Нова регионална мрежа
Зелена акција
Зелена акција е регионална мрежа на еколошки организации за промоција на биолошката и културна разновидност во насока на одржлив рурален развој. Идејата за мрежно поврзување произлегла од потребата за координација на работата на еколошките организации од Битола, од Прилеп, од Демир Хисар, од Крушево, од Ресен, од Охрид и од Струга и од јакнењето на капацитетот за нивно дејствување. „Имајќи ја предвид специфичноста на регионот (Крушево, Мариово, Пелагониско–преспанско, Демирхисарско и Охридско), спроведувањето на приниципите на одржливиот развој треба да даде придонес кон подобрување на социјалниот статус на населението преку економските придобивки”, велат членките на мрежата, кои предностите на поврзувањето ги гледаат во можноста од фокусирање на активностите за заштита на биолошката разновидност, културното и историското наследство, заживување на селата и подобрување на условите за живеење преку алтернативните форми на туризам (селски, екотуризам, агротуризам, натурологија, културен, религиозен туризам итн.).
Во Зелена акција членуваат организациите: Биосфера – Битола, Жетва на знаење – Прилеп: Академик – Крушево: ЕД „Пелагонија” – Новаци; Пеликан – Ресен; Парумба МКД – Струга; Младинска акција Роми – Битола; Сфера – Демир Хисар. Активностите што следуваат ќе бидат насочени кон поврзување на овие региони во една целина и креирање можност за туристичка понуда.
Прва активност на Зелена акција беше Летната еко–академија, реализирана во Крушево од 31 јули до 3 август, каде нејзините активисти со личен пример покажале како треба граѓаните да се однесуваат на историски важните места, за да ја зачуваат животната средина. Еко-академијата е реализирана во форма на 3-дневен семинар, на кој е разработена стратегија за вклучување на младите во спроведувањето на приницпите на одржливиот развој во Република Македонија.
Активностите се реализирани во организација на организацијата „Академик”, во соработка со градоначалникот на Крушево. За септември е најавена формална регистрација на мрежата и вклучување во неа на други организации, а се потенцира и реализирање понатамошни активности во насока на европска интеграција на Македонија во делот на заштита и унапредување на животната средина.
К.Б.
|
|