Српско граѓанско општество
Ќорсокак во Србија: Спиралата на радикализмот или основање на нова Србија?
Главниот исход од тркалезната маса беше тоа што граѓанските организации го сфатија членството во ЕУ како единствен реалистичен изглед за Србија. Секако, членството целосно зависи од формирањето цврста и стабилна влада, подготвена целосно да соработува со МКТПЈ и да го манифестира потенцијалот на Србија и добрата волја на ЕУ кон земјата. Потоа се одвиваше тркалезната маса, а како резултат на тоа и судирот на српските НВО за кој се станува збор подолу.
Во рамките на овој интензивен и турбулентен период, група од четири НВО изготвија писмо и им го предадоа на 4 април 2007 година на претставниците на сите земји членки на ЕУ. “Хуманитарниот правен центар” (Наташа Кандиќ), “Граѓански иницијативи”, “Жени во црно” и “Младинска иницијатива за човекови права” испратија сериозен апел до владите на еропските земји да не се откажат од притисокот врз Србија во поглед на соработата со МКТПЈ и предавањето на посочениот Ратко Младиќ на Хаг. Условеноста, пишуваат тие, не треба да се укине по никоја цена, а повторното отворање на преговорите од ДСА треба да биде условено со целосната соработка на Србија со МКТПЈ.
Следниот ден, уште едно писмо, потпишано од друга коалиција на невладини организацииод Србија – “Хелсиншкиот комитет за човекови права на Србија” (Соња Бисерко), “Адвокатскиот комитет за човекови права” (Билјана Ковачевиќ–Вучо), “Белградскиот круг” и “Институтот отворено општество” (Јадранка Јелинчиќ), беше доставено до амбасадите на ЕУ. Во писмото се искажуваше поддршка за повторното отпочнување на процесот на евроинтеграција и се нагласуваше поширокиот контекст. Потпишувачите бараа вклучување на невладините актери, вклучувајќи НВО, претставници на младите или на младите и средните претприемачи во поширокиот дијалог помеѓу Брисел и Белград. Повторното отворање на преговорите од ДСА, како што се вели во писмото, би обезбедило силен поттик новата влада на Србија да продолжи со неопходните реформи и промените во законодавството, а самото по себе тоа би го зајакнало демократскиот развој на земјата во овој круцијален период. Ова писмо од невладината заедница исто така ја дефинира условеноста во поглед на соработката со МКТПЈ како суштински предуслов.
Отворениот судир беше нагласен од страна на јавната критика на Соња Лихт, директор на Белградскиот фонд за политичка совршеност БФПЕ (Белграде Фунд фор Политицал Еџцелленце – БФПЕ) и една од лидерите на српското граѓанско општество во времето на Милошевиќ. Лихт го искажа своето разочарување во врска со пристапот и ја критикуваше кратковидноста и контрадикциите во двете писма. По ова следуваше изјава објавена и потпишана од страна на 17 НВО од Србија, меѓу кои и БФПЕ. Продолжувањето на преговорите на релација ЕУ-Србија, според нив, е условено од Србија и ставот на нејзината политичка елита. Пред сe, демократските партии треба да формираат влада и да го почитуваат принципот на условеност во однос на МКТПЈ. Нивниот аргумент е дека тоа е единствениот пристап кој може да го забрза процесот на евроинтеграција на Србија, да ги консолидира проевропските напори во земјата и да го зајакне самиот процес на демократизација.
Други лидери на НВО, пак, ја обвинија Лихт за дејствување во интерес на владата на заминување на Коштуница и за обид да го монополизира прашањето на интеграцијата во ЕУ, заедно со владејачката политичка елита. Овој отворен конфликт помеѓу познатите лидери на НВО беше силно покриен од страна на медиумите и стана јавно познат. Водечкиот дневник Време го покри како тема на денот во своето издание од 12 април 2007 година, под насловот “Вжештена недела”. Најпопуларната приватна ТВ станица, Пинк, во директен пренос ја посвети својата политичка дебата на ова прашање, вклучувајќи ги граѓанските лидери и политичките фигури. За жал, благодарение на масовната покриеност од страна на медиумите, сликата за граѓанскиот сектор во Србија доживеа удар. Целокупната афера понатаму го зајакна ниското ниво на општествена доверба во граѓанскиот сектор и сликата за него како дејствува против интересите на Србија.
Судир на гледишта: прагматисти наспроти есенцијалисти
Различните гледишта по прашањето за евроинтеграцијата во рамките на граѓанскиот сектор во Србија, а кои беа искажани во отворени писма, не се нова појава, како што покажа и самата тркалезна маса “Граѓанскиот дијалог”. Судирот помеѓу двете гледишта беше евидентен уште во октомври 2006 година, во времето на референдумот за новиот устав на Србија. Во суштина, тоа е судир помеѓу прагматистите и есенцијалистите на граѓанското општество, слично на внатрешната поделба во рамките на граѓанскиот сектор во некои внатрешно поларизирани земји од Централна и Источна Европа, каде процесот на евроинтеграција бил силно условен, како на пример во Словачка, по завршувањето на периодот на Мечијар, во 1998 година.
Втор дел
|
|