МИНИСТЕРСТВО ЗА ЖИВОТНА СРЕДИНА И ПРОСТОРНО ПЛАНИРАЊЕ
Канцеларија за комуникација со јавноста
Последниот јануарски ден Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Македонија свечено ја отвори Канцеларијата за комуникација на јавноста, која е лоцирана во зградата на НИП „Нова Македонија” во Скопје, во просторот каде дотогаш се наоѓаше книжарницата „Детска радост”
Канцеларијата ја отвори министерот Марјан Додовски, а на отворањето присуствуваа шефот на мисијата на Европската комисија во нашата држава, г. Пинто Тешеира и портпаролот на македонската Влада, г. Антонио Милошоски.
Канцеларијата е во состав на Информативниот центар на Министерството, а нејзиното отворање, како што нагласи г. Додовски, е во функција на имплементацијата на Архуската конвенција (за пристапот до информациите за животната средина, учеството на јавноста во донесувањето на официјалните одлуки и пристапот до правдата) во Македонија. - Со оваа канцеларија, Министерството целосно се отвора спрема граѓаните, нудејќи им ги информациите од оваа област со кои располага, рече министерот Додовски.
Г. Тешеира истакна дека Европската комисија ќе продолжи со поддршката на Канцеларијата, за која веќе обезбеди дел од потребната опрема.
Граѓаните на кои им се потребни информации од оваа област ќе можат да ги побараат истите во Канцеларијата секој работен ден, од 7,30 до 15,30 часот. Канцеларијата располага со публикации, книги, брошури и друг печатен материјал, што граѓаните ќе можат да го погледаат и да го читаат во канцелариската просторија. Исто така, ќе можат во иднина да се добиваат информации и по писмен пат, а во текот на годинава се очекува да се добие поголем библиотечен фонд како и компјутерска опрема со која граѓаните ќе можат и самите, преку Интернет, да ги бараат потребните информации од областа на животната средина.
|