среда, 05 јуни 2013

english version

Прва страница
Документи и публикации
Документи
Извештаи
Публикации
Водичи
НВО САЕМ
Настани
Галерија
Архива
Архива на онлајн вести
2003
2004
2005
2006
2007
2008
Адресари
Луѓе од граганскиот сектор
Проекти на граѓанските организации во Македонија
Адресар на верските заедници во РМ
Адресар на граѓанските организации во Македонија
Адресар на општини во Република Македонија
Билтен на МЦМС
Билтен за меѓурелигиска соработка
Перспективи
Граѓански практики
Контакт

ПЕЧАТЕНО ИЗДАНИЕ
Последно издание
Нарачка преку e-mail
Контакт
Архива
Коментар
Настани
Граѓанско општество
Деца
Студенти
Здравство
Животна средина
Календар
Прашања и одговори
Балкан-експрес
Европа
Свет
Тема
Репортажа
Интервју
Погледи
Претставување
Публикации
Историјат на граѓанското општество
Луѓе
Мобилизација на ресурси
Искуства од регионот
Избор






ONLINE ВЕРЗИЈА
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА

  Број 9

   

Александар Николов

Делата на македонскиот деловен сектор


Фрли пред себе за да најдеш зад себе

Купете пиво. Така ќе донирате за спортот, за науката и за уметноста! Пред неколку години една голема скопска фабрика вака ги рекламираше своите производи. Отсуството на суптилност се граничи со вулгарност, но оваа порака јасно ја отсликува променетата улога на деловниот сектор. За да го стекне една компанија ореолот на успешност повеќе не е доволно само да биде профитабилна. Успешната компанија на денешницата мора да демонстрира и јасна грижа за животната средина и за општеството.

Овие области во минатото беа обврска на државата, но во последните триесет години бизнисот постепено го преземаше водството. Ваквиот феномен има прилично несмасно име – општествена одговорност на бизнисите. Во оваа шифрирана категорија спаѓаат доброволните активности коишто можат да ги преземат бизнисите и коишто го надминуваат почитувањето на минималните законски обврски. Поконкретно, одговорниот бизнис ги задоволува интересите на сопственикот за остварување добивка, но со истовремено задоволување на интересите на потрошувачите, на вработените, на деловните партнери, на државните органи и на општеството во целина. Логиката е дека за долгорочен деловен успех потребна е здрава средина со стабилни и функционални институции. За просперитетен бизнис потребно е просперитетно општество.

Звучи убаво, но каква мотивација се крие зад ваквите идеали? Дали преовладува алтруизмот или можеби е поисправно на ова да се гледа како на извор на деловни можности и средство за подобрување на конкурентоста?

Секој бизнис различно се справува со овие нови предизвици, но мотивацијата и методите коишто се користат притоа овозможуваат да се разграничат три вида општествена одговорност, кои во продолжение ќе бидат илустрирани со примери од македонската деловна заедница. 

 
Поплава од спонзорства и донации

Спонзорствата и донациите се најзастапениот механизам преку кој македонските бизниси ја изразуваат својата одговорност за добробитта на општеството. Во услови кога културата, спортот, науката, образованието и здравството се соочуваат со редукција на приливот на буџетски средства, ваквите дополнителни приливи од приватниот сектор се и повеќе од добредојдени.

Но ваквите филантропски и добротворни активности во голем број случаи се само додаток на бизнисот – нешто што не го менува начинот на работење, туку се јавува во форма на спорадични, краткотрајни проекти. Ваквите организации можат да вложуваат во хуманитарни активности и да ги почитуваат законите, но и покрај тоа свесно да дозволуваат, на пример, загадување на животната средина, ако за тоа не постои соодветна казна.

Ова е таканаречениот тактички пристап кон општествената одговорност, кој најчесто е реакција на некои притисоци од средината. Притисокот може да дојде од муштериите, вработените, акционерите, може да произлезе од стандарди наметнати со закон или воведени од врвниот менаџмент, а него може да го создаде и конкуренцијата. Ваквиот притисок ги тера компаниите да најдат веродостоен одговор на проблемот којшто во основа лежи во односите меѓу компанијата и општеството. Во овој случај, општествената одговорност на бизнисот ја има улогата на пожарникар, кој треба да го стави под контрола пламенот што се заканува.[1]

Поскапувањето на најкористените услуги за повеќе од 200%, намалувањето на бројот на вработени за една третина и енормните суми коишто по разни канали се одлеваа во странство, создада исклучително непријателска деловна средина за Македонски телекомуникации. И покрај тоа што беше заштитена со монополската позиција и со моќта да ги контролира регулаторите и медиумите, компанијата сепак сметаше дека е потребно да развие широка лепеза на спонзорства и донации со коишто помагаше разновидни активности – од оние на Здружението на граѓани со хендикеп Полио плус, преку кошаркарскиот клуб МЗТ јуниор 2000, па с$ до фестивалот Охридско лето.

Тактичкиот пристап кон социјалната одговорност на бизнисите подразбира спроведување активности коишто генерираат голем публицитет. Тука голема задача имаат одделенијата и агенциите за односи со јавноста, а некои компании издаваат и цели публикации во коишто на популарен начин се објаснува како влијае компанијата во насока на минимизирање на негативните и максимизирање на позитивните влијанија врз општеството и врз животната средина. Ваквите извештаи се објавуваат на интернет-сајтовите на компаниите со цел да се дифузираат до различните заинтересирани страни.[2] Во извештајот за социјалната одговорност на Кока кола ХБЦ во 2003 година се наведува дека Кока кола ХБЦ Македонија[3] во јуни 2003 го спонзорирала Лук модел срч (Лоок Модел Сеарцх) во Скопје, со цел да им овозможи на младите луѓе да најдат кариери за коишто не би можеле ни да сонуваат. Притоа е цитиран портпаролот на компанијата: „Настанот генерира голем публицитет, давајќи надеж за многу млади луѓе дека преку напорна работа и самодоверба дури и највисоките цели можат да се постигнат”.[4] Во овој случај притисокот доаѓа од странските инвеститори. Во глобалната економија репутацијата е мошне важна конкурентска предност, која придонесува за вредноста на брендовите. Во случајот на Кока кола, вредноста на брендот далеку ги надминува материјалните средства со коишто располага компанијата. Интербренд, консултантска куќа од САД, има проценето дека вредноста на брендот Кока кола дава над 95% од вкупната вредност на средствата на компанијата. За да ја заштити вредноста на познатиот и реномиран бренд, компанијата мора да внимава да се придржува до истите глобални стандарди секаде каде што работи.

Важноста на присуството во јавноста може да се илустрира и со следниот пример. Тутунскиот комбинат од Скопје (ТКС), една од најголемите и најуспешни компаниии во Македонија, има строга дефиниција за квалитет, а тоа е: „Производ без грешка”. Сепак, нивните производи имаат еден голем недостаток – штетни се по здравјето. Тоа не го спречува ТКС да се рекламира како одговорен партнер во општеството. Тие имаат разработено политики за заштита на животната средина и заштита при работа, а себеси се именуваат и како одговорен културен партнер. Последново произлегува од фактот дека ТКС е еден од водечките донатори на културните манифестации во Македонија и го носи епитетот на генерален покровител на повеќе реномирани домашни и меѓународни манифестации, како што се: Охридско лето, Скопско лето, традиционалниот новогодишен концерт на Македонската филхармонија и Светската галерија на карикатури.[5] Ваквата стратешка ориентираност кон културата се покажа како мошне мудра при одложувањето на примената на Законот за заштита од пушењето. Законот, кој е хармонизиран со европските директиви,  ги дефинира објектите во кои не смее да се пуши, го забранува рекламирањето на тутунските преработки и ја ограничува нивната продажба. Покрај тоа, тој предвидува и забрана за донирање и спонзорирање на културните манифестации и институции. Ова беше причината поради којашто голем број културни чинители, меѓу кои и министерот за култура, Дирекцијата за култура и уметност, Македонскиот центар за танц и Македонската филхармонија го кренаа својот глас против законот и јавно лобираа за одложување на неговата примена.[6] Рокот за усогласување на работењето на правните лица со одредбите на Законот беше поместен за јуни 2004 г., па за јуни 2005 г., по што беше пролонгиран за дополнителни шест месеци.

Друг вид активности со коишто се карактеризира тактичкиот пристап кон општествената одговорност е маркетингот или кампањите поврзани со одредена социјална или етичка кауза. Како пример за оваа активност може да се наведе кампањата „Компјутери за основците во Македонија”, која во март 2004 г. ја спроведуваше швајцарскиот производител на познатите чоколади Милка, Крафт фудс, преку официјалниот увозник и дистрибутер во Македонија – ТД Нелт СТ. За времетраењето на оваа акција по пет денари од секое продадено чоколадо Милка се одвојуваа во фонд од којшто подоцна 50 основни училишта беа опремени со компјутерска опрема. Во овој случај притисокот доаѓа од пазарот, т.е. од сличното конкурентско однесување на производителите и дистрибутерите на чоколади во Македонија, кои во периодот од декември до февруари редовно организираат наградни игри. Оттука се наметнува заклучокот дека целта на ваквата акција, покрај подобрување на квалитетот на образованието на најмладите, може да се бара и во задржување на високото ниво на продажби и по завршувањето на традиционалната сезона за промотивни наградни игри. Ова може да се поткрепи со фактот дека организаторот на оваа општествено одговорна активност се потруди истата да добие голем одѕив во јавноста, со што се стекна со одредена конкурентска предност на пазарот.

 
Спојување на убавото со корисното

Одредени општествено одговорни организации имаат волја да преземат поширока одговорност отколку претходно опишаните, кои ги почитуваат само законските и економските услови. На пример, овие организации со задоволство би презеле иницијатива за намалување на загадувањето ако одредени нивоа на загадување се сметаат за опасни по здравјето, дури и ако тие исти нивоа се сметаат за прифатливи според важечките законски прописи. Ова е основата на таканаречениот стратегиски пристап кон социјалната одговорност којшто има цел да се минимизираат или елиминираат негативните ефекти од бизнисот и да се управува со ризикот којшто би можел да произлезе, на пример, од прекршување на човековите права или од загадување на животната средина. Пристапот е одбранбен, т.е. служи како превентива од притисоците со коишто се соочуваат компаниите коишто го применуваат тактичкиот пристап. Активностите што се преземаат немаат облик на специфични проекти од помалку или повеќе изолирана природа, како што беше случај кај тактичкиот пристап, а оддалеченоста од основниот бизнис е намалена.[7]

Еден од примерите за ваква активност е воспоставување повеќесекторски развојни партнерства.    На 1.12.2004 г. беше потпишан договор со којшто во наредните пет години штитениците од Домот за деца без родители „11 Октомвр” во Скопје, по наполнување на 18 години, ќе се вработуваат во маркетите на Тинекс на неопределено време. Договорот го потпишаа министерот за труд и социјална политика, директорот на Тинекс-МТ и директорката на Домот. Првпат во Македонија беше потпишан договор меѓу приватна команија и јавна установа со кој приватната компанија презема обврска за намалување на социјалните тензии и помош на маргиналните и ранливите групи. Во март 2005 г. седум штитеници од Домот ги добија решенијата за работа во маркетите на Тинекс, откако поминаа тримесечна обука во таа фирма. Сопственикот, Владимир Тодоровиќ, идејата за вработување штитеници од Домот „11 Октомври” ја добил на средба со министерот во Ротари-клубот, кој се занимава со хуманитарни активности.

Кај стратегискиот пристап компаниите имаат тенденција целосно да го реформулираат нивниот начин на работење, внатрешните процеси и стандарди во согласност со принципите на општествената одговорност. Слично како конкурентот Тинекс, и Веропулос вработува социјално запоставени групи (Роми). Покрај тоа, веќе долго време целокупната отпадна хартија и пластика којашто произлегува од работењето се предава на фабрики за рециклирање, а се размислува и за исфрлување од употреба на пластичните ќеси.

При донесувањето одлуки во ваквите компании се земаат предвид и општествените вредности и очекувања, по што се прави анализа на трошоците и користа и се бараат опипливи финансиски добивки коишто ќе може да ги компензираат направените трошоци.[8] Класичен пример на ова поле е оној на Макпетрол, кој пред повеќе години ги зголеми платите на работниците на бензинските пумпи за 100% што резултира со зголемена продуктивност и подобрена услуга.

Добивките кај ваквиот приод кон општествената одговорност може да произлезат од намалување на енергетската и на материјалната неефикасност. Пред 5 години, Конти хидропласт од Гевгелија при производството на цевки користел над 35.000 м3 вода, а отпадните води се испуштале во канализацискиот систем. Во 2000 година со инсталирање затворен систем за циркулирање на техничката вода со базен и систем за ладење, намалена е потрошувачката на пивка вода за 90%. За исто толку е намалено и количеството загадена вода којашто се исфрлала преку канализацискиот систем во реката Вардар, а заштедите овозможиле враќање на инвестицијата за 3,5 години.[9]

Често пати, компаниите од оваа група воведуваат доброволни стандарди и применуваат систем на сертификација на истите. Претходно спомнатата фабрика, Конти хидропласт, го има воведено и сертифицирано стандардот за систем за менаџмент на заштитата на животната средина – ИСО 14001. Сертификацијата понекогаш се смета за неопходна од страна на менаџментот од причини што, од една страна, ја формализира посветеноста на компанијата на средината и заедницата во којашто работи, а од друга страна овозможува да се развие и одржува одреден имиџ.[10]

Компаниите коишто го применуваат стратегискиот пристап изработуваат кодекс за однесување за своите вработени, во кој се дефинирани одреден број критериуми за ефикасно донесување правилни одлуки. Така, вработените не мора во секоја ситуација да се обраќаат до повисокото ниво за инструкции што да се прави, туку можат веднаш да дејствуваат и да бидат сигурни дека одлуката којашто ќе ја донесат ќе биде во склад со вредностите и со целите на организацијата.[11] Советот за корпоративно управување на РМ изготви модел на кодекс за деловно однесување во којшто се предлага да се тргне од десетте универзални принципи за одговорно однесување на бизнисите. Принципите, од областа на заштитата на човековите и работничките права, борбата против корупцијата и заштитата на животната средина, се подготвени од Обединетите нации во рамките на иницијативата Глобален договор на ОН и се прифатени од 37 водечки компании во Македонија. Една од нив е Стопанска банка, која десетте принципи ги преточи во конкретни активности, правила и процедури со коишто во доменот на нејзиното работење ќе придонесе за остварување на Милениумските развојни цели.

Кодекс за деловно однесување има донесено и ПроКредит банка, со кој од сите вработени се очекува да се однесуваат чесно, искрено, непристрасно и со почит кон сите останати вработени, кон клиентите и кон јавноста во целина. Строго правило е дека банката не смее да врши или поддржува трансакции со средства за коишто се сомнева дека може да потекнуваат од криминални активности. Информацискиот системи на банката ПроКредит е дизајниран за да ги следи сомнителните трансакции, а службеникот за придржување до прописите за спречување перење пари поднесува редовни извештаи до властите.[12]

Како составен дел на својата мисија за поддршка на долгорочниот развој, банката ПроКредит се придржува до строги еколошки стандарди, како во начинот на којшто работи, така и во критериумите што ги употребува при изборот на своите клиенти. Со цел да го олесни придржувањето до овие стандарди, банката има формулирано политика за заштита на опкружувањето, која е дел од целосен систем за менаџмент на заштитата на животната средина. Покрај релевантните законски прописи, политиката вклучува и листа на штетни активности за коишто банката не одобрува кредити токму поради нивното негативно влијание врз природното и врз општественото опкружување.[13] На оваа листа се наоѓаат производството и трговијата со тутун, оружје и муниција, алкохолни пијалоци (освен пиво и вино), трговијата со диви животни или производи од диви животни, коцкањето, казината и еквивалентни претпријатија итн. Банката ПроКредит исто така одбива да финансира или на кој било начин да биде поврзана со економски активности коишто вклучуваат принудни или небезбедни облици на работа, а пред с$ експлоатација на детска работна сила.
 

Просветен бизнис

Етички пионери се оние бизниси коишто се засновани на високи етички принципи и коишто ги сметаат економската, социјалната и еколошката добросостојба како централен дел на нивната мисија. Општествената одговорност е составен дел на развојната стратегија на компанијата што води кон фундаментална промена на производите и кон тоа општествената одговорност да стане составен дел на идентитетот на брендот или пак да стане патека за учење и иновација.[14]

Принципите на општествена одговорност прераснуваат во култура на организацијата и тие имлицитно ги инспирираат и ги насочуваат менаџерските избори на сите нивоа. Во овие компании изненадува високото ниво на имплицитно споделување заедничи вредности и присуството на морална тензија насочена кон општествено одговорно однесување.[15]

Како и кај стратегискиот пристап, најголем дел од суштинските деловни процеси се насочени кон принципите на општествена одговорност – имплицитно или експлицитно. Во случајот на Компјутери Дуна, компанија од областа на информациската технологија, срцето на организацијата е  системот за квалитет и заштита на опкружувањето што ги покрива сите сегменти на работа, од истражување и развој, преку дизајн и производство, до продажба и сервис. Политиката на квалитет се заснова на убедувањето дека постои партнерство меѓу корисниците на услугите, вработените во организацијата и снабдувачите. Александар Пајковски, еден од основачите на Компјутери Дуна, вели: „Не се обидуваме да им продадеме на корисниците нешто што не им треба. Заедно со нив доаѓаме до најдобрите решенија во однос на нивните потреби и можности”.

Според политиката за заштита на опкружувањето на Комјутери Дуна, резултатите на работењето не се само финансиските резултати, туку и синергија со околината во која се работи. Оттаму произлегуваат заложбите за: промовирање „зелена” опрема, материјал и пакување; намалување на потрошувачката на енергетски ресурси во деловните процеси; учество во иницијативите и активностите за подигнување на свеста и заштитата на животната средина.

Разликата од стратегискиот пристап кон општествената одговорност е во тоа што сега клучното прашање е дали самите призводи и услуги на компанијата, како и нивниот маркетинг, се „нешто добро”. Справувањето со ваквите прашања е потешко од причина што предизвикот лежи во срцето на основниот бизнис на компанијата. Некои компании сфаќаат дека традиционалните одговори во обликот на дефанзивност, филантропија и менаџмент на ризикот нема да го одвлечат вниманието од општественото влијание на нивниот основен производ.[16]

Производите и услугите на Компјутери Дуна може да се означат како општествено одговорни. Со проектот „Радиофреквентна идентификација на домашни животни и жи­вот­ни скитници” компанијата воведе систем со којшто на домашните миленичиња и животните скитници им се имплантира транспондер којшто овозможува истите да се идентификуваат во ветеринарните, во царинските служби и во службите за згрижување животни-скитници. Иновативниот концепт подразбира и опремување на претходно спомнатите служби со посебни читачи, како и создавање база на податоци за животните на коишто им е вграден идентификатор. Базата е достапна и на интернет и содржи податоци за сопственикот на секое животно и за ветеринарната историја на истото. Проектот во иднина ќе овозможи да се намали бројот на загубени, украдени и напуштени домашни миленици. Според Британската асоцијација за грижа за кучињата по применувањето на оваа технологија 51% од фатените кучиња скитници се идентификувани и им се вратени на нивните сопственици, во споредба со едвај 10% пред примената на истата. Компјутери Дуна има склучено договор со прифатилиштето за бездомни животни Оаза 2003, со кој се предвидува на сите животни од прифатилиштето на коишто ќе им се најде сопственик да им се вгради идентификатор. Доколу вакво милениче повторно биде донесено во прифатилиштето, идентификаторот ќе сигнализира дека истото е ветеринарно третирано, здомено и повторно ќе биде вратено кај оние кои прифатиле да се грижат за него.

Компаниите коишто се етички пионери имаат проактивна филозофија, т.е. преземаат активности со коишто се справуваат со општествените прашања, дури и пред да бидат тие оценети од општеството како важни. Ваквите бизниси често започнуваат и иницијативи и програми насочени кон подобрување на квалитетот на работниот живот, како што се менаџмент на разновидноста и обезбедување рамнотежа меѓу работата и приватниот живот.[17]

Во склоп на својата политика за заштита на опкружувањето, Компјутери Дуна има проактивна „политика за вработените”, која ги става вработените како приоритет број 1. За да се формира атрактивна и посакувана работна средина, како важен фактор за опстанокот на бизнисот, централно место им се дава на вредностите коишто ги застапува организацијата, нејзината општествена одговорност и успех. За да се мотивираат вработените постои систем на награди и бонуси, а се избегнуваат неплатените прекувремени работни часови. Воведена е и недискриминативна политка којашто се применува на сите нивоа. Александар Пајковски вели: „Важно ни е да гледаме насмеани лица, затоа задоволството на нашите вработени и нивната благосостојба е нешто што ние како менаџмент не го забораваме”. 
 

Патот на иднината: општествената одговорност како правило, а не како исклучок

Како што минуваат компаниите низ трите нивоа на општествена одговорност, опишани погоре, така растат и потенцијалните придобивки. Компаниите стануваат спремни да инвестираат во подлабоки и подолгорочни пристапи, кои не се „додаток” на бизнисот, туку се составен дел на деловната стратегија.

Напредните компании гледаат на социјалната одговорност како на нешто повеќе од серија дискрециски одлуки или повремени гестови, иницијативи мотивирани од маркетиншки потреби или други деловни користи. Наместо тоа, тие гледаат на соци­јал­на­та одговорност како на сеопфатен систем на политики, практики и програми – кои треба да обезбедат долгорочна одржливост на бизнисот и на општеството, а кои се интегрирани во сите сегменти на деловните операции и процесите на одлучување и кои се поддржуваат и наградуваат од врвниот менаџмент.

Ваквите етички пионери често имаат релативно мало пазарно учество, но нудат можност да се сфати каков тип претпријатија се потребни за создавање одржливо општество. Тие исто така нудат лекции за „мамутите”, т.е. поголемите конвенционални бизниси.

 



--------------------------------------------------------------------------------

[1]       Marella Caramazza and Caterina Carroli, CSR in the European multinational corporations (Stresa: ISTUD – Istituto studi Direzionali, 2003), p. 7-8.
[2]       Marella Caramazza and Caterina Carroli, p. 9.
[3]       Пиварница Скопје.
[4]       Social Responsibility Report 2003, Coca-Cola HBC, version 1.2 , 2004, p. 19. 
[5]       Весна Тасевска и Елисавета Михајлова, Тутунски комбинат А.Д. - Скопје: затоа што се одлучивте за нас, 2003, стр. 15.
[6]       Ана Василевска, „Културата нема да чека пари ни од тутунот“, Дневник, 25 ноември 2003, рубрика Kултура.
[7]                       
[8]     Peter Raynard and Maya Forstater, Corporate Social Responsibility: Implications for Small and Medium Enterprises in Developing Countries (Vienna: UNIDO, 2002), p. 7.
[9]       Димитар Малиновски и Златко Самарџиев, Зголемување на деловниот профит преку заштита на животната средина (Скопје: SEED, 2002), стр. 14-15.
[10]     Marella Caramazza and Caterina Carroli, p. 11.
[11]     Raising the Bar: Creating Value with the United Nations Global Compact, ed. by Claude Fussler, Aron Cramer and Sebastian van der Vegt  (Sheffield: Greenleaf Publishing, 2004), p. 103.
[12]     Annual Report 2004, ProCredit Bank Macedonia, p. 34.
[13]     Annual Report 2004, ProCredit Bank Macedonia, p. 35.
[14]     Peter Raynard and Maya Forstater, p. 7.
[15]     Marella Caramazza and Caterina Carroli, p. 11.
[16]     Peter Raynard and Maya Forstater, p. 19.
[17]     Marella Caramazza and Caterina Carroli, p. 12.

 

Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























НОВОСТИ
Крај на почетокот
Тоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за Унијата
Што е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука.
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони садници
Над 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други.
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесување
Кодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активност
Граѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир Капија
Специјалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали деца
Во изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола
Еколозите против нанотехнологијата во прехранбената индустрија
Еколошката групација “Пријатели на планетата Земја” (ФОЕ) повика да се воведе мораториум на користењето на нанотехнологијата во прехранбениот синџир, укажувајќи дека недоволно е истражено влијанието врз човековото здравје и природната средина
 

©MCMS - designed by KOMA