Проект на Биосфера од Битола

Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали деца

Во изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола.

Со низа активности насочени кон бизнис-секторот, кон локалната самоуправа, кон здруженијата на граѓани и ко индивидуални лица собрани се 77.468 денари, кои се удвоени од страна на Центарот за институционален развој. Со рседствата се набавени  реквизити за рекреација, заседена е трева, направен е песочник и е обезбеден материјал за изработка на дрвени куќарки за заштита на децата од сонцето во летниот период. Исто така во тек е формирањето на  Граѓанскиот совет “Пријатели на децата”, кој преку редовни состаноци ќе утврдува кои површини во Битола ќе имаат приоритет при уредувањето и преку кои активности ќе бидат обезбедени потребните средства.  

“Поттикнати од постигнатиот успех при реализирањето на проектот и покажаниот интерес на деловниот сектор и на граѓаните на Битола да нe поддржат во намерата да обезбедиме средства за уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца, сакаме да продолжиме со овој вид активности и преку понатамошна соработка и поддршка од деловниот сектор и другите заинтересирани страни да уредиме и озелениме уште многу други површини во Битола” - изјави Христина Димовска, координатор на проектот.

К. Б.