погледи
ОСНОВНИ ЕТИЧКИ ВРЕДНОСТИ ВО ДЕЈСТВУВАЊЕТО НА ГРАЃАНСКИТЕ ОРГАНИЗАЦИИ
Во современото доба на демократија и либерализам с$ повеќе се говори за етиката како насока во живеењето со помош на којашто не само што се создаваат услови за опстанок на човекот, туку и се унапредува квалитетот на неговиот живот. Во обидите за унапредување на човечкиот живот, преку вистинскиот извор на вредностите, активно се вклучуваат и граѓанскит организации. Во своето дејствување истите се раководат од одредени етички вредности, а нивната реализација станува концепција за активноста во граѓанскиот сектор. Тоа се благородните идеи на човештвото - соработката, слободата, правата, достоинството, мирот..., - вредности без чие застапување и ефектуирање не е можно да се достигне целта на животот денес, а уште повеќе добри услови за живот на оние коишто доаѓаат. Затоа, во основата на дејствениот механизам на граѓанскиот сектор, а и поединечно кај секоја граѓанска организација, за основа се земаат добро профилирани и избрани вредности според кои се раководат тие, но според кои и се оценува нивната активност.
Можеме да извлечеме неколку основни вредности во нивното дејствување, а кои истовремено се смисла на нивното сопствено постоење: активизмот како прв импулс-двигател на процесот, соработката како нужен предуслов во креирањето и ефектуирањето на напорите за подобро сплотено човештво, филантропијата како израз на човештината и значаен дел од процесот на обединувањето на луѓето, и секако волонтерството како експресија на филантропските идеи за заемно помагање.
Во денешно време, во секој сегмент, во секое дејство, во секоја размисла треба да се има активен пристап за животот, светот, за стварите. Се работи за еден нов вид на активизам - свртување на човекот кон решавањето на проблемите. Моментот на ангажирање не значи слепо препуштање на околностите, туку активно учество во животот, во срцевината на нашата егзистенција.
Активизмот е можен преку основната концепција на меѓусебна соработка меѓу сите луѓе. Во рамките на граѓанскиот сектор, водени од вредноста “соработка” создаден е поимот “чадор-организации” за да се означи градењето коалиции и унапредувањето на соработката меѓу граѓанските организации. Еден таков тип е и Светската асоцијација на невладини организации - ВАНГО (ЊАНГО) како интернационална членска организација којашто им помага на грашанските организации низ ширум светот во надминувањето на конфликтните решенија и моралните солуции во однос на итните глобални, национални и социјални проблеми.
Со соработката нужно е поврзан еден поим којшто денес се наметна како неодминлив во секојдневната комуникација меѓу луѓето - “филантропија”. Се работи за единствениот мотив и цел кои се оправдани за крајно посветување. Истиот има три форми кои на различен начин ги претставуваат чувствата и посветеноста на личноста. Од нив само една форма, во смисла на општа љубов за целиот свет, е основа на денешното сфаќање на филантропијата.
Напоредно со него се врзува и поимот “волонтерство”, како очекуван начин на учество и контрибуција кон подобрувањето на општеството насекаде. Волонтерството и контрибуцијата на заедницата се крвоток на многу организации коишто се потпираат на поддршката од заедницата, богатите индивидуалци и фондации коишто ја финансираат нивната работа.
Со создавањето нови врски, ковањето нови пријателства и учењето за важноста на отвореноста, почитта, толеранцијата и заедничкото разбирање, се создаваат нужните предуслови за заедничко живеење во мир и благосостојба, се одржува добриот живот и се врши негово унапредување. Токму тоа е главната интенција на граѓанскиот сектор. Затоа толку многу се инсистира на промовирањето на овие вредности како норми и концепции во дејствувањето, притоа подигајќи го нивото на свест кај сите од нас дека само заеднички можеме да го достигнеме она што е наш идеал. Истовремено, истите вредности се земаат и како инспирација за дејствувањето на граѓанските организаци, но и како нивни критериум за оценување.
м-р Дејан Донев (авторот на текстот е демонстратор по етика на Филозофскиот факултет - Институт за филозофија и секретар во НВО “Центар за етика”)
|
|