Ненад Младеновски, претседател на АИЕСЕК во Македонија

Праксата е најинтензивниот начин на учење и стекнување искуство

Студентската организација АИЕСЕК (АИЕСЕЦ) во Македонија од март годинава доби уште една канцеларија во Скопје, во рамките на проект посветен на процесот на интеграција на младите во ЕУ.

Што им нуди таа на членовите и на кои други проекти се работи во АИЕСЕК годинава? 
Канцеларијата е простор којшто го користиме за секојдневна работа која е поврзана со реализација на нашите проекти. Опремена е со 18 компјутери и конференциска просторија за состаноци. Сместена е во центарот на градот како дел од просториите на Стопанската комора на Македонија.

Моментално во завршна фаза ни се проектите посветени на  претприемништвото, информациските технологии и туризмот. Овие проекти им понудија можност на сите млади луѓе кои се заинтересирани да заминат на пракса во странска компанија, да го сторат тоа. Праксата е најинтензивниот начин на учење и стекнување искуство, бидејќи за време на праксата сме надвор од домашната атмосфера и далеку од нашите најблиски и во такви услови сме оставени самите на себе да сносиме одговорност за сите наши постапки. Во такви моменти се посветуваме на оние работи кои се важни за нас и кои сакаме да ги реализираме, сметајќи го важно сето она што ни следува потоа во животот.

На овој начин, далеку од заштитничката закрила на нашата средина, се градиме како личности, доволно цврсти и спремни да се соочиме со предизвиците на современиот начин на живеење.

 

Вашите активности се директно поврзани со компаниите од земјава и странство, каде членовите стекнуваат работни искуства, го усовршуваат своето знаење. Што треба да поседуваат и едните и другите за да може  успешно да соработуваат? 
Доволна е само желбата за да се учествува. Сето она дополнително кое е неопходно да се поседува за да се одвива успешно соработката се стекнува со текот на самото работење. Ние како организација сме отворени за секаков вид соработка, и со корпоративниот и со едукативниот сектор. Токму поради ова, не може да се дефинираат некои посебни карактеристики кои мораат да се поседуваат, секој проект бара нешто посебно. Но, секогаш она што е најважно за нас е со сите проекти кои ги изработуваме да се фокусираме на најзначајните проблеми и трендови во нашата држава, како претприемништвото, секторот ИТ, интеграцијата во ЕУ, туризмот, социјалната одговорност и сл. Фокусот на овие важни области е со цел да се предизвикаат позитивни промени во нашето општество. Тоа се промени кои се неопходни, а се за доброто на целата држава.

Меѓусебното разбирање ќе придонесе до поголема соработка.

Доколку компаниите соработуваат со студентите, тие всушност вложуваат во нивниот иден кадар, а доколку студентите се заитересирани за стекнување практично искуство, тие вложуваат во својата иднина, бидејќи секоја компанија сака да вработи млад човек со што е можно поголемо искуство. Многупати досега сум слушнал дека студентите се жалат дека по завршувањето на факултет многу е тешко да се најде добра работа, исто како и компаниите кои велат дека едукативниот систем не ги дава потребните резултати и дека мораат да посветуваат дополнителна едукација на новите вработени. Исто така, многупати сум се запрашал на кој начин јас лично придонесувам за подобрување на ова ситуација и се надевам дека истото ќе го направат и оние кои се најмногу засегнати од ова прашање.

 

Задоволен ли сте од покажаниот интерес на студентите и од приватните факултети за членството во АИЕСЕК, како и од интересот на бизнис-секторот од земјава за соработка?  
Приватните факултети се присутни во нашата држава не повеќе од 5 години и сметам дека соработката со нив е на прагот. Тие се отворени за соработка со секаков вид организации, а посебно со оние кои се водени од млади луѓе.

Студентите се нашиот главен фокус и без нив ние не би постоеле како организација. Но, секако, мора да сметаме и на фактот дека нашата држава не поседува голем капацитет на студенти поради малиот број жители. Сепак, може да се каже дека заинтересираноста е на задоволително ниво со претензии  да се зголеми во иднина.

Бизнис-секторот отсекогаш бил главен поддржувач на младинските организации, но, секако, дека постои простор за подобрување и унапредување на соработката. На ова унапредување е неопходно да се работи интензивно, затоа што поддржувачите на нашите активности се посебно важни, а за да нe поддржува некој, неопходно е да верува во нас и  во сето она што го работиме.

 

Претприемништвото станува сe поактуелно во Македонија и во земјите од регинот. Во кој правец ја развивате регионалната  соработка на ова поле и како ги обезбедувате потребните финансиски средства? 
Сите наши проекти се фокусирани на некој глобален или локален тренд. Бидејќи претприемништвото е глобален тренд, се решивме во регионот на Централна и Источна Европа да преземеме иницијатива за меѓународна соработка и организирање конференција која ќе се фокусира на корпоративната и на социјалната одговорност.

Финансирањето го обезбедуваме во соработка со бизнис-секторот и државните институции кои се заинтересирани за поддршка на вакви проекти и иницијативи. Секако, мора да се напомене дека обезбедувањето финансии е навистина тешко, бара време, работа и, секако, верба во она што се работи.

 

Дали летото е ударниот термин за работа во АИЕСЕК и кои се плановите за работа во иднина?  
Летниот период е еден од најважните периоди за целокупното наше работење. Овој дел од годината го искористуваме за планирање на сите активности кои ќе бидат реализирани во текот на целата година. Планирањето на активностите е доста важно и доколку се се одвива според планот, тогаш тоа значи уште една успешна година. 

Ова лето ќе биде посебно жешко за нас, бидејќи во втората половина на февруари 2008 година АИЕСЕК Македонија ќе биде домаќин на најголемата и најважната глобална конференција на организацијата, на која ќе бидат присутни преку 250 луѓе од преку 100 земји.

Со оглед на големината и значењето на овој проект, како за АИЕСЕК, така  и за Македонија, се надеваме дека ќе најдеме соработка со бизнис-секторот, со државните институции и со невладините организации за да ја претставиме нашата држава во најдобро светло.