коментар

Пратеници и ЗГ, карши-карши комуникација

Скопје, а со тоа и Македонија, есенва ја доби својата Канцеларија за контакт меѓу ЗГ и Собранието на Република Македонија, простор кој се наоѓа карши - карши собраниската зграда, во близина на Градската болница и Зелениот пазар, но и на паркот “Жена борец”, сведок на многу бурни настани од поновата историја на државата. Подобро место за Канцеларијата која треба да обезбеди комуникација меѓу двете страни од еден мошне значаен општествен процес, градење граѓанска држава, како да не можеше да се најде.

Граѓанските организации сега ќе можат да им даваат информации на пратениците важни за оформување на законските акти, а пак од Собра­нието ќе излегуваат  материјали и информации за неговата работа,  кои организациите ќе можат да ги разгледуваат и да доставуваат свои предлози. Идеално замислена можност за надминување на многу меѓусебни предрасуди од двете страни, за запознавање, соочување со граѓаните, но и со претставниците на законодавниот дом чијашто работа влијае на насоката во која се движи заедничката држава.

Во околината на новата канцеларија секогаш има луѓе, граѓани кои најчесто брзаат и оптоварени со своето секојдневие, сигурно најчесто не ни забележуваат дека поминуваат покрај Собранието во кое секојдневно, без раз­лика на политичките гарнитури на власт, се создаваат нови закони, се надоградуваат на претходните, се води специфична борба со минатото, сегашноста и иднината. Силата на информациите и нивната достапност и во овој случај може да демистифицира многу работи, и на површина да изнесе нови моменти од типот колку граѓанските организации се навистина заинте­ресирани да влијаат на законската регу­латива, но и колку од пратениците се отворени за комуникација и примена на светските искуства, за кои партиите (сите, без ислучок) се залагаат во своите програми. Канцеларијата е чекор за приближување на едни до други, а заедно до светските текови, но и испит на зрелоста од двете страни.

Не треба да помине многу време за да се видат првите оценки, но сепак  ова е првото полугодие, се важат оценките од второто.

  Катерина Богоева