НВО САЕМ организатор: Регионален центар за заштита на животна средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ)
Панел-тема: „Глобализација или одржлив развој“
Одржливиот развој подразбира баланс помеѓу економските, социјалните и еколошките потреби на заедницата. Консензусот може да се направи преку акциони планови на заедниците, мултисекторски и анализи на севкупните економски, еколошки и социјални фактори во животната средина
Воведничарот Љупчо Гупчин од Македонско еколошко друштво рече дека одржливиот развој не може да се постигне само на национално ниво туку подразбира грижа на локално и на меѓународно ниво. Тој го спомена истражувањето на проф. д-р Фредерик Штајнер од Факултетот за планирање и пејзажна архитектура на државниот универзитет во Аризона, Феникс-Темпи, каде планирањето на урбаните села во феникс е под постојан притисок за градба во склад со субурбаниот модел. Главна цел на проектот е поддржување на одржливиот развој во обид да се сочуваат природните процеси и функции на пределот. Тој го истакна примерот на охридско-преспанската котлина и процесите на еутрофизацијата на езерските води во кои континуирано се слеваат големи количества фосфор во сливот на Охридското и Преспанското Езеро.
Како прашања за дискусија се поставија следните дилеми: Каква стратегија за одржлив развој ќе примениме за Преспанската и Охридската котлина? Што треба да преземеме на државно ниво, а што на локално ниво?
Маргарита Матлиевска од Министерство за животна средина и просторно планирање ги информираше присутните дека стратегијата се уште не е изградена, ниту пак, е формиран национален совет. Јасминка Андова-Пашкалинска од Еколошко друштво Пехчево, рече дека одржливиот развој подразбира баланс меѓу економските, социјалните и еколошките потреби на заедницата. Консензусот може да се направи преку акциони планови на заедниците, како и преку мултисекторска анализа на севкупните економски, еколошки и социјални фактори во животната средина.
Јордан Јакимовски од Институт за социолошко политичко правни истражувања (ИСППИ), имаше забелешки околу дефинирањето на поимот одржлив развој, а Славчо Новчев, рече дека одржливиот развој е нов приод кон решенијата на проблемите во животната средина и дека Македонија има недостиг од кадри од оваа проблематика.
Учесниците во расправата констатираа дека постојат повеќе дефиниции за одржлив развој, затоа е потребно нивно усогласување. Според нив, задача на државата е да го регулира и контролира атропогениот внес на фосфор во езерата и другите води и да ја забрани употребата на детергентите со фосфор, а Владата, конечно, да го формира Националниот совет за подготовка на стратегијата за одржлив развој. |