Проект: Жените го можат тоа
Како до поголема застапеност на жените во медиумите?
Регионалниот проект “Жените го можат тоа” којшто се реализира во Македонија, во Албанија, во Босна и Херцеговина, во Србија и Црна Гора и Косово се имплементира со помош на Норвешката лабуристичка партија на жените, како и со учество на Народната помош на Норвешка.
Долгорочните цели на проектот се да се зголеми влијанието и учеството на жените во развојот на општеството, додека целите кои треба да се реализираат што побргу се да се зголемат политичките вештини на жените, како и да се зголеми мотивацијата на жените да ги преземат одговорностите и одлучувачките позиции во јавниот и политичкиот живот.
Резултатите на проектот “Жените го можат тоа” кој се имплементира од 2001 година во координација со “Гендер Таск Форце” на Пактот за стабилност ја докажаа оправданоста од постоење еден ваков проект. Проектот е фокусиран на учество на жените во локалната власт, влијанието на жените во политичките партии, учеството на жените во медиумите и нивното влијание во креирањето на јавното мислење, како и на учество на жените во бизнисот.
Кога се зборува за делот на проектот кој се однесува на жените во медиумите, тогаш мора да се напомене дека општата забелешка е дека во последните петнаесетина години (значи, по падот на социјализмот), бројот на жените во медиумите постојано расте, но нивното учество во уредувачкиот дел не е пропорционално со бројот на жените вработени во медиумите.
Останува отворено прашањето дали поради тоа што мажите (главно) ја креираат уредувачката политика на големите медиумски куќи или поради нешто сосема друго, темите за жените и нивните вистински проблеми, како и улогата на жените во општеството, не се доволно присутни во медиумите.
Медиумите покажуваат индиферентност кога се во прашање активностите на жените и нивните цели, како и нивните напори да се подобри положбата на жените во општеството и да се зголеми нивното учество во политичкиот и во јавниот живот. Целите во овој дел на проектот се: да се достигне ефикасна и продуктивна соработка помеѓу жените во медиумите и женските асоцијации, да им се помогне на жените во медиумите да достигнат повисоки позиции и да се обезбеди поддршката на жените за време на кампањите и активностите за подобра положба на жените во општеството.
Целни групи се: жените кои работат во медиумите, жените кои се одговорни за контакти со јавноста во граѓанските организации и жените кои се активистки во женските асоцијации. За да се достигнат целите, беа организирани повеќе тренинзи за тренери, како и работилници со жени кои работат во медиумите за нивно сензибилизирање за женски прашања и препознавање на темите кои се битни за жените и за нивната поодговорна улога во општеството. Во Србија, во ноември 2004 година, се одржа тренинг за тренери од Југоисточна Европа на кој тренерите од проектот “Жените го можат тоа” беа упатени како да влијаат на разбивањето на стереотипите за жените во медиумите, односот на жените во политиката и медиумите, а беа разгледувани и стратегии за поголемо учество на жените во креирањето на уредувачката политика. На овој тренинг, тренерите беа од Женската инфотека од Загреб. И додека ова беше една од регионалните активности, секоја од земјите даде свој придонес во развивањето и достигнувањето на целите од овој дел на проектот.
Во Македонија , во организација на Сојузот на организациите на жените на Македонија, во февруари се одржаа десет семинари на кои учествуваа жените од медиумите, и тоа во Скопје, во Битола, во Кочани, во Куманово, во Пробиштип, во Тетово, во Охрид, во Струга и во Струмица. Првите резултати на регионално ниво покажуваат дека учесниците на семинарите сметаат дека овој вид семинари се многу корисни, особено што на некои од семинарите учесници беа и мажи кои се уредници во своите медиумски куќи, така што семинарите беа прилика одблиску да се запознаат со работата на женските организации, како и за половите и родовите прашања, што во иднина ќе обезбеди и поголем простор за женските активности во медиумите.
|