НВО Шелтер-центар

Згрижување на жените пред налетот на машките удари

Пред влезната врата на НВО Шелтер-центарот седат неколку жени. „Добре дојдовте”, ни велат. „Придружете ни се, избегавме малку тука за да се тргнеме од горештиниве”, велат.

Муабети вообичаени, женски, ако сакате, или подобро кажано метеоролошки, за жештините и околу нив. Црно кафе на масата, по некоја превртена шолја „за да се види судбината”, вели една од жените.

А, нивните приказни и судбини се типично женски. Дванаесет жени кои сега се наоѓаат во НВО Шелтер-центарот ги напуштиле своите домови поради физичко и психичко малтретирање од своите сопрузи. Некои од нив се повозрасни, некои се во центарот со своите деца, некои  работат, а некои, пак, примаат социјална помош од 1.000 денари месечно. И, секако, нешто што се подразбира, но треба да се нагласи, поради заштитата на жените кои престојуваат во Центарот, нивните имиња, како и имињата на децата, се изменети. Локацијата на Шелтер-центарот се држи во тајност.

Во дневната соба на Центарот затекнуваме разиграни дечиња. Девојче од десетина  години облечено во розев фустан  станува и се поздравува со нас. „Здраво, јас сум Лела, ова е мојата сестра Надица”. Надица, пак, облечена во панталони и маица, со кратко потстрижена коса, ни вели: „Не сакам да бидам женско, повеќе сакам да сум машко, повеќе се играм со машки. Гледам фудбал и навивам за ‘Барселона’.” На нашата забелешка дека е убаво девојче и дека прекрасно & стојат малите златни обетки, какви што вообичаено носат девојчињата на нејзина возраст, таа вели. „Спомен ми се, затоа ги носам”.

Со Лела и со Надица се и нивните тетки, како што ги викаат жените од Центарот, кои по потреба се грижат за нив, додека се мајките на работа. Се запознаваме со Радмила, со Светлана и со Анкица, кои својот привремен дом го нашле во Центарот. Дневната соба е пространа, светла, со трпезариска маса на средината, на едниот крај регал, на другиот двосед, фотелја и мала масичка. Вистинска домашна атмосфера.  „Ама, ние сме подобри од ‘очајните домаќинки’”, вели Светлана, секогаш расположената за шега, иако многу причини за насмевка и нема.

„Гледам на животот од поведра страна, колку што е можно. Имам над 45 години, а  само три месеца регистриран работен стаж, иако работев десетина години во разни приватни фирми, колонијали, ресторани. Сопругот физички ме малтретираше, затоа и го напуштив. Во НВО Шелтер-центарот во прво време со мене беше и мојата ќерка, но таа сега е дома со брат & и со татко &. Ми се жали дека татко & пие и не им купува храна. Во целиот тој хаос среќа е што мојот сопруг физички не ги малтретира децата”, раскажува Светлана, која на прашањето „а, што понатаму”, помирливо вели: „Не размислувам за тоа”.    

Животот во Шелтер-центарот тече вообичаено, колку што е тоа можно. Жена останува жена каде и да е, со сите свои дневни обврски и желбата да создаде од своето живеалиште, макар и привремено, дом. Во собите, покрај прозорците се наредени саксии со цвеќе, алиштата се сушат во импровизирани сушалници, а таму каде што има деца, неизбежни се и играчките.

Во една од собите ја затекнавме младата Аница која е тука со својата петнаесетмесечна ќерка Сара. Сара и не знае за друг дом. Кога Аница дошла во Центарот, таа имала само четириесет дена. Аница ни се извинува, но вели  дека не сака да зборува како и поради што дошла тука. Разбирливо.    

„Жената мора да биде и економски самостојна, инаку може да ја доживее мојата судбина”, вели шеесетгодишната Радмила која во Шелтер-центарот е по вторпат. „Првпат бев во Центарот во 2001 година, кога веќе не можев да го издржам малтретирањето на маж ми. Многу пие. Синот и ќерката се возрасни и имаат свои семејства. Сепак, таа 2001 година по неколку месеци се вратив дома затоа што маж ми се разболе и се вратив да го негувам. Мислев дека нештата ќе се сменат. Но, штом малку подоздраве, повторно почна по старо. Алкохолот е лоша работа. Не можев повеќе да издржам и заминав. Оставив с$ зад себе. Преку четириесет години труд, куќа на два ката, комбајни. Стекнавме со маж ми многу за четири децении брак, но јас сега не смеам да живеам во куќа којашто сум ја градела. Овде жените се добри, си даваме поддршка една на друга, секоја од мака е дојдена, не од убавина. Од маж ми и судски сум разведена, а за имотната постапка допрва треба да се види. Но, едно е закон, а друго е практика”, раскажува Радмила додека седиме на нејзиниот кревет во соба што ја дели со уште две жени. 

Деновите минуваат, помош нема, а прашањето „што понатаму”, останува да виси во воздух.

„За овие пет години постоење, во Центарот престојуваа 1.283 жени. Најмногу од нив беа на возраст помеѓу 40 и 50 години, иако имало и жени на дваесетгодишна возраст, како и  над 60 години. Моментно тука има  дванаесет жени, а капацитетот е за 25. Што се однесува до образовната структура, престојуваа жени кои беа неквалификувани работнички, невработени домаќинки, но имаше и  високообразовани”, вели Габриела Спирковска, правничка во НВО Шелтер-центарот. „Жените доаѓаат тука на различен начин. Некои се јавуваат на нашиот телефон 070/520-639 или се сместени тука преку центрите за социјална грижа.”

Спирковска објаснува дека според правилата, жените би требало да останат во Шелтер-центарот најмногу до една година, меѓутоа, поради општата социјално-економска ситуација во земјата, тие остануваат и подолго. „Ние се обидуваме да им помогнеме колку што можеме. Просториите ни се дадени на користење од Министерството за труд и социјална политика, а главниот донатор е шведска фондација. Се обидуваме да ги преквалификуваме, да им најдеме вработување. Се вработуваат како хигиеничарки или домашни помошнички кај постари лица. Оние, пак, кои се високообразовани, најлесно се снаоѓаат затоа што тоа се по правило веќе вработени жени и економски донекаде независни. И покрај нашата желба и упорност да им помогнеме на сите жени, многу пати навистина не можеме многу да направиме во финансиска смисла, затоа што платите се мали, а станарините преголеми. Така што само од себе се наметнува прашањето: „Што понатаму?”, објаснува Спирковска.

Токму поради лошата економска ситуација, жените понекогаш одлучуваат да се вратат под ист покрив со насилникот, но по извесно време повторно се враќаат назад во Шелтер-центарот. „Има жени кои и по неколку пати се враќаат во Центарот. Смејното насилство е маѓепсан круг. Прво почнува со кавги и психичко малтретирање, потоа следуваат шлаканици и ретко кој и согледува во прво време дека зло се вовлекло во домот. Кога жената веќе не може да издржи, а тоа е обично по повеќегодишно малтретирање, решава да проговори за својот проблем. Некои доаѓаат тука, се разведуваат, се обидуваат да најдат свој пат и подобар живот за себе и за децата. Некои не успеаваат во тоа, па се враќаат кај насилникот во надеж дека ќе биде подобро, но повторно наидуваат на малтретирање. Имаше случаи кога насилникот ја следи жената на работа, & создава проблеми, се распрашува каде престојува”, вели Габриела Спирковска.

Според статистичките податоци, во Македонија секоја четврта жена е физички малтретирана, а секоја трета трпи некаков вид психичко насилство. „Не знаеш што е полошо. Од психичкото насилство боли душата, а и физичката болка не се трпи, болат ударите”, вели Радмила.

Засега дванаесет жени се згрижени на сигурно. Но, сепак еднаш треба да го напуштат Шелтер-центарот. Што понатаму? Што ќе се случи со Лела, со Надица, со Сара, што ќе се случи со нивните мајки? Презема ли државата доволно мерки против насилниците во домот? Многу прашања, засега неизвесни одговори. Како што е неизвесна и судбината на многу жени кои се соочени со изборот помеѓу насилството и сиромаштијата.

Угоре високо, удолу длабоко, велат старите...