ТЕМИС - ЗдруЖение на ЖениТЕ правници во Македонија
Во центарот на интерес - проблемот на трговијата со луѓе
Здружението на жените правници во Република Македонија ТЕМИС од Скопје е основано на 17 април 2002 година со цел професионална обука и размена на искуства во насока на унапредување на статусот на жената во општествениот и политичкиот живот. Во моментов ТЕМИС има 120 членови, а најголемиот број од нив се адвокатки. Целта на нивната работа е заштита на човековите права; унапредување на статусот на жената во општествениот живот; елиминација на сите форми на насилство на жената; правна реформа во областа на трговијата со луѓе; хармонизација на македонското законодавство со стандардите на ЕУ. За реализација на поставените задачи и цели, формирани се пет комисии: за соработка со владини институции и невладин сектор, за односи со меѓународни правни асоцијации и институции, за едукација, за борба против трговијата со луѓе и заштита на правата на жртвите од секаков вид насилство и за нормативна дејност и хармонизација на домашното зааконодавство со европската легислатива. Секоја од комисиите има работни групи кои преземаат конкретни активности, од својата област.
Здружението е поддржано и помогнато од АБА ЦЕЕЛИ - Американска правна асоцијација/Правна иницијатива за Централна и Источна Европа. Од основањето до денес најголем дел од активностите на ТЕМИС се посветени на проблемот на трговијата со луѓе во Македонија. Во тек е реализација на проектот Правна едукација на студентите по право на тема Трговија со луѓе поддржан од Институтот за трајни заедници, во чии рамки ТЕМИС преку шестдневна обука ќе ги информира студентите по право, членови на ЕЛСА (Универзитет Св. Кирил и Методиј, Скопје) и ИЛСА (Универзитет ЈИЕ, Тетово) за растечкиот проблем, за законските решенија, за ситуацијата во Македонија и регионот. Учесниците во проектот се едуцираат за текот на постапката при решавање на проблемот, како да ги воочат неправилностите, доколку ги има, со цел подоцна да биде оформена група набљудувачи, целосно запознаени со проблемот на трговијата со луѓе кои ќе можат во иднина да се приклучат на проектот Сите за правично судење што го реализира Коалицијата на здруженијата на граѓаните Сите за правично судење чија членка е и ТЕМИС.
На покана од МТСП, ТЕМИС присуствува на тркалезни маси и дава стручни коментари на предлог-закони, соработува со НВО кои преземаат активности за унапредување на правата на жената, а остварува и контакт и со Секторот за евроинтеграции итн. ТЕМИС периодично објавува информатор којшто содржи информации за активностите на Здружението.
Нивната визија е “Македонија да биде место каде жените ќе живеат ослободени од сиромаштија, нееднаквост и насилство”.
|