Статус на организација од јавен интерес

Во повеќето континентални европски земји, именувањето на одредена организација како “организација од јавен интерес” укажува на тоа дека организацијата има стекнато одреден “статус”. Таа не се регистрира како одделно правно лице. Статусот на јавен интерес се доделува откако организацијата ќе се регистрира како правно лице (вообичаено како здружение или фондација). Ако организацијата од јавен интерес престане да ги исполнува условите во врска со овој статус, истата ќе се соочи со одземање на статусот, како и поволностите кои се поврзани со него, иако си уште може да продолжи со дејствување. Статусот на јавен интерес вообичаено се смета за доброволен. Стекнувањето со статус на јавен интерес подразбира и стекнување со одредени поволности, но оваа можност во законот вообичаено не ги попречува правата на поединците да формираат организација за лични цели, ниту ја попречува организацијата да функционира без таквиот статус, дури и во случај кога истата е формирана за цели од јавен интерес.

Пристапот кон јавниот интерес е различен во Велика Британија. Имено, во оваа земја сите организации со ексклузивни цели од јавен интерес се сметаат за “добротворни организации”. Во Англија и во Велс, добротворните организации со приходи од над 5.000 британски фунти мораат да се регистрираат во Комисијата за добротворни организации во Англија и во Велс (со одредени исклучоци). Добротворните организации со приходи под 5.000 британски фунти самите решаваат дали ќе се регистрираат. Во Шкотска тие се регистрираат во Канцеларијата на регулаторот за добротворните организации во Шкотска. Од друга страна, добротворните организации во Северна Ирска не се регистрирани, ниту пак можат да го сторат тоа. За да се стекнат со статус на добротворни организации со цел да добијат одредени даночни олеснувања, тие мора да се пријават во Управата за јавни приходи.

Главната цел за воведување на статусот на јавен интерес вообичаено е промоција на дејности од јавен интерес. Владите признаваат дека ОЈИ поефективно им служат на потребите на локалните заедници и општеството во целина. Преку утврдување на општествените потреби, тие ги дополнуваат или заменуваат обврските на државата или пак обезбедуваат услуги каде има помала понуда на истите. Често пати овие организации брзо ги идентификуваат и утврдуваат општествените потреби за разлика од власта и се во можност за испорака на услуги на поефикасен и понепосреден начин. Исто така, во процесот на обезбедување на нивните услуги, ОЈИ може да генерираат приватни средства, кои ги дополнуваат и заштедуваат државните средства, како и да мобилизираат поддршка од пошироката заедница.

Овој статус е прифатен низ поголем дел од Европа со цел да се:

  • Поттикне проток на приватни финансии до граѓанските организации преку поттикнувањето приватни донации за ОЈИ – пр. донации од поединци и претпријатија (Унгарија), процентуалниот механизам (Полска);
  • Овозможување соработка помеѓу државата и граѓанските организации во процесот на обезбедување социјални услуги. Во Полска ОЈИ се подобни да учествуваат на тендери за социјални услуги рамноправно со агенциите на владата. Унгарскиот Акт за ОЈИ воведе две нивоа на статус на јавен интерес: основен и специфичен. Организациите може да се стекнат со статусот на “организации со специфичен јавен интерес”, ако се избрани за преземање на обврските на централната или локалната власт, вообичаено преку потпишување договор со државно тело;
  • Зајакнување на односите на граѓанските организации со јавноста. Со воведувањето на Законот за ОЈИ, во Полска се очекува создавање на јадро на потранспарентни и поодговорни ГО кои ќе придонесат за подобрувањето на генерално лошиот имиџ на секторот и зголемување на довербата во граѓанските организации.