ЕД КИТКА

„Комуналниот отпад и депониите - предизвик за иднината”

Еколошкото друштво „Китка” од Скопје, на 17 април, годинава, вопросториите на Движењето на егологистите на Македонија (ДЕМ), го промовира успешно завршениот проект со наслов „Комуналниот отпад и депониите – предизвик за иднината”.

Како што ни кажа Перо Стојчевски, претседател на ЕД Китка, проектот имал за цел актуелизирање на проблемот со депониите и со цврстиот отпад во два региона – кумановско-кривопаланечкиот и струшко-охридскиот, а еколошките проблеми да се упатат до надлежните органи. Тамошните депонии претставуваат потенцијално жариште на ширење заразни болести, за што со месното население и со осум општини од споменатите региони се зборувало за изградба на современи депонии, налик на единствената во Македонија – „Дрисла”, во Скопје.

Во план е, како што истакна претседателот на „Китка”, изградба и на регионална депонија, за што локалните општини веќе отпочнале со план за подготовка на физибилити студија.

ЕД „Китка”, во рамките на истиот проект ја промовира и брошурата „Депониите во кумановско-кривопаланечкиот и охридско-струшкиот регион”, каде што илустративно се прикажани депониите во овие места. Брошурата нуди и приказ на резултатите добиени од анкетата на месното население за нивното мислење за состојбите со депониите, со комуналниот отпад и начините како се постапува со нив. Анкетата, исто така, беше спроведена од „Китка”.

Проектот е реализиран во рамките на Програмата за демократска соработка ИИИ, што Институтот за трајни заедници (ИТЗ) ја реализира со финансиска помош на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД).

Д. М.