Лицата со интелектуална попреченост и вработувањето
Борба за поголемо присуство во општеството
Во трговскиот центар Бисер во Скопје е сместен Дневниот центар на згрижување на лицата со интелектуална попреченост во кој корисниците започнуваат да доаѓаат во 7 часот наутро, време кога и другите скопјани брзаат кон работните места, во училиште, во градинка. Пред девет часот, корисниците чија возрасна граница е над 16 години, може да се видат како купуваат дел од потребните продукти за подготовка на ручек, на ближниот пазар. Дневниот центар постои четири години, дел е од активностите на Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост “Порака” и освен во Скопје, такви центри има и во Охрид, во Радовиш, во Кочани. Во Дневниот центар корисниците имаат можност не само да бидат згрижени, туку под водство на дефектолозите, социјалните работници и психолог да бидат вклучени во активности кои овозможуваат стекнување вештини за нивно независно живеење, за снаоѓање во општеството. Дента кога присуствувавме на започнување на еден работен февруарски ден во Центарот, присуствувавме и на неколку часови од служењето на цивилниот воен рок на тројца млади луѓе. Дефектологот Виктор Борисовски, додека корисниците заедно седнати на масите изработуваа честитки и саксии за цвеќе, потенцира дека стручниот тим се труди секојдневно да реализира дел од предвидената индивидуална програма и преку групна активност.
“Таквиот принцип на работење е преземен од западните земји и навистина покажува големи резултати. Покрај другите работи, за овие четири години, успеавме да ги обучиме корисниците да го користат јавниот превоз. Во почетокот сите родители ги носеа и ги земаа децата, а сега 90 проценти од нив самостојно го користат превозот. Промените се гледаат, на почетокот можеби тешко се согледуваат, но ако се вратиме на тоа каде бевме на почетокот и каде сме сега, кај корисниците има напредок. Работиме на стекнување хигиенски навики, на стекнување вештини за манипулација со предмети, ориентација во простор, манипулација со пари и др. Реализираме и активности надвор од Дневниот центар, при што се запознаваме со одредени настани и активности, а и самата средина не запознава нас”.
Центарот е дел од урбан простор, околу и над него има станбени згради, кафулиња, продавници, секојдневна градска врева, атмосфера која ги надминува до скоро стереотипните претстави за изолирани објекти во кои треба да престојуваат лицата со интелектуална попреченост. Реформскиот процес на деинституционализација, превенција од институционализација што ја спроведува “Порака” е дел од секојдневната работа на неговите членови. “Тргнувајќи од 2000 година ‘Порака’ активно се вклучи во таа реформа, која се одвива на светско ниво и значи реализација на потребата големите резиденцијални институции постепено да се затвораат и да се создаваат можности за раслојување на повеќе локални единици. Во секоја од локалните заедници би требало да постои по еден сервис којшто дневно би ги опфаќал корисниците, а потребно е да постојат и сервиси за самостојно живеење, каде корисниците според нивните можности, со надзор и поддршка од стручен персонал, би живееле како семејство. Таквите сервиси кај нас с$ уште ги нема. Дневните центри се потребни за давање поддршка на семејствата, за опфаќање на лицата во текот на денот, можност семејството да добие време за себе, за создавање атмосфера на поуспешно семејно функционирање” - посочува Владо Крстовски, социјален работник и асистент на програмите.
Отворањето нови центри зависи од воспоставувањето соработка со државата, создавањето соодветен модел на партнерство, бидејќи своите активности “Порака” сега ги реализира по пат на проекти. Тие с$ уште добиваат формална поддршка од државата, која ја признава потребата од постоење на центрите, но не постои партнерски договор за финансирање на сервисната служба.
“Работиме на разбивање на предрасудите кои с$ уште постојат во општеството. Ако во западните земји можете насекаде да ги видите лицата со различен вид попреченост, секаде каде човекот активно се движи, кај нас тоа не е случај. Самото тоа ни зборува за затвореноста на нашето општество кон овие лица”, вели Василка Димоска, менаџер во “Порака”, во разговорот воден во Дневниот центар, истовремено обраќајќи му нескриено внимание на еден од корисниците кој & го покажуваше својот најнов цртеж. За неа, како и за другите членови на Порака, важно е и што покрај с$ граѓаните во земјава полека се отвораат и го прифаќаат присуството на лицата со интелектуална попреченост во општеството.
Последната кампања на “Порака” се води под мотото “Што е со моите права”, и во јавноста е присутна и преку медиумите на македонски и на албански јазик. Станува збор за кампања за поддршка на вработувањето на лицата со интелектуална попреченост, со која се свртува вниманието на јавноста за разбивање на предрасудите и несоодветниот третман на лицата со интелектуална попреченост на работното место и градење позитивна слика за потенцијалите и можностите на лицата со интелектуална попреченост како вработени лица. “Проблемот на вработувањето на лица со интелектуална попреченост беше посочуван од родителите и од самите лица, затоа сакавме да го изнесеме на површина и да помогнеме истиот да се разреши. Нашите целни групи се државата, работодавците и самите лица и семејства кои имаат член со интелектуална попреченост кој треба или го остварува правото на вработување. Позитивно е што работите почнаа да се отвораат и секој од своја страна да ги кажува неправилностите или слабите точки на Законот за вработување на инвалидни лица и неговото функционирање во нашата држава. Кампањата беше покриена не само на државно ниво, туку и нашите локални организации ги организираа своите активности” - потенцира Димоска. Во кампањата се бара правото на избор за вработување на лицата со интелектуална попреченост да биде поддржано од државата, со обврска за зајакнување на механизмот за следење и контрола на односот на работодавците кон вработените лица со интелектуална попреченост. “Порака” бара граѓаните да ги согледаат и признаат правата на лицата со интелектуална попреченост, работодавците да го подобрат пристапот и ставовите кон овој вид вработени лица, а донесувачите на одлуки да преземат иницијативи за измени на легислативата и политиката, обезбедувајќи соодветна реализација на правото на вработување на лицата со интелектуална попреченост во Р. Македонија.
Во рамките на кампањата “Што е со моите права” се бара и доследна примена на Правилникот за оцена на специфичните потреби на лицата со пречки во физичкиот и психичкиот развој. “Се случува во официјалните документи на Заводот за ментално здравје за оценување на специфичните потреби да биде напишано дека одредено лице има едукативна запоставеност, или е граничен случај, по што Бирото за вработување нема да го прифати лицето како лице со интелектуална попреченост и нема да може да се вработи по основите кои се дадени во Законот за вработување на инвалидни лица. Затоа бараме достојна примена на Правилникот, на членот 10 во него, а едукативната запоставеност и граничен случај, или с$ друго што не е застапено во Правилникот, да се не се употребува во официјалниот документ” - вели Владо Крстовски, објаснувајќи еден од деветте заклучоци, доставени до надлежните институции. И заштитните работни друштва се едни од целните групи во кампањата, заради создавање позитивна промена и овозможување правото на вработување на лицата со интелектуална попреченост во тие друштва да се остварува регуларно. Меѓу позитивните примери “Порака” го издвојува Заштитното друштво за вработување на инвалидизирани лица за услуги “Еко сервис” Скопје, бидејќи таму, потенцираат тие, лицата се ангажирани како што треба, ја работат работата за која се обучени и им прилега и добиваат соодветна плата. Драган Ружоњиќ, правник во “Еко-сервис” каде редовно се вработени осум инвалидизирани лица, меѓу кои и лица со интелектуална попреченост, ја поддржува кампањата “Што е со моите права” и смета дека државата мора да биде поефикасна во исполнување на своите обврски кон лицата, но и кон заштитното друштво. “Две години не сме ги добиле средствата кои ни следуваат од Агенцијата за вработување, иако го поднесовме потребното барање. Вработените лица имаат полно работно време, работат на ставање упатства за користење лекови, лепат декларации, а за таа работа добиваат плата од 8.200 денари и се добро вклопени во средината. Работиме за фирмата “Зегин” и сме формирани под нивна иницијатива. Редовно ги добиваме средствата за услугата којашто ја вршиме и сметам дека е многу е важно зад работата на заштитните друштва да стои силна фирма. Државата треба да има поголем респект кон лицата со физичка и интелектуална попреченост, да ги стимулира друштвата за нивно поголемо вработување, но и да ги олесни сложените бирократски процедури и спроведувањето на законските права” - вели Ружоњиќ.
|