кога мојот поранешен педагог Валентина ми ја соопшти веста бев пресреќна бидејќи прв пат ќе имав такво искуство да се дружам со другарчиња од целата држава од кои околу 90% беа од моја нацоналност, т.е. Роми. Нетрпеливо го чекав тој ден, имав претчуство дека тоа лето ќе биде доста интересно. Автобусот со кој патувавме беше полн со деца од целата држава. Не ни требаше многу време за да ги оствариме првите контакти. Бевме сместени во хотелот Бетон на плажата Славија. Во соба бев со Милена и Азра, мои соученички од основното училиште “Ѓорѓи Сугарев”, кои и денес ми се многу добри другарки балагодарение на кампот. Секој ден ни беше исполнет со најразлични активности. Бевме потикнувани да сфатиме дека образованието и едукацијата се многу значајни за нашиот понатамошен живот. Разговаравме за тоа како се работи во сите градови со ромската популација и заклучив дека сите се заинтересирани Ромите да одат напред во поглед на културата, образованието...
Многу ми се допадна оваа акција затоа што се зближив со многу деца со најразлични карактери, способности, размислувања и идеи. Запознав и едно симпатично дете, се сеќавам се викаше Фидан од Гостивар. Паметам и дека Азра се научи да плива со помош на педагогот Валентина, за која морам да кажам дека е извонредна личност во која не гледавме професор, туку наша другарка со која можеш да разговараш на било која тема.
Тие десет дена сите бевме едно големо семејство. Посетивме повеќе значајни места во Охрид: манастирот Св. “Наум Охридски”, Самоиловата тврдина и др. за кои учевме по историја. Ни организираа маскембал, а на натпреварот по танцување Азра освои прво место. Немаше натпревар за пеење, но јас ги забавував пеејќи со часови. Сите беа сигурни дека еден ден ќе имам посериозно музичко искуство.
Многу би сакала уште еднаш да ми се повтори ова незаборавно искуство.
Секој ученик кој има желба да учи ќе биде награден не само со кампување, туку и самиот живот ќе го награди неговиот труд и желба. Образованието е мојата најважна работа, сакам да станам важна личност која ќе има со што да се гордее пред јавноста, затоа што нема ништо позначајно од тоа да напредуваш во животот. Сакам сите, посебно мојата нација, која во последно време забележува пораст во сферата на образованието, да имаат јасна цел и да го следат својот сон, да не бидат негативни и да не се зближуваат со пороците на денешницата, туку да им помагаат на сите кои ќе побараат помош и поддршка на кој било кој начин, затоа што сигурно ќе се чувствуваат многу убаво и пријатно.
|