Александар Бужаровски

Што претставува даночна основа на данокот од добивка и која е разликата кај непрофитните организации и трговските друштва?

Член 8

(од Законот на данокот од добивка)

Основа за пресметување на данокот на добивка е добивката која се утврдува во даночниот биланс.

Добивката претставува разлика меѓу вкупните приходи и вкупните расходи на даночниот обврзник во износи утврдени согласно со прописите за сметководството и сметководствените стандарди, освен приходите и расходите за кои е пропишан друг начин на утврдување со овој закон.

Коментар

Основната разлика кај непрофитните организации и трговските друштва произлегува од начинот на признавање на приходите и расходите според сметководственото начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции, кое е дефинирано во членот 13 од Законот за сметководството за непрофитните организации.

Кога ги разгледуваме специфичностите, треба да се има предвид членот 13 од Законот за сметководството за непрофитните организации, кој гласи:

1. Признавањето на приходите и расходите на непрофитните организации се спроведува според сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции.

2. Сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции од ставот (1) на овој член, значи приходите да се признаат во пресметковниот период во којшто настанале според критериумот на мерливост и расположливост. Приходите се мерливи кога можат да се искажат вредносно. Приходите се расположливи кога се остварени во пресметковниот период или во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период, под услов приходите да се однесуваат на пресметковниот период и да служат за покритие на обврските од тој пресметковен период.

3. Сметководствено начело на модифицирано настанување на деловните промени, односно трансакции од ставот (1) на овој член, значи расходите да се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале или во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период, под услов обврската за плаќање да настанала во тој пресметковен период.

4. Ставките на залихите на материјали се признаваат во расходи по набавна вредност. Набавната вредност ја сочинува куповната цена, зголемена за увозните царини, данокот на додадена вредност, издатоците за превоз и сите други издатоци кои директно може да се додадат на набавната вредност, односно на трошоците за набавка, намалени за дисконти и за рабати.

Исто така треба да се има и предвид членот 18 од Правилникот за сметководството за непрофитните организации, кој гласи:

1. Признавањето на приходите и расходите на непрофитните организации се спроведува на начин утврден во согласност со членот 13 од Законот.

2. Приходите на непрофитните организации се сметаат како расположливи во смисла на членот 13 став 2 од Законот кога приходите се остварени (наплатени) во пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 декември во тековната деловна година или остварени (наплатени) во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 јануари во наредната година, под услов приходите да се однесуваат на пресметковниот период и да служат за покритие на обврските од тој пресметковен период.

3. Расходите на непрофитните организации во смисла на членот 13 став 3 од Законот се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале, односно до 31 декември во тековната деловна година, доколку се платени во пресметковниот период на кој се однесуваат, односно до 31 декември во тековната деловна година или платени во рок од 30 дена по истекот на пресметковниот период, односно до 31 јануари во наредната година, под услов обврската за плаќање да настанала во тој пресметковен период.

4. Расходите за трошење на краткорочните средства, и тоа: храна, медицински материјали и лекови, се признаваат во моментот и во висина на настанување на вистинското трошење.

Ова начело всушност значи следново:

1.   Приходите се признаваат во пресметковниот период во којшто настанале според критериумот на:

а)   мерливост (да може да се искажат вредносно); и

б)   расположливост (да се остварени, односно наплатени најдоцна до 31 јануари следната  година, а да се однесуваат на претходната година и да служат за покритие на обврските од таа година).

2.   Расходите да бидат платени најдоцна до 31.01. следната  година.