Истражување
Младите во Македонија очекуваат подобра иднина
Младите во Македонија ја поддржуваат либералната економија, пазарната моќ и интернационализмот, а тоа го покажува и фактот што најголема доверба им укажуваат на банките и на меѓународните организации, додека најмалку им веруваат на политичките партии, на Владата, на претседателот и на парламентот. Најголем дел од македонската младина смета дека има просечни услови за живот, со очекување дека во иднина условите во Македонија ќе се подобрат. Но, иако очекуваат подобра иднина во својата земја, дури 35 отсто од испитаните млади на возраст од 18 до 30 години одговараат потврдно на прашањето „дали сте размислувале да се иселите од Македонија”, а на истото прашање одговорот „можеби” го дадоа 39,6 отсто од испитаниците. Како главна причина за емиграција од Македонија младите ја наведуваат економската ситуација за која повеќе од половина од испитаниците се изјасниле дека е лоша, без услови за вработување.
Ова се дел од резултатите на истражувањето за очекувањата на младите во Македонија што го спроведе германската фондација „Фридрих Еберт” и Институтот за демократија „Социетас цивилис” (Социетас Цивилис). Во истражувањето, кое е направено во мај минатата година, учествуваа 1.197 испитаници на возраст од 18 до 30 години.
Само мал дел од младата популација (15 отсто ) смета дека Македонија се движи во вистинска насока, додека 35,7 отсто се изјасниле дека земјата се движи во погрешен правец. Загрижувачко е и незадоволството на младите од постојниот систем на образование. Дури 87,9 проценти од анкетираните сметаат дека на нашето образование му е потребна темелна реформа, а само 17,4 проценти своето школување целосно би го довериле на домашните високообразовни институции. Останатите би сакале, доколку имаат можност, високото образование или дел од високообразовниот процес да го завршат во странство, при што најпопуларни дестинации се универзитетите во земјите на ЕУ и универзитетите во САД.
По повод објавеното истражување за очекувањата на младите беше организирана и трибина на која учествуваа и пратеничките Радмила Шеќеринска и Теута Арифи. На трибината еден од главните заклучоци беше дека најитни се реформите во образованието бидејќи младите се видно незадоволни од постојниот образовен систем.
М.К.
|
|