среда, 05 јуни 2013

english version

Прва страница
Документи и публикации
Документи
Извештаи
Публикации
Водичи
НВО САЕМ
Настани
Галерија
Архива
Архива на онлајн вести
2003
2004
2005
2006
2007
2008
Адресари
Луѓе од граганскиот сектор
Проекти на граѓанските организации во Македонија
Адресар на верските заедници во РМ
Адресар на граѓанските организации во Македонија
Адресар на општини во Република Македонија
Билтен на МЦМС
Билтен за меѓурелигиска соработка
Перспективи
Граѓански практики
Контакт

ПЕЧАТЕНО ИЗДАНИЕ
Последно издание
Нарачка преку e-mail
Контакт
Архива
Коментар
Настани
Граѓанско општество
Деца
Студенти
Здравство
Животна средина
Календар
Прашања и одговори
Балкан-експрес
Европа
Свет
Тема
Репортажа
Интервју
Погледи
Претставување
Публикации
Историјат на граѓанското општество
Луѓе
Мобилизација на ресурси
Искуства од регионот
Избор






ONLINE ВЕРЗИЈА
ПЕЧАТЕНА ВЕРЗИЈА

  Документи

   

Девизни сметки и плаќања на здруженијата на граѓани и фондации 

1. ПОЗАДИНА

Во текот на мај 2001 година повеќе здруженија на граѓани и фондации примија писма од своите деловни банки во кои се известуваат дека согласно писменото толкување на Народната банка на Македонија тие не можат да имаат девизна сметка и затоа банката е присилена да ја затвори девизната сметка и евентуалното салдо да го откупи на девизен пазар. Во одделни случаи е дадено и дополнение дека идните девизни приливи ќе бидат директно откупувани од банката и дека за секое плаќање во странство е потребно да се поднесе одобрение од надлежниот орган (Министерството за економија), се додека тие не се усогласат со законските прописи и не се регистрираат за надворешно-трговско работење.
 
 
2. НАОД И АНАЛИЗА

2.1. Законска регулатива во однос на девизната сметка  
 
 Во моментот во сила во Република Македонија е Законот за девизно работење[1] (Службен весник на Република Македонија бр.30/93 и 54/2000), во понатамошниот текст: Законот.
Прашањето на девизните сметки на правните лица е регулирано во член 90 од Законот. Според овој член, правните лица можат да држат девизи на девизна сметка во овластена банка доколку вршат инвестициски работи во странство (член 90 став 1), држат консигнациски складишта на странска стока во Македонија (став 2), и имаат влог на странски вложувач во девизи (став 3).
Освен претходно наведените случаи, во член 90 став 4 од Законот стои дека "Домашните лица можат девизите кои ги остваруваат од извоз на стоки и услуги да ги држат во депозит кај овластените банки за работа во странство најмногу 180 дена[2], сметано од наплатата на извозот.".
Согласно член 27 став 2 од Законот (и член 70 став 1 точка 29 од Законот за Народна банка на Република Македонија), Народната банка има донесено Одлука за начинот на вршење на платниот промет со странство (Службен весник на Република Македонија бр.45/93 и 22/95), во понатамошниот текст: Одлуката[3].
Во член 6 од Одлуката стои дека крајниот корисник на наплатата, во рок од 4 работни дена од доставувањето на известувањето за приливот, е должен да ја извести овластената банка дека остварените девизи ќе ги:
- продаде на друго претпријатие или друго правно лице;
- продаде на овластената банка;
- депонира на девизна сметка кај овластената банка;
- користи за плаќања спрема странство.
Притоа, при описот на реализацијата на третата можност (депонирањето на девизна сметка), во став 4 од истата точка 4 на Одлуката, експлицитно се наведува: "Кога крајниот корисник ги депонира девизите согласно член 90 став 4 од Законот...". Значи, законската одредба за отворање девизна сметка е реафирмирана во смисла на тоа дека во моментот кога корисникот врши распоред на приливот, депонирањето на девизите на девизна сметка е можно само ако девизите се остварени од извоз на стоки и услуги.
Согласно точка 18 од Одлуката, гувернерот на Народната банка има донесено Упатство за вршење на платниот промет со странство бр.09-2/ИИИ од 25.07.1994, кое е подоцна дополнувано и изменето (во понатамошниот текст: Упатство) [4].
Точката 24 од Упатството го регулира депонирањето на девизната сметка и во неа стои: "Кога крајниот корисник девизите остварени со наплата од странство ги депонира на девизна сметка, писмено ја известува овластената банка...". Значи, за разлика од Одлуката, Упатството не содржи прецизирање за основот на стекнување на девизите како нужен предуслов за депонирање девизи на девизна сметка. Меѓутоа, заради супсидијарниот карактер на Упатството (види фуснота 3), ова изостанување не може да се толкува како елиминирање на условот за девизна сметка (остварување на девизите со извоз), кој е наведен во Законот и е реафирмиран во Одлуката.
Може да се шпекулира дека недостигот на такво прецизирање во Упатството и раширеното практицирање на институтот "девизна сметка", од страна на банките, во минатото кај сите случаи на девизен прилив упатуваат на првична интенција на неразграничување на извозниот прилив од другите приливи, односно дека законот е пишуван во време (почетокот на 90-ите) кога се сметало дека секој девизен прилив е по дефиниција поврзан со извоз на стоки и услуги. Индиректна потврда на тоа е што во Упатството правното лице што остварува девизен прилив е најчесто именувано како "извозник", односно Упатството имплицитно претпоставува дека девизниот прилив по правило се остварува со извоз.
..................................
[1] Oвој закон е на сила до 1 октомври 2001 година, од кога ќе биде заменет со новиот Закон за девизно работење (Службен весник на Република Македонија бр.34/2001).
[2] Овој лимит порано изнесуваше 90 дена и е покачен на 180 дена дури со промената на Законот во 2000 година.
[3] Генерално појаснување на тростепената легислатива во случајот со Одлуките и Упатствата на Народна банка: Законот определува и ограничува права и обврски. Одлуката (на Народна банка) поблиску го определува начинот на реализација на Законот, но не може ниту да одземе ниту да додаде нешто на правата и обврските определени со Законот. Упатството ги дава техничките детали на реализацијата на Одлуката и исто така не може да одземе или додаде право или обврска.
[4] Упатствата на гувернерот не се објавуваат во Службен Весник, туку само се дистрибуираат до инволвираните субјекти, најчесто банките.
 
 
 2.2. Законска регулатива во однос на надворешно-трговското работење
 
 
 Согласно Законот за надворешно-трговско работење (Службен весник на Република Македонија бр.31/93) член 8 „Органот надлежен за економски односи со странство може да одобрува на ...здруженијата на граѓани... да извршат поединечна работа во надворешно-трговскиот промет за свои потреби...” Во моментот надлежен орган е Министерството за економија.
Во праксата тоа ќе значи дека за секое поединечно надворешно-трговско работење ќе биде потребно одобрение од Министерството за економија. На пр., за вршење исплата за ангажиран странски обучувач ќе биде потребно такво одобрение. За истото треба да се поднесе барање, да се приложи договорот и да се плати административна такса (600 МКД).
 
 
 2.3. Законска регулатива во однос на девизните плаќања
 
 
 Во однос на работењето со девизи, во член 2 од Законот за девизно работење (Службен весник на Република Македонија бр.30/93 и 54/2000) стои:
"Плаќањето по тековни трансакции спрема странство се врши слободно".
Член 34 од Законот ја дава следната дефиниција на тековните трансакции:
Под плаќање по тековни трансакции со странство се подразбира плаќањето спрема странство заради вршење надворешно-трговската размена, вклучувајќи ги и услугите, отплатата на пристигнатите обврски по кредитите земени во странство, како и плаќањето на други тековни работи по кои не се врши трансфер на капитал во странство"
Јасно е дека надворешно-трговската размена е само една од основите по кои може да се врши плаќањето во странство, што значи дека регистрацијата за надворешно-трговски работи не може да претставува услов за извршување наплата во странство. Начелната одредба дека сите плаќања по тековни трансакции спрема странство се слободни е реафирмирана со отворената дефиниција на плаќањето по други тековни работи која е дадена на крајот на цитираниот член 34 од Законот.
Одлуката за начинот на вршење на платниот промет со странство (Службен весник на Република Македонија бр.45/93 и 22/95), како втор степен во регулирањето на платниот промет со странство, не содржи ниту една одредба која би значела ограничување на плаќањата во странство врз основа на видот на плаќања во странство и видот на правното лице кое го извршува плаќањето.
Упатство на Гувернерот за врќење на платниот промет со странство бр.09-2/ИИИ од 25.07.1994 (подоцна дополнувано и изменето). Шифрарникот на основи, кој е придружен дел на Упатството, ги дава и класифицира основите за наплати и плаќања од странство, кои се задолжителен дел на основните обрасци кои ги регулираат и плаќањата и наплатите од странство, а кои се декларираат од страна на домашните лица кои остваруваат девизни наплати и плаќања.
Во делот на плаќањата, во заглавието "г. Тековни трансфери", е даден основот 440 „Останати трансфери" кој е опишан и како "редовни придонеси во корист на добротворни, религиозни, научни и културни организации". Иако терминот "членарина" не е експлицитно спомнат, јасно е дека горната употребена фраза е речиси дефиниција на членарината. Заради тоа што оваа дефиниција се наоѓа во делот насловен со "тековни трансфери", може да се заклучи дека плаќањето на членарини е тековна трансакција која е дозволена согласно Законот.
Исто така, во делот на плаќањата, во истото заглавие "Тековни трансфери", е даден и основот 225 „Продадена ефектива и чекови за службени патувања", опишан како "продажба на ефектива и чекови на домашни лица кои патуваат во странство заради деловни цели (пр. испитување на пазар, трговски преговори, мисии, состаноци, владини претставници на официјални патувања, монтери и сл.)". Јасно е дека изразот "заради деловни цели" е само контрапункт на изразот "заради приватни цели" и дека пак не е поврзан со надворешно-трговското работење. Тоа е потврдено и во делот ИВ „Останата наплата и плаќања" од Упатството, каде што постои посебно заглавие "Службени патувања во странство" и каде што во целото детално регулирање на техниката на реализација на ваквиот основ на девизно плаќање не постои ниту една одредба која би ги ограничувала користењето на девизи за службени патувања во зависнот од видот на правното лице.
 
 
 2.4. Нов закон за девизно работење
 
 
 На 3 мај 2001 година, во Службениот весник на Република Македонија бр.34/2001 е објавен Законот за девизно работење. Членот 4 став 2 и 3 од овој Закон гласи:
"Резидентите можат да имаат странски платежни средства на девизни сметки или како девизни влогови кај банки во Република Македонија, овластени согласно Законот за банките.
Народната банка на Република Македонија го утврдува начинот на кој резидентите отвораат девизни сметки."
Дефиницијата на резидентите од член 2 на овој Закон, меѓу другото, опфаќа и "трговски друштва, трговци поединци и други правни лица со седиште во Република Македонија".
Согласно член 62, овој Закон "ќе отпочне да се применува од 1 октомври 2001 година."
Овој закон е исто така мошне јасен. Од 1 октомври 2001 здруженијата на граѓани и фондации ќе имаат законско право да имаат девизна сметка, без каква било дистинкција во однос на видот на девизниот прилив. Ова право не ќе може да се ограничи од страна на Народната банка при утврдување на начинот на отворање.
 
 
3. ЗАКЛУЧОЦИ

 
 3.1. Здруженијата на граѓани и фондации немаат право на девизно-депозитна сметка
 
 
 Законот за девизно работење е јасен. Ако ги исклучиме специјалните случаи од став 1, 2 и 3 од член 90 од Законот (инвестициски работи во странство, консигнациски складишта и странски влогови), на девизна сметка може да се депонираат само девизи остварени со извоз и увоз на стоки и услуги. Тоа истото е потврдено и во Одлуката за начинот на вршење на платниот промет со странство. Упатството за вршење на платниот промет со странство не го повторува тоа ограничување, но со тоа не се ставаат вон сила ограничувањата од Законот (и Одлуката).
Во секој случај, можноста за отворање девизна сметка не е поврзана со статусот на правното лице (здруженија на граѓани и фондации наспроти трговски друштва регистрирани за надворешно-трговско работење), туку со основот на девизниот прилив (извоз на стоки и услуги наспроти донации и слични приливи).
Ако независно од ограничувањата на Законот за здруженија на граѓани и фондации, а согласно член 8 од Законот за надворешно-трговско работење, здружение на граѓани или фондација добие одобрение за некој извоз од органот на управата надлежен за економски односи со странство, а подоцна тој извоз го изврши и наплати, тогаш девизите ќе можат да се депонираат на девизна сметка 180 дена. Ако здружението на граѓани (или дури и кое било трговско друштво регистрирано за надворешно-трговско работење) оствари девизен прилив по друг основ освен извоз, на пример донации, тогаш тој девизен прилив не може да се депонира на девизна сметка, туку може само да се искористи за плаќање во странство или продавање на овластената банка или друго правно лице во рамките на девизниот пазар на банката, и тоа во рок од неколку дена од доставувањето на известувањето.
 
 
 3.2. Здруженијата на граѓани и фондации имаат право да ги продаваат девизите на девизниот пазар
 
 
 Деловните банки немаат право да инсистираат дека тие се должни да ги откупуваат идните девизни приливи на здруженијата на граѓани и фондации. Здруженијата на граѓани и фондации можат сами да ги продаваат девизите на девизниот пазар, односно да ги користат за плаќање во странство[1]. Тоа тие можат да го сторат во рок од четири дена од приемот на известувањето за приливот (пропишан во точка 6 од Одлуката на Народна банка).
.......................................
[5] Одлуката за начинот на вршење на платниот промет со странство, во делот каде се опишуваат плаќањата во странство (точка 11), прецизира дека плаќањата во странство, освен со девизи купени на девизен пазар, се врши и со "девизи остварени од извоз на стоки и услуги (сопствени девизи)". Ваквото ограничување не е базирано на Законот за девизно работење и е донекаде контрадикторно на точка 6 од истата Одлука каде не е наведен дополнителен услов за распоредување на пристигнатиот прилив за плаќања во странство. Излезот е во толкувањето дека изразот "(сопствени девизи)" ги опфаќа девизите остварени по друг основ од извозот на стоки и услуги. Меѓутоа, постои можност одредени деловни банки ригидно да ја протолкуваат точка 11 од Одлуката и да одбијат да извршат плаќање спрема странство со девизен прилив кој не е остварен со извоз на стоки и услуги. 
 
 
3.3. Здруженијата на граѓани и фондации треба за секое поединечно надворешно-трговско работење да обезбедат одобрение од Министерството за економија
 
 
 
 3.4. Здруженијата на граѓани и фондации имаат право на тековни трансакции (членарини и дневници) без одобрение

 
 
 Освен во случаите каде што тоа е експлицитно наведено, како кај можноста за депонирање на девизи на девизна сметка, Законот за девизно работење го покрива вкупното работење со девизи на сите видови субјекти. Нема никаков основ девизните прописи исклучиво да се врзат за надворешно-трговското работење. Тековните трансакции, онака како што се тие дефинирани во Законот и подзаконските акти, се слободни, без оглед на тоа дали тие се однесуваат на надворешно-трговското работење. Членарините и дневниците за службено патување претставуваат тековни трансакции и се слободни за плаќање и од страна на здруженија на граѓани и фондации, без потреба од какви било дозволи од надлежниот орган за економски односи со странство. Тоа е потврдено и со фактот што Законот за надворешно-трговско работење (како и Законот за девизно работење) не содржи никаква одредба со кое некому се дава овластување да дава одобренија за такви трансакции.
 
 
4. ПРЕПОРАКИ

 

4.1. Да не се оспорува законитоста на затворањето на девизно-депозитните сметки туку да се сочека влегувањето во сила на новиот закон за девизно работење
 
 
 Оспорувањето на законитоста на инструкцијата на Народната банка во однос на девизната сметка би имала мали шанси за успех. Законот за девизно работење (од 1993 година) е можеби нерационален, но е јасен - правните лица, а не само здруженијата на граѓани и фондации, може да депонираат на девизна сметка само девизи остварени од извоз на стоки и услуги.
Од 1 октомври 2001 година наведените ограничувања нема да важат и здруженијата на граѓани и фондации ќе можат слободно да располагаат со девизна сметка кај банките кои се овластени за платен промет со странство. Тука е подобро да се сочека влегувањето во сила на новиот закон за девизно работење.
 
 
 4.2. Треба да се бара од деловните банки правото на продавање на девизи на девизниот пазар
 
 
 Бидејки деловните банки немаат право да инсистираат дека тие се должни да ги откупуваат идните девизни приливи на здруженијата на граѓани и фондации,  здруженијата на граѓани и фондации треба да бараат од деловните банки сами да ги продаваат девизите на девизниот пазар, односно да ги користат за плаќање во странство Тоа тие можат да го сторат во рок од четири дена од приемот на известувањето за приливот.
 
 
5. ПОСЛЕДНИ ПРОМЕНИ НА ЗАКОНСКАТА РЕГУЛАТИВА
   
 Најновите промени на регулативата за девизно работење од јуни/јули 2001 година значат понатамошно влошување на слободата на располагање со девизни средства од страна на сите субјекти, вклучително и здруженијата на граѓани и фондации.
Прво, рокот од кога ќе започне примената на новиот закон за девизно работење и слободното располгање со девизни сметки е поместен за три месеци, од 1 октомври 2001 година до 31 декември 2001 година. ("Закон за изменување и дополнување на Законот за девизното работење", Службен весник на РМ, бр.49/2001), при што станува збор за изменување на "новиот" Закон за девизно работење.
Второ, рокот за располагање со девизите депонирани на девизна сметка (од остварен извоз на стоки и услуги) веќе нема да се определеува со закон како досега, туку со одлука на Народната банка. ("Закон за изменување на Законот за девизното работење", Службен весник на РМ, бр.49/2001), при што станува збор за изменување на "стариот" Закон за девизно работење.
Трето, врз основа на новото овластување дадено со Законот за девизно работење, Народната банка има донесено "Одлука за држење на девизи во депозит" (Службен весник на РМ, бр.51/2001), која рокот на располагање со девизи остварени со извоз на стоки и услуги го скратува на 30 дена, од поранешните 180 дена дадени со Законот.
Овие измени се неповолни и заради тоа што оставаат можност за понатамошно устрожнување на регулативата, како преку понатамошни одложувања на отпочнувањето со примената на новиот, полиберален Закон за девизно работење, така и со понатамошни скратувања на рокот на располагање со девизи преку одлуки на Народната банка (кои можат многу побргу да се донесат во споредба со промена на Законот во Собранието). Токму префрлувањето на промената на рокот од законскиот текст во Одлука на Народната банка може да претставува интересна индикација дека е создадена резерва за идни промени на тоа поле. Доколку овој рок и понатаму се скрати, ќе се намали и основната разлика помеѓу трговските друштва кои вршат стопанска дејност и надворешно-трговско работење и здруженијата на граѓани и фондации, односно, условите за располагање со девизите ќе бидат подеднакво строги за двата вида правни лица.


Линкови
Граѓански организации и фондации
Медиуми
Институции
Регион и свет
Странски организации и претставништва во РМ
Сервиси
Огласи за обуки
Слободни работни места
Конкурси
























НОВОСТИ
Крај на почетокот
Тоа што треба да го изнесам во овој простор, не е вообичаениот став , туку коментар за последниот број на „Граѓански свет” во оваа форма.
Кампањата “Учиме за ЕУ”
Прашањето за уставното име на Македонија го засени интересот за Унијата
Што е Европска Унија? Кои се земјите членки на ЕУ? Која е целта на проширувањето на ЕУ? Кои се симболите и химната на ЕУ? Зошто е создадена Европската Унија? Ова се некои од прашањата кои им се поставуваат на основците и средношколците од 102 училишта во земјава, како дел од кампањата “Учиме за ЕУ”, којашто ја реализираат Секретаријатот за европски прашања во Владата и Министерството за образование и наука.
Реализирана најголемата еколошка акција кај нас
Македонија засади над два милиони садници
Над 2 милиони садници засадени во еден ден е апсолутниот рекорд кој го постигнаа граѓаните на Македонија на 12 март, Денот на дрвото. Во граѓанската акција “Ден на дрвото - засади ја својата иднина” учествува околу 200.000 граѓани, вклучувајќи ги и децата од градинките, учениците, студентите и дипломатите. Граѓанската акција за пошумување на Македонија од самиот почеток ја иницира еден од нашите најпознати уметници, оперскиот пејач Борис Трајанов, а вклучени беа и близу 170 познати имиња од јавниот живот, меѓу кои и Калиопи, Каролина Гочева, Индира Кастратовиќ, Бубо Каров и други.
Катерина Хаџи-Мицева
Кодекси на добро однесување
Кодексот на добро однесување се дефинира[1] како доброволен договор помеѓу неколку организации со заеднички интерес, за одредени принципи или стандарди на однесување, коишто даваат насоки, или пак се обврзувачки за организациите, развиен преку заедничко учество и соработка во донесувањето. Бидејќи кодексот е механизам кој се донесува доброволно и е вид на саморегулирање, начинот на неговото спроведување мора однапред да биде одреден и механизмите треба да бидат вградени во кодексот
Граѓанска организација Англунипе - Тетово
Факултативната настава на ромски јазик - препознатлива активност
Граѓанската организација „Англунипе” од Тетово дејствува во областа на развојот на образованието на ромската популација и на човековите и материјалните ресурси на Ромите во земјава. Се залага за вклучување на Ромите во институциите на системот, за надминување на проблемите на заедницата на локално и на национално ниво. Освен програми за образование, спроведува и програми за развој на економските ресурси и за унапредување на правата на децата Роми и на жената Ромка
Донација
Нов парк од Космофон за штитениците на заводот во Демир Капија
Специјалниот завод за лицата со посебни потреби во Демир Капија доби нов спортско-рекреативен парк, донација од компанијата Космофон. Паркот е изграден во дворот на заводот на површина од 280 метри квадратни. Неговите штитеници ќе можат да се рекреираат на игралишта за ракомет и мал фудбал, во посебниот дел со нишалки, патеки од павер-елементи и фонтана, а целата околина е засадена со зеленило
Проект на Биосфера од Битола
Уреден дворот на Домот за доенчиња и мали деца
Во изминатите седум месеци Центарот за едукација и заштита на животната средина и природата Биосфера од Битола работи на проектот “Со љубов за нашите деца”, чија цел е прибирање средства од локални извори за просторно уредување на дворот на Домот за доенчиња и мали деца во Битола
Еколозите против нанотехнологијата во прехранбената индустрија
Еколошката групација “Пријатели на планетата Земја” (ФОЕ) повика да се воведе мораториум на користењето на нанотехнологијата во прехранбениот синџир, укажувајќи дека недоволно е истражено влијанието врз човековото здравје и природната средина
 

©MCMS - designed by KOMA