МРЕЖА ЗА ГРАДЕЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ

Координација и соработка меѓу партнерите на Југоисточна Европа

Првиот состанок на партнерите на мрежата за градење капацитети, во организација на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) се одржа од 18 до 21 април годинава во Охрид. Мрежата за градење капацитети е една од трите мрежи организирана од Светскиот совет на црквите во рамките на програмата Југоисточно екуменско партнерство (СЕЕЕП). Покрај оваа, формирани се и мрежите: Мир и помирување и Враќање и репатријација на бегалците. Целта на оваа програма е да се зајакне координацијата и соработката меѓу партнерите од Југоисточна Европа и поцврсто поврзување на активностите за основната помош, помирување и развој.

На состанокот се разговараше за можностите и формите на соработка меѓу партнерските организации во насока на зајакнување на капацитетите на екуменските организации во Југоисточна Европа. Беше предложно понатамошната соработка да се одвива преку организирање скроени обуки, разменски посети, размена на искуства, информации и материјали од областа на проектниот циклус, лобирањето и застапувањето и обука за обучувачи. Исто така, се формираше структура и механизми на идната соработка и беше развиен едногодишен план за акција.

На првиот состанок присусвуваа претставниците на Дијаконија Агапе и Албанската фондација за граѓанско општество од Албанија, Покров фондацијата и Женската алијанса за развој од Бугарија, АИДРОМ и Можности од Романија, Екуменската хуманитарна организација, Филантропија, Граѓански иницијативи и Ние сме со вас од СР Југославија, ЕОС и НИТ од Хрватска и МЦМС од Македонија.

Л.А.Јовановска