Трибина на “Нов живот” од Штип

Животот со дијагноза “рак на дојката”

Здружението за борба против малигни заболувања “Нов живот од Штип, на 24 јуни 2004 година, одржа трибина со која го означи крајот на спроведувањето на проектот “Да се научи да се живее со дијагнозата рак на дојката”.

Целта на трибината беше да се влијае на медицинскиот персонал да го промени својот однос кон заболените од малигни заболувања, посебно болните од рак на дојката и да се поттикнат жените што поредовно да ги прават контролните прегледи бидејќи, според досегашните искуства, единствениот начин да се победи ракот на дојката е неговото рано откривање.

Трибината беше поделена во два дела. Во првиот беше промовирана публикацијата “Мојата приказна” којашто ги пренесува животните приказни на 10 жени кои се соочиле со дијагнозата “рак на дојката”.

“Чувствувам дека сега го направивме вистинскиот чекор за да допреме до жените кои имале или имаат рак на дојката”, вели претседателката на “Нов живот”, Виолета Ефтимова. “Дискусијата започна спонтано и неформално”, вели Ефтимова, “и беше навистина тешко во одредени моменти да се сопрат солзите испровоцирани од животните приказни на присутните. Мислам дека тие сфатија колку е важно да не ја кријат болеста и да го надминат стравот дека средината ќе ги отфрли затоа што имаат рак.”

На повеќе од 70 жени присутни на трибината им беше презентиран филмот за чекорите за вршење на самопрегледи на дојките. Овој видеоматеријал за прв пат се прикажува во Македонија и е обезбеден преку Министерството за здравство од едно здружение за борба против малигни заболувања од Љубљана, Словенија. Филмот ја пренесе основната порака: “Не плашете се да ги прегледате вашите дојки барајќи болест - прегледајте ги и потврдете го вашето здравје!”

                                                                                                 Г.Ј.