СТО ГОДИНИ ГРАЃАНСКИ АКТИВИЗАМ ВО МАКЕДОНИЈА
Век на борба за идентитет и за демократија
Сонот изразен уште со Крушевскиот манифест - држава во која рамноправно ќе живеат Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите и сите кои имаат корени на ова тло, се оствари. Во колкава мера тоа беше остварено благодарение и на граѓанската иницијатива, е прашање кое сакавме да го зачнеме со овој текст, и можеби да провоцираме исцрпно истражување на оваа тема Маријана Иванова
Зарем не почна се’ од оние групи интелектуалци кои се собираа околу Даме Груев, Гоце Делчев, Петар Поп-Арсов и други, и разговараа за големиот копнеж за македонска државност, барем накусо за првпат остварен на Илинден 1903? И уште пред тоа, од гимназијалците Ѓорче Петров, Пере Тошев и нивните другари, кои креваа бунтови “против језуитскиот систем на воспитание”? Или од занаетчиите, кои им се придружија на младинците во бунтовите против Егзархијата?
А можеби се’ почна уште порано, кога таканаречената Словенско-македонска книжевна дружина на Ѓорѓи Пулевски си постави за цел да ја прероди народната „рајата“ и „ѓаурите“, кои полека но сигурно, со комитските акции ја втемелуваа идејата за слободна македонска држава и го градеа идентитетот на македонскиот народ.
Прославата на стогодишнината од големата македонска епопеја за сопствениот идентитет не’ наведе да размислуваме во таа насока - колку во борбата за македонската државност имала влијание поттикнувачката сила на граѓанската иницијативност. Ако нештата ги гледаме пошироко од рамката која ја нудат архивите и историчарите, во иницијаторите и поттикнувачите на реализацијата на тој копнеж, кој одамна тлеел во душата на македонскиот човек, лесно можеме да препознаеме граѓански активизам.
Моќта на самоницијативноста
Тајните друштва и кружоци, кои како своевиден пандан на сегашните граѓански здруженија, се формирале во текот на 18-19 век, нужно биле ориентирани околу тогаш најсуштинското прашање - создавањет држава на Македонците и ослободувањето од аспирациите нивната земја и самите тие да се претстават како Бугари, Срби или Грци. Младите Македонци кои кон крајот на 19 век студирале во Софија, собрани околу Петар Поп-Арсов и Ѓорѓи Баласчев ја создале „Младата македонска книжевна дружина“, која го издавала весникот „Лоза“, денес познат како пропагатор на македонскиот јазик, употребувајќи ги неговите елементи и особености кои јасно го разликувале од бугарскиот јазик. „Лозарите“ всушност биле граѓани активисти, собрани околу неколку граѓански лидери, кои спроведувале своја, јасно определена цел. Тие се стремеле да го реализираат својот проект кој бил чекор кон отварувањето на нивната визија.
Принципот на кој функционирале тие друштва не се разликува од оној на кој функционираат друштвата каде било и кога било - сите тие претставуваат форми на здружување на граѓанските идеи, енергија и желби да променат и подобрат нешто од, помалку или повеќе, широк општествен интерес. Клучните зборови - активисти, лидери, цел, проект, визија - се дел од препознатливата терминологија на граѓанските здруженија.
Кузман Шапкарев самоиницијативно го собирал фолклорното наследство на Македонскиот народ. Истото го правел уште еден голем граѓанин - Марко Цепенков. Галичанецот Ѓорѓи Пулевски, пак, се нафатил со тешка работа и издал речници, граматика и песнарки на македонски јазик. Со својата граѓанска иницијатива, тие, како и многумина други, придонеле во јакнењето на самодовербата и градењето на идентитетот на Македонкиот народ.
Сите овие иницијативи воделе неминовно кон 1903-тата и нејзината најголема придобивка - Илинденското востание и краткотрајната, но голема Крушевска Република.
Младински активизам
Ако Илинденското востание можеме да го сметаме како плод на граѓанска иницијатива, а Гоце Делчев, Даме Груев, Јане Сандански, Крсте Петков Мисирков, Ѓорче Петров, Никола Карев, Петар Поп-Арсов, Пере Тошев и многумината други, како граѓански лидери, тогаш граѓанското движење полека струи и по крваво задушеното востание.
Неминовно, во периодот пред и по Илинденското востание, граѓанските здруженија имале политичка обоеност. Слично како што денес граѓанските здруженија се стремат кон општествени промени - демократизација на општеството, социјална правда, добро владеење, интеграција на маргинализираните групи, помирување и соработка, тогашните активности биле насочени кон клучни промени, но во тоа време тие најчесто можеле да се изведат со политички методи, или пак по револуционерен пат.
Такви биле и социјалистичките групи на Васил Главинов, Димо Хаџи Димов и многу кои ги обединувале и мотивирале работниците, кои организирале штрајкови, барајќи социјална правда. Никнувале синдикатите на чевларските, металските, трговските, шивачките и другите синдикати, кои ги застапувале правата на работниците. Бурната историја довела до Младотурската револуција со нејзиниот релативен мир во кој се јавило значајно културно-просветно движење, се формирале многу учителски друштва културни здруженија, се развила печатарската дејност. Балканските војни, со Лондонската мировна конференција и, особено, Букурешкиот мировен договор, донеле повторно големо разочарување за македонскиот народ и за другите етнички групи кои живееле на овие простори.
Настапила и завршила Првата светска војна, а периодот меѓу двете светски војни го обележува младинскиот активизам. Младите работници и студенти формирале повеќе синдикални, културно-уметнички и спортски друштва. Во нив се ширеле социјалистичките идеи кои подоцна стануваат стожер на една силна струја, со напредни и авангардни млади интелектуалци. Тие постојано, како црвена нишка го провлекуваат македонското национално прашање, кое најсилно се изразува во организацијата составена од студенти и млади интелектуалци - познатата МАНАПО (Македонски народен покрет), каде се јавува силна антифашистичка активност.
Втората светска војна е повторно во знакот на силна граѓанска активност. Партизанската борба, иако политички водена, е поддржана од широкото граѓанство. Граѓаните на најразлични начини се вклучиле во ослободителната и антифашистичка борба, која конечно доведе до копнежот - македонска држава. Сонот изразен уште со Крушевскиот манифест - држава во која рамноправно ќе живеат Македонците, Албанците, Турците, Власите, Ромите и сите кои имаат корени на ова тло, се оствари. Во колкава мера тоа беше остварено благодарение и на граѓанската иницијатива, е прашање кое сакавме да го зачнеме со овој текст, и можеби да провоцираме исцрпно истражување на оваа тема.
|