Проект на УНДП
Национална рамка за милениумски цели на развојот
Во рамките на проектот “Милениумски цели на развојот на Република Македонија”, на почетокот на ноември се одржа тематски форум за животна средина како рамка за консултации во областа на животната средина. Милениумски цели на развојот (МЦР) е листа од цели, потцели и индикатори кои заедно претставуваат рамка за мерење на прогресот, како и рамка која на сите страни им овозможува да ја споделат одговорноста за заедничките цели. Целта на проектот, поддржан и финансиран од УНДП, е да се поддржат активностите на Владата на Македонија за создавање национална стратешка развојна рамка базирана на обврската за постигнување на миле-ниумските цели на развојот и перспективата на Македонија. Проектот го промовира сеопфатното разбирање на сиромаштијата во сите нејзини димензии, а во глобален контекст меѓународната заедница е определена да соработува и да го промовира намалувањето на сиромаштијата, согласно со Милениумската декларација на ООН, донесена во септември 2000 година. Македонија, како потписник на декларацијата, треба до крајот на годинава да изработи национална рамка за милениумски цели на развојот. УНДП ќе го помогне процесот на пошироки консултации за развојните приоритети низ организирање поширока јавна дебата за стратешките цели на развојот на Македонија.
- Главна цел на изработката на националните извештаи за милениумските цели на развојот е редуцирање на сиромаштијата и овозможување одржлив развој. А проблемите со животната средина се многу значајни бидејќи најмногу ги погодуваат токму сиромашните категории, вели Бригите Кухар, советник за милениумски развојни цели во УНДП.
С.Н
|