ВО СКОПЈЕ ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИОТ ДЕН НА РОМИТЕ

"Милениум на прогони и погроми"

Со звуците на ромската химна "Џелем, џелем", изведена од деца-виолинисти во центарот на Скопје, започна протестниот мировен марш по повод Светскиот ден на Ромите, 8 април. Учесниците на маршот пред зградата на македонското Собрание положија цвеќе со пораката "Со љубов за Македонија од ромскиот народ во Македонија".

Поворката предводена од девојки во ромски традиционални носии продолжи кон плоштадот Македонија и Камениот мост, од каде што во реката Вардар беше фрлено шише со порака за мир и сожителство во светот. Учесниците во реката фрлија и црвени рози во знак на почит на Ромите - жртви на холокаустот, како и на сите загинати, малтретирани и дискриминирани Роми во светот.

Културно-уметничката програма на бината на градскиот плоштад им овозможи на младите Роми уште еднаш гордо да ги прикажат богаството и разновидноста на ромската култура. Посетителите од сите градови во Македонија уживаа во музиката, танцот и поезијата на младите ромски уметници.

Прославата на Светскиот ден на Ромите беше затворена со свечена седница на Советот на општина Шуто Оризари, што во присуство на голем број гости, се одржа во хотелот "Холидеј ин".

Годинешната прослава со наслов "Милениум на прогони и погроми" се одржа во знак на одбележувањето на десетте века прогонство на Ромите од нивната прататковина – Индија. Слични манифестации беа одржани во голем број градови во светот каде што живеат Роми. Шишиња со пораки за мир и сожителство и црвени рози запловија по бројни реки, носејќи иста симболика и надеж.

Централната манифестација во Македонија беше заеднички организирана од ромските невладини организации, политичките партии и голем број граѓани од ромска националност, на иницијатива на Центарот за образовна поддршка "Дендо вас" од Скопје.