ВИТРА
Спречување на трговијата со луѓе
Во организација на Фондацијата ВИТРА (Визија, иницијатива, творештво, развој и афирмација), од 24 до 26 мај, 2002 г. во Охрид, се одржа семинарот „Спречување на трговијата со луѓе”, на кој присуствуваа 35 претставници од невладиниот сектор, електронските и пишаните медиуми, како и експерти од оваа област. Семинарот го водеа проф. д-р Љупчо Арнаудовски и проф. д-р Трпе Стојановски. Семинарот претставува логично продолжување на препораките на работната група „Женски права човекови права” што се одржа во рамките на Втората меѓународна конференција „Жената во 21 век: Улогата на жената во развојот на демократијата во југоисточна Европа„, минатиот месец.
Со цел да се покрене јавното мислење и да се развие свесноста за постоењето на проблемот со трговијата со луѓе, при што особено се загрозени жените, учесниците на семинарот работеа на темите: Трговијата со луѓе како посебен облик на организираниот криминал; Сексуалноста и сексуалната девијација, проституцијата и криминалитетот; Феноменолошки и криминолошки карактеристики на организираниот криминал; Трговијата со луѓе низ меѓународните документи, со осврт на Протоколот за превенција, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе; и, Програма за акција против трговијата со луѓе.
Присутните се сложија дека криминалитетот "трговија со луѓе", неговото превенирање и сузбивање е работа на државните институции и бара нивно подобро организирање и соработка. Постојната македонска легислатива не е целосно хармонизирана за да овозможи ефикасно спречување и сузбивање на органзираниот криминалитет, вклучително и на трговијата со луѓе. Невладините организации и медиумите имаат значајна улога во јакнењето на свеста за опасностите што се јавуваат од "трговијата со луѓе" во насока на нејзина превенција и сузбивање. Исто така беше истакнато дека билатералната и регионалната соработка меѓу државите, особено регионалната соработка на невладиниот сецтор, претставуваат прва и многу значајна фаза за превенцијата и сузбивање на трговијата со луѓе.
Заклучоците од семинарот "Спречување на трговијата со луѓе" се доставени до медиумите, до невладините органзиации, до државните институции и служби и до меѓународните агенции.
Покрај овој семинар, на кој присуствуваа креаторите на јавното мислење, ВИТРА, во почетокот на јуни, ќе организира работилница за професионално ангажираните лица во третманот на проблемот со трговијата со луѓе од Министерството за внатрешни работи, од јавното обвинителство, од судовите и од службите за социјална работа.
Л. Алчева-Јовановска
|