Работилница на “Меѓаши” на тема “Интервјуирање деца сведоци”
Децата сведоци на суд треба максимално да се заштитат
Првата детска амбасада во светот “Меѓаши”, како дел од Регионалната програма “Детство без насилство - кон подобар систем за детска заштита во Источна Европа”, организира работилница на темата “Интервјуирање деца сведоци”. Целта на работилницата беше да се разменат искуства и да се добијат нови знаења и пристапи во интервјуирањето деца сведоци. Учесници на оваа работилница беа истражни судии кои интервјуираат деца сведоци, полициски инспектори кои се занимаваат со истата проблематика, како и Марија Келер Хамела, детски психилог, меѓународен експерт за интервјуирање деца сведоци.
“Со децата мора да се постапува многу професионално, мора да се интервјуираат во пријатна средина и не смее да се соочуваат со сторителот. Интервјуто го прави личност што ги сака децата и според одредени правила не се поставува кон нив како висок авторитет за да не се плашат од него и тоа да не влијае на нивните одговори. Клучно е да им пристапи човек кој е стручен во областа. Децата најчесто се жртви на семејно насилство или се сексуално злоупотребувани, но може да се најдат како сведоци во кражба или убиство”, вели Марија Келер Хамела.
Василка Божиновска, судија во Основниот суд Скопје 1, вели дека Министерството за правда треба да размисли во судовите да се вработат социолози, психолози, дефектолози, па и лица со друга специјалност, кога се во прашање децата. Таа смета дека се доцни со подготовките за примена на Законот за малолетничка правда.
Во рамките на програмата која се спроведува уште во Полска, во Летонија, во Литванија, во Украина, во Молдавија, во Бугарија и во Македонија ќе следуваат уште две еднодневни работилници за полициски инспектори и една обука за судии како дел од активностите на проектот, а и издавање на брошурата “Јас одам во суд”, наменета за децата сведоци чија цел е децата подобро да се запознаат со процедурите и да се подготват за сведочење на суд.
С.Н. |
|