Д Е К Л А Р А Ц И Ј А за изедначување на правата и можностите на лицата со интелектуална попреченост во граѓанското општество
1. Во законските и подзаконските акти, со кои се обезбедуваат правата на лицата со интектуална попреченост, се употребуваат различни термини како: лица со психички пречки во развојот; ментално ретардирани лица; ментално хендикепирани лица и слични термини.
Заради употреба на идентичен термин кој се употребува на европско и меѓународно ниво, потребна е промена на термините кои се застапени во регулативата и праксата во Р. Македонија. Наместо досегашните термини да се употребува терминот интелектуална попреченост, кој е усвоен во 2000 година на Генерално Собрание на Интернационалната Инклузија во Корк, Ирска.
2. Започнување активна кампања за подигање на јавната свест кај институциите на државно и локално ниво за прифаќање на лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства како рамноправни членови во граѓанското општество. Достоинството на лицата со интелектуална попреченост мора да биде во фокусот на оваа кампања. Владата на Р. Македонија да изготви Акциона програма која перманентно ќе овозможува информирање на граѓаните за проблемите и потребите на лицата со интелектуална попреченост. Прифаќањето на човекот како вредност, без етикетирање, е основен фактор за подигнување на јавната свест. Целосно учество на лицата со интелектуална попреченост на еднакво ниво со другите граѓани на Република Македонија.
3. Зголемување и развивање на поддршката за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства. Владата на Република Македонија треба да обезбеди социјална сигурност на лицата со интелектуална попреченост, преку остварување на правата од социјална заштита и обезбедување на услови за користење на постојана парична помош (Закон за социјална заштита чл.21) на лицата со умерени, тешки и длабоки попречености кои се прогласени за деловно неспособни. Ова право треба да се остварува по основ на попреченост, при што не треба да се земаат во предвид приходите и социо-економскиот статус на семејството. Надоместокот за скратено работно време, обезбеден преку Законот за социјална заштита (чл.33) да биде достапен и за родителот кој што не може да заснова работен однос поради грижата за своето дете со интелектуална попречност. Надоместокот за скратено работно време да изнесува 50% од просечниот личен доход. Обезбедување на посебен детски додаток и за децата со умерена интелектуална попреченост кои се вклучени во образовниот систем.
4. Обезбедување на услови за намалување на капацитетот и постепено затворање на постоечките институации преку креирање на алтернативни сервисни служби во местото на живеење. Системот за социјално осигурување мора да ја подржува интеграцијата на лицата со попреченост. Од голема важност е создавањето на мрежа од дневни центри каде лицата со интелектуална попреченост ќе се стекнат со одредени вештини за самостојно живеење. Истовремено треба да се работи и на подобрување на нехуманите и деградирачки услови во институциите и мора да се прифатат програми со јасни развојни цели.
За овој процес да биде одржлив од основна важност е да се обезбеди партнерство со невладините организации склучувајќи договори за материјално покривање на програмите кои се спроведуваат во алтернативните сервисни служби. Организациите на лицата со интелектуална попреченост и родителите треба да имаат значајна улога во мониторингот и контролата на овој транзиционен процес.
5. Владата на Република Македонија треба да обезбедува образование за сите лица со интелектуална попреченост. Образованието на децата и возрасните со интелектуална попреченост е основа за нивна успешна интеграција во сите области на животот. Правната регулатива мора да биде надополнета со соодветни ресурси и позитивни ставови во обезбедувањето регуларни и дополнителни образовни програми, вклучувајќи ги лицата со тешка и длабока интелектуална попреченост и за оние кои се сместени во институции. Владата и локалните власти мораат блиску да соработуваат со невладините организации за да дојде до неопходната квалитетна промена. 6. Правото на избор за вработување мора подеднакво да биде поддржувано од државата, со обврска за обезбедување на механизам за следење на односот на работодавачато кон вработените лица со интелектуална попреченост.
7. Подобрување на системот за здревствена и медицинска заштита и негово прилагодување за задоволување на здравствените и рехабилитационите потреби на лицата со интелектуална попреченост. Државата треба да обезбеди бесплатна здравствена заштита (прегледи, третмани и лекови) за сите лица со интелектуална попреченост. Воспоставување на Републички регистар за следење на децата родени со ризик фактор и развивање на мрежата на развојни центри како важен предуслов за рано откривање, дијагностика и ран третман на децата родени со ризик фактор. Матичниот лекар по потреба, да препорачува придружник при хоспитализација во болнички услови, без ограничување на возраста со цел да се оствари потребната здравствена заштита.
8. Во пописните листи за попис на населението да се додаде графа за попишување на член на семејство со интелектуална попреченост, заради воспоставување на точна евиденција и статистички податоци во Република Македонија.
Владата на Република Македонија да обезбеди неминовно координирање и коресподенција на правната регулатива од сите области за да се овозможи континуитет во остварувањето на човековите права на лицата со интелектуална попреченост во Република Македонија. |