Хуманитарна акција на граѓански организации, државни институции и фирми за помош на бегалците во Царина и на Македонците во Мала Преспа
Солидарноста не познава граници и ограничување
Организаторите ги повикуваат сите со добра волја да им ја подарат својата стара гардероба на оние што имаат потреба за тоа
Граѓанските здруженија Новинари за права на жените и децата и заштита на животната средина на Македонија, Центарот за меѓуетничка толетранција и бегалци, Црвениот крст на Македонија и Македонски телекомуникации и Републичкиот завод за трансфузиологија до 15 септември ја реализираат акцијата за собирање стара облека, обувки, средсрва за лична хигиена и книги за бегалците во Царина, Преспа, и за Македонците во Мала Преспа, Албанија. Акцијата оди под мотото “Солидарноста не познава граници и ограничување”, а организаторите ги повикуваат сите со добра волја да им ја подарат својата стара гардероба на оние што имаат потреба за тоа. Граѓаните ќе можат да го направат тоа во просториите на Центарот за меѓуетничка толетранција и бегалци (Феријален дом) во Скопје, од 10 до 16 часот, секој ден.
Досега, најголем дел од помошта е собран од вработените во Македонски телекомуникаци, а во наредниов период, како што потенцираа организаторите, очекуваат масовно да се вклучат и граѓанските организации.
Предавањето на помошта ќе се одржи на 18 септември. За секакви информации можете да се обратите на тел. 02/2462-590 или на 070/277-619, или пак во просториите на организаторите.
Д.М.
|