ХУМАНИТАРНА ОРГАНИЗАЦИЈА "ЕЛ ХИЛАЛ"

Еманципација на жената Албанка

"Ел Хилал" започнува проект насочен кон надминување на погрешните толкувања на религијата и на некои традиционални норми кај албанското население

Во февруари, Хуманитарната органи­зација „Ел Хилал” од Скопје ќе стартува со проектот „Подобрување на социјалната положба на семејствата преку обучување на дел од нивните членови”. Целта на проектот, што ќе биде поддржан од Институтот за трајни заедници од САД, е елиминација на одредени негативни појави во семеј­ствата кај албанската популација во градската и во руралната средина, кои во крајна линија доведуваат до зао­стану­вање на целото општество, вели г. Бехиџудин Шехаби, секретар на „Ел Хилал”.

Активностите во рамките на овој проект ќе бидат насочени кон надминување на погрешните толкувања на религијата и на некои традиционални норми. Кон­кретно, ќе се работи на поголемо вклучување на девојките и жените од овие средини во општествениот живот и текови. Проектот ќе се спроведува во скопските населби Чаир, Гази Баба, Серава, Сарај и Љубин.

- Ќе се работи на едукација и оспосо­бување на жените и девојките за да можат да се самоиздржуваат. Целта е да се постигне поголема еманципација на албанската жена и да се надминат одредени традиционални ограничувања во тој поглед во семејствата. Планираме издавање брошури, одржување курсеви за оспособување на жените и девојките. Осум соработнички од нашиот Комитет за жени, во текот на една година, колку што ќе трае овој проект, ќе ги посету­ваат семејствата и ќе разговараат со членовите. Исто така, ќе вршиме и анкетирање на жените и девојките од спо­менатите населби, а ќе органи­зираме во џамиите и предавања од теолози, со цел да се даде правилно толкување на одре­дени погрешни разбирања на нашата религија - вели г. Шехаби.

Ова, всушност, значи еден вид продол­жување на прое­ктот кој „Ел Хилал” го спро­веде во текот на минатата година, со поддршка на УНИЦЕФ, а кој се однесуваше на здравствената едукација на мајките и жени­те од албанската популација во руралните средини.