ЛУЃЕ: Филип Стојановски
 
Не (се) лажете

Професионално искуство:
Пред да ги завршам студиите по информатика, имам работено како попишувач, преведувач, презентер на саем, администра­ти­вен асистент, веб-дизајнер... а по дипломирањето, како уред­ник на веб-магазини, систем и интернет-организатор, аналитичар од областа на информатичкото општество и програмски координатор.

Ангажирање во граѓански сектор:
Во текот на студиите на УКИМ бев активен член на европската студентска организација АЕЖЕЕ (АЕГЕЕ). Во 1997 г. заедно со неформална група пријател(к)и-модемџив(к)и организиравме акција за добивање поповолни услови за пристап на интернет од провајдерите, што успеа 100% кај еден од нив, а повлијае и на другите. Во наредните години учествував во работата на неколку НВО, претежно ориентирани кон ширење знаења и толеранција, како МАСА и Агора. Професионалните ангажмани со ФИООМ и со МЦМС ми овозможија доброволно учество и во активностити вон описот на работните места, а кои ги сметав за исклучително важни и полезни, како активностите против фајромизацијата.

Хоби и интереси:
Моментално, хоби ми е блогирање. Повремено ставам забелешки на мојот блог Развигор (http://razvigormk.blogspot.com).

Најтешка одлука:
Онаа панкерската: дали да останам или да си одам, во разни контексти.

Амбиции:
Минимизирање на стресот, максимизирање на ефективноста, постигнување рамнотежа на желбите и обврските. Фаќање ритам за редовно вежбање.

 

Во слободното време чита:
Научна фантастика, палеонтологија или психологија - најдобро кога се комбинирани, како во книгата „Хоминиди” на канадскиот писател Роберт Џ. Сојер, која тукушто ја прочитав. Редовно купувам и „Алан Форд” и „Стрипотека”.

Каде оди во слободното време:
Најчесто во дневната или низ чаршија - по потреба. Излегување преку ден на кејот, навечер по кафулињата низ Дебар Маало, понекогаш во кино.

За време на викендите:
Понекогаш во посета на големи водени површини (треба почесто).

Кој национален/локален проблем го смета за особено важен и зошто:
Нашата неоснована ароганција, која не спречува да се осознаеме и себеси и светот околу нас, што е основа за решавање на сите проблеми.

Кој глобален проблем го смета за особено важен и зошто?
Негрижата за уништувањето на животната средина и биодиверзитетот, незаинтересираноста за климатските промени.

Што би променил во Македонија и во светот:
За жителите на Македонија -  полесен пристап до море и можностите што ги нуди глобалната економија. За светот - исполнување на Милениумските развојни цели.

Совет/порака:
Не (се) лажете.

Никогаш не би можел:
Да сметам дека нема потреба да се сослушаат и другите.