погледи

Децентрализација: императив или предизвик

Децентрализацијата на власта или реформата на сис­темот на локалната самоуправа без сомнение е еден од најважните приоритети не само на Владата на Ре­пу­бли­ка Македонија, туку и на заедницата во целина. По за­вршувањето на реформите многу работи во нашето општество ќе бидат изменети на подобро. Иако Македонија премногу заостануваше во овие процеси во споредба со многу држави во транзиција, има реални шанси по завршување на процесот да биде подецентрализирана земја од повеќе земји долгогодишни членки на Европската Унија.

Реформите се тешки, болни и противречни. Повторно се по­твр­ду­ва старата вистина дека власта е слатка и тешко се испушта од рацете, особено овде на Балканот. Затоа не треба да н$ из­не­на­ду­ва отпорот кон реформите, без оглед на мотивите на коч­ни­ча­ри­те. Владата ја пропушти приликата пред донесувањето на Законот за територијална организација на локалната самоуправа и неколкуте десетици други закони благовремено да ја подготви јав­носта за придобивките што ќе ги до­не­сат реформите. Тие не се цел сами за се­бе, туку инструмент за обезбедување бр­зи, квалитетни и евтини услуги за гра­ѓа­ни­те преку демократски избраните ор­га­ни и ефикасна, ефективна и одговорна оп­штинска администрација.

Често во јавноста се наметнува мислење де­ка децентрализацијата е резултат на Охридскиот рамковен договор и дека мора да ја спроведеме под притисок на Европската Унија, на НАТО и воопшто на меѓународната заедница. Тоа е целосно неточно и штетно. Децентрализацијата е потребна за наше добро, за доброто на граѓаните на Македонија за нејзино демократизирање, за вис­тин­­ско релаксирање на меѓуетничките односи, за обезбедување подобри услуги за граѓаните. Тоа што сега ние го правиме со повеќегодишно задоцнување е веќе стварност во Словенија, во Естонија, во Чешка, во Полска, во Унгарија и во Бугарија и дава одлични резултати. Развиената локална самоуправа е позитивен фактор за политичка стабилност на секоја земја. Со ре­дис­три­бу­ци­­јата на власта од државно на локално ниво локалната власт ќе стане вистинска противтежа на централната власт. Минис­тер­с­тва­та ќе се растоварат од бројните недржавни функции што ги извршуваа досега, со што ќе може да се посветат на државните функции. Од друга страна, локалната власт станува с$ поблиска до граѓаните, вклучува поголем број граѓани и станува одговорна за состојбите во својата средина.                                                

Во последниве месеци во печатените и во еле­к­трон­ски­те медиуми чести се при­ло­зи­те за бројните проблеми, про­пус­ти и недоследности во де­це­н­тра­лизацијата. При­чи­ни­те се бројни и пове­ќе­слојни. Не­кои важни закони се до­не­соа премногу доцна (Законот за градба, Законот за прос­тор­но и урбанистичко пла­ни­ра­ње), а некои подзаконски про­писи с$ уште не се до­не­се­ни. Голем број општини за­ра­ди неодговорното и недомаќинско однесување на претходните градоначалници и совети се соочуваат со огромни долгови, со превработеност, со недостиг на компетентни и квалификувани стручни кадри и со слаби општински капацитети. Особено е важ­но да се потенцира дека поклопувањето на почетокот на ре­фор­мите со локалните избори и новата територијална организација имаа негативно влијание во спроведувањето на декларираните заложби. Лошата координација во реализацијата на обуките за но­воизбраните градоначалници, членови на совети и вработени во општинската администрација придонесе тие да не се стекнат со брзи и ефектни обуки за да се справат лесно со новите предиз­ви­ци.

Особено е актуелна темата за избори и разрешување на дирек­то­рите на училиштата. Додека јавноста „се забавува” со оваа тема, ретко некој да се впушта во вистински, продлабочени анализи по прашањето што добија учениците и родителите со децентра­ли­зацијата. Всушност, во образованието и во повеќе други важ­ни области не се спроведуваат доследно законите и нема вистин­ска децентрализација. Капиталните дотации с$ уште „љубомор­но” ги задржува за себе централната власт, иако законот ја обврзува да ги трансверира на локално ниво.

Добро е што Владата се откажа од најавената иницијатива за ор­га­ни­зирање меѓународна донаторска конференција за покри­ва­ње на долговите на општините. Не би смееле од меѓународната заедница да бараме помош за покривање долгови за несовесно и неодговорно работење. Тоа што сме го здробиле треба сами да го сркаме, во спротивно ќе испратиме лоши сигнали што не е добро сега кога го очекуваме ставот на ЕУ за добивање статус на земја кандидат за член на ЕУ. Да се надеваме дека ќе извлечеме поуки, ако не од туѓите, тогаш од своите грешки и дека успешно ќе го водиме овој важен и значаен процес со што ќе го подобриме квалитетот на животот.