10 ГОДИНИ МКЦ БИТОЛА
Прослава со дебати за името и за Коридорот 8
Младинскиот културен центар - Битола (МКЦ) беше основана во 1997 година под името Младинска културна асоциација (МКА). Тоа во почетокот беше неформална група од млади ентузијасти - интелектуалци, самостојни артисти, музичари, актери...
Битолчани ги паметат културните настани (поетски вечери, концерти, алтернативни театарски претстави и изложби) кои ги организира МКА, значително збогатувајќи ја културната понуда на градот.
Во септември 1999 г. МКА се регистрира како здружение на граѓани, а во мај 2002 г., по организациската реконструкција, продолжи да работи како Младински културен центар - Битола.
Своите активности МКЦ ги спроведува преку неколку програми: Култура и уметност; Волонтерски сервис; Едукација; и, Развој на граѓанското општество и демократијата. Во овие десет години МКЦ спроведе низа фестивали, изложби, концерти, театарски претстави, издавачки проекти, кампањи, обуки за проектно управување, градење тим и лидерство, преговарачки вештини, застапништво, човекови права, театарска школа, компјутерски вештини, ораторство... МКЦ е и македонски национален волонтерски сервис.
Својот јубилеј МКЦ го одбележа во периодот 20-25 декември 2007 година, со повеќе активности. Беше одржана јавна дебата на темата „Дали трампа – името за НАТО?”, на која говореше проф. д-р Љубомир Фрчковски. На Техничкиот факултет во Битола се одржа академски форум за проектот Коридор 8, за кој беше дискутирано од сообраќаен, еколошки, енергетски и економски аспект, како и за можностите за економска, политичка, културна и друг вид соработка и негово претворање во мост на спојување на културите во Југоисточна Европа. На форумот учествуваа невладини активисти, професори и студенти од Техничкиот факултет од Битола и од Економскиот факултет од Прилеп. Во просториите на МКЦ беше отворена изложба на фотографии од Коридорот 8.
|
|