Во рамките на програмата за заштита на рисот

МЕД направи фотографии на балканскиот рис во националниот парк Маврово

Македонското еколошко друштво (МЕД) започна со реализација на втората фаза од „Програмата за закрепнување на балканскиот рис”, во која со употреба на само 4 „фотозамки”, успеа да направи фотографии од балканскиот рис за прв пат, не само во Македонија, туку и пошироко на Балканскиот Полуостров, со што се потврди дека балканскиот рис с$ уште постои во Македонија. Фотозамките се поставени во националниот парк „Маврово”, каде се верува дека е единствената локација каде с$ уште постои балканскиот рис. Апаратот е поврзан со топлински сензор кој ја регистрира телесната топлина на животните и го активира апаратот. Истражувањето започна во октомври минатата година и ќе трае до април годинава. Фотозамките се поставуваат на тесни шумски патишта, и тоа на места каде со сигурност се очекува да помине животното. Главната цел на проектот е да се сопре понатамошното намалување на популацијата на рисот во Македонија и да се обезбеди негов опстанок во постоечките и идните заштитени подрачја. Исто така, целта е да се собере целокупното знаење за да се оствари подолгорочна програма за заштита да се изградат капацитети кои ќе раководат со долгорочната програма, како и да се креира поволна атмосфера која ќе оди во прилог на заштитата на природата. Балканскиот рис е долг 80-105, а висок 80 сантиметри и тежок 14-36 килограми. Крзното му е најчесто дамчесто, но постојат и примероци без дамки. Најкарактеристичен детал се перничињата на ушите долги и до четири сантиметри. Во однос на другите претставници од видот, балканскиот рис е со помали димензии, крзното му е поинтензивно обоено од крзното на скандинавскиот рис, но во однос на карпатскиот рис, крзното му е помалку обоено и бројот на единки без дамки е значително поголем.

„Популацијата на рисот којашто се среќава во југозападниот дел на Балканскиот Полуостров, главно во Македонија и Албанија, е идентификувана како најзагрозена популација на рисот во цела Европа.  Според процените на експертите, популацијата на балканскиот рис во Македонија брои 30-35 единки. Главни закани кон рисот во Македонија се криволовството, уништувањето и фрагментација на живеалиштата на рисот, малиот репродуктивен потенцијал и намалувањето на популациите на пленот на рисот”, вели Диме Меловски од МЕД.

По завршувањето на снимањето на рисот во природата, во рамките на проектот е предвиден и развој на национална мрежа за набљудување на рисот, активности за подигање на јавната свест, изготвување стратегија за закрепнување на популацијата на рисот и изготвување национален акциски план за рисот. Проектот се реализира во соработка со швајцарската организација КОРА, со германската организација ЕУРОНАТУР, со норвешката организација НИНА и со албанската организација ППНЕА.

С.Н.