Погледи
Влашкиот јазик и култура се дел од повеќето европски култури коишто се пат да исчезнат
На 22 мај 1905 година турскиот султан Абдул Хамид ИИ го потпишал декретот Ираде, со кој Власите за првпат беа признаени како посебен народ, со што им беа гарантирани сите основни човекови права.
Но, по завршувањето на Првата светска војна и новата геополитичка карта на Балканот, сите тие права им беа ускратени, со што започна културен геноцид врз Власите, кој се одвиваше с$ до прогласувањето на Република Македонија за суверена и независна држава. Со новиот Устав на РМ од 1991 година, Власите повторно се признаени како посебен народ, гарантирани им се основните човекови права и претставуваат конститутивен дел на македонската држава. Овде треба да се спомене и документот Препорака 1333 којшто на 24.06.1997 година беше усвоен од страна на Советот на Европа, со кој документ им се препорачува на сите европски земји каде што живее влашко население да им гарантираат основни човекови права, да ги поттикнат и да ги стимулираат Власите да го сочуваат својот идентитет, јазик и култура, како дел од повеќето европски култури.
Но, Република Македонија е единствената држава во светот којашто со Уставот ги призна Власите како посебен народ. Таа е првата држава којашто во поновата историја на Власите (од октомври 1995 г.) им овозможи факултативно изучување на влашкиот јазик како мајчин јазик во основните училишта во сите градови каде што има поголема концентрација на Власи и единствена држава каде што Власите имаат право да се организираат и политички. Како православен народ, Власите од јуни 2003 година имаат право на богослужба на влашки јазик во влашката црква Св. Константин и Елена во Битола. Македонската радио и телевизија е единствената национална телевизија во светот којашто емитува и емисии на влашки јазик, а Педагошкиот факултет од Штип е единствената високообразовна установа, каде што од неодамна влашкиот јазик се изучува како изборен предмет.
Затоа, очите на сите држави каде што живеат Власи треба да бидат свртени кон Република Македонија и да им биде пример како треба да се почитуваат основните човекови права. Но, кај голем дел од влашката популација постои мислење дека сите тие права им се дадени само декларативно, бидејќи сето тоа во пракса се реализира многу тешко.
Неофицијално, денес во РМ живеат околу 100.000 Власи, некои од нив само знаат дека имаат влашко потекло, но не го зборуваат влашкиот јазик. Тие не се принудно асимилирани, туку доброволно интегрирани во општеството. Историски гледано, Власите придонесувале за развој на туѓите култури и цивилизации и во поновата историја никогаш не се стремеле за создавање своја држава. Велат, Власите се малку, но добро распоредени. Дали е тоа доволно да се констатира дека Власите ги уживаат сите основни човекови права? Секако дека не. Правото произлегува од поединецот, од индивидуата, но важно е дали заедницата како колективитет ги ужива основните човекови права.
Значи декларативно, Власите во РМ имаат загарантирани права да го зборуваат својот мајчин јазик, да го развиваат својот национален, културен и верски идентитет, да ги негуваат долгата традиција и своите национални вредности. Затоа се формирани и влашки асоцијации, граѓански организации и политички партии чијашто цел е борба за заштита на своите политички, економски и социјални права, но и воспоставување нови врски, пријателства и запознавање на јавноста со тоа кои се, што се, и колку придонеле Власите за развој на македонската држава.
Процесот на глобализација е навлезен во сите сфери на општественото живеење, па тоа наедно треба да подразбира и запознавање на туѓите култури и цивилизации, во кои секако спаѓа и влашката култура, историја, традиција, обичаите... Дали треба да се најдеме во ситуација некој да ни рече: “Ти, Влаин си?” Е, ова е веќе премногу, во денешно време да не се знае дека станува збор за Влав, а не за Влаин. Зарем с$ уште има такви кои не знаат кои се Власите? До кога Власите ќе треба да го докажуваат својот национален идентитет со одржување симпозиуми на таа тема? Зарем веќе не е доволно она што е досега кажано? Зарем во Република Македонија живеат само Македонци и Албанци? Што е со започнатиот процес на градење бинационална држава? Ќе се спротивставиме, ќе го поддржиме или ќе молчиме? Кој е тој што треба да му стави крај на сето ова? Сигурно дека тоа е граѓанскиот сектор, во соработка со државните институции.
Денес, Власите во Република Македонија се лојални граѓани, работат во интерес на државата, во голема мера придонесуваат за развој на нашето современо демократско општество и учествуваат во остварувањето на стратешките цели за афирмација на Република Македонија во целиот свет.
Но, борбата на влашката заедница за сочувување на својот национален идентитет ќе продолжи и понатаму, с$ со цел да не исчезне влашкиот јазик, а со тоа и влашкиот род, како најстар автохтон народ на Балканот.
(авторката на текстот е новинарка во Редакцијата за емисиите за влашки јазик при МТВ)
|