Средба на мрежата- Наследството на југоисточна Европа
Културното наследство се злоупотребува во политички и идеолошки цели
Претставниците на регионалната мрежа СЕЕ Херитиџ (СЕЕ Херитаге) - Наследство на југоисточна Европа, летово (од 2 до 4 јули) имаа работна средба во Македонија, во рамките на која во Скопје се одржа јавна дебата на темата „Културното наследство и неговата злоупотреба во политички и идеолошки цели”, а во Охрид претставниците на вмрежните организации ги презентираа новините од регионот, како и содржината на интернет-страницата на СЕЕ Херитиџ (СЕЕ Херитаге).
Средбата се реализира со поддршка на мрежната програма Исток-Исток: Партнерство преку границите, на Институтот отворено општество, Њујорк, во организација на ФИООМ во име на мрежата во која членуваат здруженија на граѓани од Македонија, од Босна и Херцеговина, од Албанија, од Црна Гора и од Србија, а во регионот работат на заштита и промоција на културното наследство.
На јавната дебата „Културното наследство и неговата злоупотреба во политички и идеолошки цели”, одржана во Културниот центар „Мала станица”, вниманието на учесниците, претставници на невладини организации, но и на државни и културни институции, го привлекоа излагањата на воведничарите д-р Вјеран Катунариќ од Филозофскиот факултет во Загреб, на Небојша Миликиќ од Културниот центар Рекс од Белград и на д-р Лазар Шуманов, претставник на Националниот комитет на ИКОМОС.
Целта на дебатата беше да се издигне свеста за проблемот на користење на наследството во остварувањето на дневнополитичките агенди, верските, идеолошките и другите мотиви, проблем што се јавува с$ позачестено во регионот и кој доведува до заострување на односите меѓу народите и државите. „Староста на нацијата: од академски дискурс до културен туризам”, беше темата на која говореше Катунариќ, според кого културното наследство како дел од колективната меморија не треба да се злоупотребува за политички цели, но и да се брише и менува. „Наследството треба да се употребува со големо внимание кога се посочува дека е национално, за да не биде примено во негативна и политичка конотација” - посочи Катунариќ, говорејќи за дел од актуелните злоупотреби, присутни не само во регионот, туку и во светот, воопшто. Тој потенцира дека наследството се користи во постигнување националистички цели, во привлекување туристи, но и дека во светските музеи неправедно се прави разлика меѓу наследството на големите и мали нации и укажа на потребата од актуализирање на градењето интеркултурализам, кој треба да произлезе од судирот меѓу присутниот империјализам и национализмот во светот, кој се потпира и врз користењето на културното наследство. Впечатливата презентација на Небојша Миликиќ на темата „Економија на етнизацијата: зголемениот интерес за етничката компонента на културното наследство”, содржеше и актуелни примери од Србија, од Романија и од Грузија. За него инсистирањето на презервација и реконструкција на културното наследство има своја проблематична политичка и економска димензија.
„Зголемувањето на идентификацијата со етничкото наследство и неговите манифестации во откриениот и повторно откриениот фолклор, на вознемирувачки начин кореспондира не само со општиот пораст на етничка нетрпеливост, туку и со невеселата економска и политичка ситуација статус кво, не само во регионот, туку и во дел од светот” - смета Миликиќ.
Присутните преку излагањето на Лазар Шуманов беа запознаени и со содржината на т.н. Охридска декларација за заштита на културното наследство и природните катастрофи, донесена по воениот конфликт во 2001 година. Шуманов говореше за релацијата меѓу културното наследство и „катастрофите”, предизвикани од човекот, осврнувајќи се и на уништувањето на дел од културното наследство за време на воениот конфликт, но и за деструкциите предизвикани од невнимание и необрнување грижа за вредностите од минатото.
На средбата во Охрид членовите на мрежата дискутираа за нејзиниот манифест, за критериумите за членство, за своте идни активности, како што е прибирањето средства, промовирањето на активностите, а се постигна договор и за теми за следната средба.
К.Б.
|
|