погледи
Синергија за заедничко добро! albanski
Напредувањето на демократските процеси во Република Македонија е незамисливо без развој на граѓанските организации. Локалната самоуправа, пак, нужно е упатена на синергија со граѓанскиот сектор како суштинска можност за идентификација и организација на потребите и интересите на граѓаните.
Токму заради тоа, Градот Скопје го определи ова прашање како еден од своите приоритети и пристапи кон изработка на Стратегијата на Град Скопје за соработка со граѓанските организации. Стратегијата ја изготвивме заедно со Центарот за институционален развој - ЦИРа, а целиот проект беше финансиран од набљудувачката мисија на ОБСЕ во Скопје.
Администрацијата на град Скопје идната соработка со граѓанскиот сектор ја заснова на следните принципи: партнерство, взаемна доверба, учество и консултации, јавност (транспарентност), независност и одговорност. Стратегијата е среднорочен плански документ кој го опфаќа периодот 2007-2010 година. Нејзината главна цел е да овозможи активно вклучување на граѓанските организации во процесите на дефинирање, на развојни активности и иницијативи на градот Скопје, како и да создава предуслови за оформување ефикасни партнерства.
Главната цел на Стратегијата е детално разработена преку серија од седум специфични цели. Првата цел е воспоставување механизми на соработка помеѓу градот Скопје и граѓанските организации, за што е потребно да се изработи ресурна база на податоци на граѓанските организации, да се формираат дискусиски работни групи по различни области, да се формира градски форум за соработка и координација со граѓанските организации, да се усвојат и објават критериумите за поддршка на номинираните проекти и на процедурите за аплицирање.
За истата цел, предвидена е и изработка на механизми за заштита на интелектуалната сопственост во однос на доставените проекти.
Втората цел е зголемување на протокот на информации помеѓу градот Скопје и граѓанските организации, за чија реализација е предвидено формирање заеднички електронски (е-маил) групи по области, формирање дискусиски блогови во состав на интернет-страницата на градот Скопје, формирање градски НВО-центар, обезбедување стручна помош и информации на граѓанските организации во делот на толкување на законската регулатива која е во директна врска со ингеренциите на градот Скопје и одлуките на градот Скопје, како и други мерки кои ќе придонесат за зајакнување на овој сегмент.
Во главните цели се уште и зголемување и зајакнување на капацитетите на градската администрација, развивање стратешки партнерства помеѓу градот и граѓанските организации, зголемување на степенот на заштита на животната средина и подобрување на градската чистота, како и зголемување на учеството на граѓанските организации во процесите на планирање и изработка на специјализирани стратегии.
Оваа стратегија е заснована на концептот вин-вин (концепт на победник-победник) и на моделот на долготрајна соработка (како алтернатива на преовладувачката ад-хок соработка), во кој синергетски се надополнуваат ресурсите со кои располагаат граѓанските организации од една страна, и администрацијата на градот Скопје, од друга, и неминовно е да дојде до неколкукратно подобрување на резултатите од досегашната работа.
Ние сме уверени дека реализацијата на оваа стратегија ќе има квалитетно влијание на вкупниот демократски процес и јакнењето на граѓанското општество во земјата, бидејќи таа е, и останува, во духот на максимата „мисли глобално - дејствувај локално”.
Трифун Костовски (авторот е градоначалник на Град Скопје)
|
|