Коментар

Парламентот на граѓанските организации како повод

Парламентот на Република Македонија, на крајот од јануари, го доби својот специфичен партнер во креирањето на иднината на земјава, првиот македонски невладин парламент. Веста за оформувањето зазема достојно место, пропратена е со доза на респект што може да се толкува како израз на веќе етаблираното сознание за присуството на граѓанскиот сектор во земјава.

Погледнато од друга страна, медиумите беа привлечени од присуството и поддршката која на граѓанскиот сектор му ја искажа премиерот на Владата, Бранко Црвенковски. Премиерот беше цитиран во врска со неговиот однос кон формирањето на Невладиниот парламент, при што беше потенцирана неговата реченица:  „Тоа го сфаќам како чекор напред кон демократизација и европска  перспектива на Македонија”.

Значи, информацијата овој пат не одеше на крајот од вестите, во просторот посветен за малите и навидум безначајни нешта, туку рамноправно со другите вести од земјата и светот, во ударните минути на електоронските и на  ударните страници на печатените медиуми.

Ваквиот однос на почетокот на годината ветува многу, но сепак со воздршка се поставува прашањето дали и во иднина медиумите ќе ја пренесуваат со таков респект и најавената континуирана работа на Невладиниот парламент?

Минатата година бев сведок на исклучително големо присуство на новинари на експертскиот форум „Културна деконтаминација“, кои со внимание го проследија обраќањето на премиерот и почетокот на Форумот, каде беа презентирани исклучитено важни научни сознанија  за  дел од нашата  реалност. Но, кога премиерот Бранко Црвенковски си замина, заминаа и 99% од нив. Не ги проследија сознанијата добиени од граѓанските здруженија, истрчаа да земат изјави за одредени случувања актуелни во тој миг на дневнополитичката сцена.  

Кога сме веќе кај информациите, не сакав да се сомневам дали парламентарците во Собранието на Република Македонија воопшто го читаат „Граѓански свет“, кој им нуди мноштво информации за случувањата  во граѓанскиот сектор. Но во неколку наврати, токму во јануари се уверив во спротивното, голем број бесплатни примероци стоеа неотпакувани во просторот одредеден за поштенски пратки. Формирањето на Невладиниот парламент можеби кај дел од пратениците во Законодавниот дом овој пат ќе дејствува стимулативно, ќе им го пробуди потребниот интерес за тоа што и како работат граѓанските здруженија во земјава и во светот. 

Катерина Богоева