среда, 05 јуни 2013

english version

Прва страница
Документи и публикации
Документи
Извештаи
Публикации
Водичи
НВО САЕМ
Настани
Галерија
Архива
Архива на онлајн вести
2003
2004
2005
2006
2007
2008
Адресари
Луѓе од граганскиот сектор
Проекти на граѓанските организации во Македонија
Адресар на верските заедници во РМ
Адресар на граѓанските организации во Македонија
Адресар на општини во Република Македонија
Билтен на МЦМС
Билтен за меѓурелигиска соработка
Перспективи
Граѓански практики
Контакт

ПЕЧАТЕНО ИЗДАНИЕ
Последно издание
Нарачка преку e-mail
Контакт
Архива
Коментар
Настани
Граѓанско општество
Деца
Студенти
Здравство
Животна средина
Календар
Прашања и одговори
Балкан-експрес
Европа
Свет
Тема
Репортажа
Интервју
Погледи
Претставување
Публикации
Историјат на граѓанското општество
Луѓе
Мобилизација на ресурси
Искуства од регионот
Избор






ONLINE ВЕРЗИЈА
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА

  Број 4

   

Заштита на човекови права низ механизмите на граѓанските организации

Жанета Ќосе

Со принципите на еднаквост и недискриминација до граѓанска правда

Два основни концепти за правата на човекот се концептот за заштита на човековите права и концептот за еднаквост и недискриминација, со иста цел: институционализација на фактичка еднаквост меѓу членовите на малцинските групи и другите граѓани.

- Интегративниот процес во државите и во Унијата се засилува низ практично влијание, низ програми и проекти, голем дел поддржани од граѓанскиот сектор, националните институции, меѓународните орга­ни­зации и странските донатори.

Човекови права се правата што им припаѓаат на индивидуите со нивното раѓање и се поврзани со континуитетот на вредности, универзални по карактер, во некој поглед еднакви за сите човекови битија. Граѓанските права се само една категорија од човековите права, во меѓународното право кодификувани преку Пактот за граѓански и политички права на Обединетите нации од 1966 година. Граѓанските се неполитички права на граѓанинот, како што, на пример, е правото на лична слобода, во САД гарантирано со 13. и 14. амандман од Уставот и со акти на Конгресот. Граѓанските слободи значат слобода од арбитрарно мешање на владата, преку побивање на нејзината моќ, како што е со слободата на говорот. Слободите се кодификувани уште во 18. век, со Томас Џеферсон и маркизот Лафајет и тие се внесени во разни историски документи, како што е Декларацијата за правата на човекот и на граѓанинот од 1789 година и Законот за правата (Билл оф Ригхтс) од 1791 година, на американскиот устав од 1787 година.

Теориски концепт и меѓународни стандарди

Концептот за човековите права постојано еволуира, а заштитата и унапредувањето на човековите права и слободи е основна цел на сите досегашни системи за заштита на човековите права. Системот на Лигата на народите и на Обединетите нации, на Советот на Европа и регионалните системи, како и системите на државите, имаат единствена цел, заштита на правата на граѓаните врз основа на принципите на еднаквост и на недискриминација. Два основни концепти што се практикуваат во државите се концептот за заштита на човековите права и концептот за еднаквост и недискриминација, со иста цел, институционализација на фактичка еднаквост меѓу членовите на малцинските групи и другите граѓани. Тоа ја потврдува тезата дека превенцијата од дискриминација од една страна, и имплементацијата на специјални мерки за заштита на малцинствата од друга, се само два аспекти на истиот проблем: одбрана на основните човекови права. Ова објаснување ја одразува суштествената важност на одбраната на човековите права за да се постигне стабилност, мир и безбедност во државите. Целосната заштита на човековите права во една држава, а потоа и на регионално или континентално и глобално ниво, се реализира преку уставните и законски гаранции, но и преку правните лекови и механизми за обезбедување на принципот на еднаквост на граѓаните, во што се вклучуваат сите институции, организации и тела на државите. Друг вид алатки или средства за обезбедување на заштитата на човековите права се граѓанските иницијативи, коишто треба да се коректор на државните политики и мерки, но и катализатор на процесите за обезбедување на гарантираната заштита.

Оттаму, остварувањето на заштитата на човековите права и преку механизмите на граѓанските организации, преку граѓанскиот сектор, којшто може да биде мошне важен чинител за забрзување на транзицијата на нови демократии во отворено граѓанско општество, е уште еден начин за обезбедување на државните уставни и законски гаранции. Затоа и аспектот на одбраната и заштитата на човековите права, а особено на правата на малцинствата, преку граѓанскиот сектор, е предмет на бројни истражувања и анализи со цел да се изнајдат ефикасни методи и барем приближна еднаквост во остварувањето на правата и слободите. 

За да се разбере суштината на двата концепта, потребно е да се разграничат поимите “превенција од дискриминација”, како превенција од секаква активност којашто на индивидуите или на групите им негира еднаквост на третманот, што може да го бараат тие, и на “заштита на малцинствата”, што според толкувањето на Поткомисијата и Комисијата на ОН е заштита на недоминантните групи, кои барајќи еднаквост во третманот со мнозинството, бараат мерки за различен третман со цел да ги заштитат основните карактеристики што ги поседуваат и кои ги разликуваат од мнозинството од популацијата. Заштитата значи еднаквост на индивидуите што припаѓаат на такви групи и што ја бараат истата. Оттука следува дека различниот третман на групите, или на индивидуите што им припаѓаат, е оправдан кога се бара во интерес на нивна задоволеност и за добросостојба на заедницата во целост.

За да се обезбеди целосна заштита на човековите права, треба да се појде од меѓународните стандарди прифатени од голем број држави. Стандардите за правата на човекот, што се универзални и за нормативните акти на државите, се утврдени во Универзалната декларација за човекови права, Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и нејзините протоколи, Пактот за граѓански и политички права и протоколите, конвенциите за отстранување на сите облици на расна дискриминација, за дискриминација на жените, за правата на детето. Стандардите за правата на националните малцинства се содржани во Декларацијата за правата на припадниците на националните или етничките, верските и јазичните малцинства на ОН, прогласена со Резолуција на ГС на ОН број 47/135 од 18 декември 1992 година. Со Рамковната конвенција за правата на малцинствата и со Повелбата за заштита на регионалните и малцинските јазици од 1992 година се прави нов обид од државите членки на Советот на Европа да се поправат неправдите од минатото, враќајќи ја довербата во еднаквоста, во правата и слободите, во достоинството и вредностите на човекот.

Повелба за човекови права на Европската Унија

Во минатиот период се зголеми улогата на ЕУ да помогне да се обезбеди ефективна заштита на човековите права и долготрајна внатредржавна стабилност во посткомунистичките држави од Средна и Источна Европа. Во контекст на проектот за интеграција на овие држави во Унијата, важно беше да се разрешат нерешените малцински прашања. За тоа, заедно со напорите на другите меѓународни и регионални организации, и Унијата презеде мерки да ги обврзи државите од регионот на заштита на малцинствата. Случајот со Источна Европа изобилува со потенцијали, но и дилеми за акциите на ЕУ што се презедоа и се преземаат и во Западен Балкан, исто како и во државите членки на ЕУ. Комплексот причини за заштита на малцинствата по Студената војна е мешавина од правни мерки, со коишто почитта на човековото достоинство и културниот идентитет се комбинира со целите на превенцијата од конфликти. Целите се постигнати и преку ангажирање на граѓанскиот сектор, преку механизмите на граѓанските организации. Илустрација за тоа како преку програмите на ЕУ се заштитуваат човековите и малцинските права е Кампањата против расизам и ксенофобија (РАКСИ) на Парламентарното собрание на Советот на Европа од 1997 година, во чии рамки се издавани публикации за инструментите за човекови права и се организираат карвани на граѓанските организации, радиопрограми и обука за припадниците на полицијата.

Интегративниот процес во државите и во Унијата се засилува низ практично влијание, програми и проекти, во голем дел поддржани од граѓанскиот сектор, националните институции, меѓународните организации и странските донатори. За исполнување на Копенхашките политички критериуми, консолидација и продлабочување на стабилноста на институциите што гарантираат демократија, владеење на правото, човекови права и почитување и заштита на малцинствата, потребна е стабилизација на државите аспиранти за членство, меѓу кои е и Република Македонија. Граѓанскиот сектор може да игра важна улога во исполнување на критериумот за достигнување на стандардите во заштитата и унапредувањето на човековите, а особено на малцинските права. Декларацијата за човекови права усвоена на Луксембуршкиот самит во 1991 година го одразува новиот став на ЕУ за важноста на заштитата на малцинските права и содржи цел параграф за малцинската заштита: “Заштитата на малцинствата да биде обезбедена со ефективно воспоставување на демократијата. Ев­ропскиот совет се повикува на суштинската природа на принципот на недис­криминација, укажува на потребата од заштита на човековите права без оглед дали станува збор или не за припадници на малцинствата. Советот ја истакнува важноста од почитување на културниот идентитет, исто како и правата уживани од припадниците на малцинствата коишто треба да ги практикуваат поединците заедно со другите членови на групата. Почитта кон тој принцип ќе поттикне политички, општествен и економски развој”.

Дел од политиката за човекови права се и регулативите на Советот 975/1999 и 976/1999, што се однесуваат на финансиите и администрирањето на акциите на Заедницата за унапредување на човековите права и консолидирање на демократијата и владеењето на правото, за развој на активностите за соработка. Втората регулатива се заснова врз членот 308 (поранешниот 235) на Договорот за ЕЗ, што служи како основа за внатрешните активности на Унијата. Клаузулата за човекови права е содржана во договорите за придружување, познати како Европски договори склучени со десетте нови членки во претпристапниот период. Клаузулата се однесува на почитување на демократските принципи и човековите права, како што е дефинирано во Хелсиншкиот завршен акт и Повелбата за нова Европа, како суштински елемент во договорите, што пред Самитот во Ница повлекуваше и можност за мерка за суспензија на државата што ги крши принципите и човековите/малцинските права. Друг инструмент за заштита на човековите права е Европската иницијатива за демократија и човекови права (ЕИДХР) за поддршка на човековите права, демократизацијата и активностите за превенција на конфликти, првенствено во партнерство со граѓанските организации и меѓународните организации. Правната основа ја обезбедуваат регулациите 975/99 и 976/99 на Советот на ЕУ од 29 април 1999 година. Основана во 1994 година, таа поседува три инструменти за имплементација на иницијативата што ја сочинуваат основата на пристапот на Советот: повик за предлози, во Службениот весник и веб-страницата на Комисијата, микропроекти управувани од делегации на Комисијата и проекти за поддршка на целите на политиките, во чијашто реализација, со координација од јавната администрација, треба да се вклучи граѓанскиот сектор.

Човековите права и слободи во ЕУ се во третиот столб, Правда и внатрешни работи. За поимот граѓанство на Унијата се врзуваат одделни права, како што се правото на движење и на промена на престојувалиштето, локалното избирачко право, избирачкото право за Европскиот парламент, дипломатската и конзуларна заштита на граѓаните, правото на петиција и жалба, правото на добра администација. Повелбата за основните права на Европската Унија е усвоена на Самитот на ЕУ во Ница, на 18 декември 2000 година, од Советот на ЕУ, Европскиот парламент и Комисијата, со што актот станува извор на норми за секундарното право на Заедницата. Тоа значи дека секоја индивидуа чие право е потврдено и има соодветен правен интерес, може да бара заштита пред Европскиот суд на правдата. Повелбата за човекови права на ЕУ во членот 20 дефинира унапредување на еднаквост пред законот, забрана на дискриминација врз секаква основа во членот 21, и заштита на културната, религиозната и јазичната различност  со членот 22. Правата и слободите се поделени во шест глави или категории - право на достоинство, слободи, еднаквост, солидарност, граѓански права и правда. Меѓу граѓанските права, утврдени во Повелбата, се активното и пасивното избирачко право на изборите за Европскиот парламент и за органите на локалната власт, правото на добра администрација, правото на пристап до документацијата, на Омбудсман, на петиција, на преселување и на населување и правото на дипломатска и конзуларна заштита.

Искуства од Западен Балкан

Компаративната анализа на искуствата во државите од Западен Балкан, на искуствата за тоа како граѓанскиот сектор се вклучува во реализација на заштитата на човековите и малцинските права, прва заедничка карактеристика е постоењето строги критериуми за поддршка за учество во програмите на ЕУ или во оние на Пактот за стабилност на ЈИЕ, како инструмент на Унијата за постигнување мир и политичка стабилност на државите апликанти за членство. Имено, за финансиска поддршка може да се пријават организации од граѓанското општество кои веќе се активни на прашањата за човекови и малцински права, што се признати и имаат одредени резултати во заедницата, и коишто покажале позитивно финансиско работење. Приоритет имаат организации коишто ги исполнуваат критериумите, но коишто претходно не добиле поддршка.

Програмите вообичаено ги помагаат активностите за ангажирање на граѓаните во јакнење на маргинализираните малцински групи и групите на коишто помошта им е најпотребна. Ангажирањето на граѓаните е процес со којшто организациите на граѓанското општество активно се ангажираат во поврзување и со активностите на државата, но и со други носители на активности за обезбедување заштита на малцинските права и на правата на човекот, со цел да се решат прашања од јавно значење. Активностите би требало да поттикуваат дијалог и ширење информации, да го зајакнуваат партнерството со главните учесници во процесот на заштита на правата. Тука може да се вклучи, но не е ограничено на работилници и семинари, трошоци за публикации или аудио-визуелни материјали или други настојувања на мрежи, иновации коишто мали организации обично тешко се решаваат да ги финансираат преку сопствените програмски фондови. Главни учесници би можеле да бидат владини агенции, граѓански орга­низации, мултилатерални и билатерални агенции или постојни фон­дации.

Програмите обично обезбедуваат поддршка за организации на граѓанското општество со посредство на локалните канцеларии што учествуваат во нив. За поголема поддршка на димензијата на зајакнување на капацитетот за заштита и унапредување на човековите и малцинските права, во средиштето на програмите е вклучување на граѓаните во зајакнување на марги­нализираните групи и групите на коишто помошта им е најпотребна. Целта на овие програми главно е да се помогне зајакнувањето на моќта на граѓаните, коишто треба да имаат поголемо влијание врз процесите за заштита и со тоа да ги направат истите поправедни.

Притоа, клучни точки за зајакнување на загрозените или маргинализираните групи се пристапот до информации, поврзување на организациите вон локалните рамки, способност за влијание врз јавната средина и преговарање со локалните и националните власти, постоење доверливи државни и локални институции и поволна политика и законски рамки за вклучување на граѓаните.

Организациите на граѓанското општество вршат важна улога во ангажирање на сограѓаните во борба против дискриминацијата и нееднаквоста. Корис­ниците на програмите се организации на граѓанското општество вклучени во иницијативи насочени кон зајакнување на групите и поединците коишто биле нееднакво третирани и дискриминирани со тоа што се маргинализирани и исклучени од јавноста. Оттаму, организациите на граѓанското општество може да поттикнуваат јавен консензус и да ги поттик­нуваат локалните власти за реформи, на искоренување на дискриминацијата преку стратегии за создавање државен систем за заштита и унапредување на човековите и малцинските права со формирање мрежа за размена на знаења, за изградување заедничка основа за разбирање, поттикнување на соработка со јавниот и приватниот сектор, дури и со ублажување на напнатоста меѓу различните етничките групи или заедници, да овозможат да се чуе гласот на заинтересираните страни, а особено на маргинализираната популација, и да помогне да се обезбеди дека нивните ставови ќе се земат предвид во донесување на одлуките за политиката и програмите. Граѓанските организации треба да помогнат да се зајакне и избалансира исходот на програмите со нудење знаења за локалната заедница, преку утврдување можни ризици, давање целна помош и нејзино приближување на локалната заедница, да се донесат иновативни идеи и решенија за разбирање и толеранција и на локално и на државно ниво. Тие може да помогнат да се обезбеди стручно знаење и да се зголемат капацитетите за ефективно нудење услуги, посебно во опкружување со ниски капацитети на јавниот сектор или во поствоени ситуации, да се подобрат јавната транспарентност и одговорноста за активностите на сите учесници, со што ќе се придонесе за поволно опкружување за добро државничко управување.

Активностите за подобрување на односите меѓу различните етнички групи или заедници треба да бидат насочени кон подобрување на социјалната и правната заштита на ниво на заедницата и развивање на солидарност на заедницата и на заедниците, преку подобрување на меѓусебните и меѓугенерациските врски, како и да се изнајдат нови начини на меѓусебно дејствување со локалните власти. Граѓанските организации може да организираат семинари за локалните власти, за вработените во локалната управа, за припадниците на етничките групи или заедници, и да публикуваат брошури за односите во заедницата. Припадниците на етничките групи или заедници ќе се мобилизираат на активности со коишто би си помогнале самите себеси. Маргинализираните групи или заедници се соочуваат со повеќе неповолни околности, вклучувајќи го животот во мали населби во рурални подрачја, со ниско ниво на образование, висока стапка на невработеност, социјална исклученост и дискриминација и со недостиг од информации, тешкотии што граѓанските организации може да помогнат да се надминат и да се подобрат.

Во Хрватска, на пример, со помош на видеофилм се претставени неколку успешни проекти за создавање доход во вакви популации, со што е направен обид да се охрабрат и другите припадници на таа заедница. Овој проект го кофинансирала и локална фондација, а филмот е дистрибуиран преку орга­ните во локалните власти за да се запознаат други припадници на етничката група/заедница, но и на други етнички групи/заедници. Искус­твата по­кажуваат дека со надминување на егзистенцијалните проблеми се создаваат поповолни услови за развој на културата на толеранција меѓу припадниците на етничките групи или заедници.

Практичен придонес на граѓанскиот сектор

Искуствата од регионот говорат дека граѓанскиот сектор игра важна улога во исполнувањето на можеби најважниот од критериумите од Копенхаген, во градењето институции способни да обезбедат гаранции за заштита и унапредување на човековите и малцинските права. Постојат различни видувања за просторот за дејствување на граѓанскиот сектор во политичките активности, во заштитата на политичките права. Едно од нив е дека граѓанските активисти имаат исти уставни права како другите граѓани и неуставно е да им се ограничуваат нивните права на поинаков начин од она што е уредено со закон. Но, есенцијално за ефективното дејствување на граѓанските организации е изградбата и постојаното усовршување или надополнувањето на механизмите преку коишто тие придонесуваат и суштински влијаат врз почитувањето на принципите на еднаквост и недискриминација, со што го помагаат процесот на транзиција во отворени демократски општества на државите од регионот на ЈИЕ, или сега Западен Балкан, коишто побарале членство во Унијата.

Еден од механизмите е да се донесе акциски план или план за дејствување на една или на повеќе здружени граѓански организации, со предвидени мерки за дејствување. Предлозите за измени во легислативата, јавното изнесување ставови и мислења за законските акти, за забрзување на хармонизацијата на државното законодавство со законодавството на Унијата и активно учество во подготовката и имплементацијата на државните стратегии од доменот на нивното дејствување, но и да се обезбеди поголемо учество на јавноста, се само дел од мерките на глобалната стратегија за активности. Тоа би се постигнало преку изготвување сопствени предлог-текстови како придонес во формирањето на правната рамка за дејствување, преку влијание и учество во формирање институционална рамка како основа на системот за заштита и унапредување на човековите и малцинските права, влијание и притисок врз власта за примена на меѓународните стандарди и стандардите на ЕУ, мониторинг врз предложени законски проекти, но и по донесувањето, врз спроведувањето и нивната имплементација...

Како итни мерки за дејствување во Македонија би ги предложиле активностите за пристапување кон Повелбата за заштита на регионалните и малцинските јазици и усвојување на законски акт за заштита и унапредување на правата на малцинствата, каков што има Хрватска од 1992 година, донесен по препорака на учесниците на Хашката конференција за државите од некогашна СФРЈ и Законот од 1998 година на заедницата Србија и Црна Гора, тогаш СРЈ. Меѓу итните мерки, коишто би се реализирале за време на првата година од дејствувањето на граѓанската организација или здружените организации, би требало да најде место мониторингот над функционирањето на собраниската Комисија за односи меѓу етничките заедници. Од македонските искуства одличен пристап е изготвувањето на Алтернативниот извештај за состојбата со малцинските права од седумдесетината македонски граѓански организации до Советот на Европа, чија Рамковна конвенција за заштита на правата на националните малцинства Република Македонија ја ратификува во 1998 година.

Регионалната соработка со размена на искуства за иницијативи би била среднорочна мерка, којашто би се спровела во првите две до три години од дејствувањето, а како долгорочни мерки, за коишто е потребен подолг период, се предлагаат утврдувањето потреби и можности за институционална реорганизација, создавањето поголем број специјализирани и независни институции за заштита и унапредување на човековите и малцинските права, утврдувањето можностите и предлагање измени во наставните програми во процесот на образованието, особено заради воведување наставни содржини за заштита и унапредување на човековите и малцинските права и семинари за едукација на наставниот кадар. Поттикнувањето на јавното мислење и ефективното учество на јавноста има за цел да се обезбеди учество и поддршка на јавноста за одлуките и мерките преземени од страна на државните органи или критички однос доколку се покаже дека се недоволно ефикасни. Неопходно е да се обезбеди интерактивно учество на јавноста во процесот на донесување одлуки, во преземените мерки и во креирање и имплементација на државната стратегија и малцинска политика.

Учеството на граѓанскиот сектор и на меѓународната заедница во овој процес ќе создаде поширока можност за претставување на идеите, за остварување на целите за намалување на злоупотреба на правата, како и за воспоставување квалитетен систем за заштита и унапредување на човековите и малцинските права во Република Македонија.

Со оглед на тоа дека процесот на создавање и имплементирање државна стратегија подразбира и активно вклучување на граѓаните во тој процес, обезбедувањето соодветна поддршка од страна на граѓанскиот сектор треба да се подготви пред да се започне со активностите.

Периодот на подготовка и кординација треба да се искористи и за зајакнување на улогата на граѓанскиот сектор, за создавање мрежа од граѓански организации за дејствување и за создавање капацитети, потоа за информативни кампањи со коишто ќе се промовираат активностите и да се иницираат конкретни активности за кои ќе се утврди дека е неопходна широка јавна поддршка. Притоа, треба да се организираат активностите за усвојување државна стратегија, за забрзување на усвојувањето закон за заштита и унапредување на малцинските права и за организирање дебати, тркалезни маси и собири за поттикнување квалитетна имплементација на тој закон. Среднорочни мерки за дејствување се создавањето мрежа од локални граѓански организации, преземање конкретни активности за учество на јавноста во процесот на донесување одлуки преку дебати или отворена пошта и да се запознае јавноста со мерките преку кампањи, тркалезни маси и работилници, во што активно ќе се вклучат медиумите. Долгорочни мерки што се предлагаат се создавањето институционални можности за мониторинг на активноста на државните институции, создавањето можности за активно учество на јавноста во активностите на граѓанскиот сектор и капацитети за следење и анализа на мислењето на јавноста за дејствувањето.

Јавната акција ќе има за цел да ги следи активностите на државните ин­ституции и да биде нивни катализатор или коректор. За да се постигне оваа улога, ќе се иницираат активности со цел да се востановат или, онаму каде што се востановени, да се почитуваат принципите на еднаквост и на недискриминација. Граѓанските организации ќе се залагаат за транс­парен­тно, одговорно и отчетно работење на државните институции. Во планот за деј­ствување ќе се вклучат и иницирање и поддршка на групи граѓани во промовирање на идејата за недискриминација врз основа на принципот на еднаквост на сите граѓани.




Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























НОВОСТИ
Крај на почетокот
Тоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за Унијата
Што е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука.
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони садници
Над 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други.
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесување
Кодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активност
Граѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир Капија
Специјалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали деца
Во изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола
Еколозите против нанотехнологијата во прехранбената индустрија
Еколошката групација “Пријатели на планетата Земја” (ФОЕ) повика да се воведе мораториум на користењето на нанотехнологијата во прехранбениот синџир, укажувајќи дека недоволно е истражено влијанието врз човековото здравје и природната средина
 

©MCMS - designed by KOMA