Македонски центар за меѓународна соработка

Информација за награда  за граѓанско општество и демократија

Вовед

Наградата за граѓанско општество и демократија ја воспостави и за првпат ја додели Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС) минатата година.

МЦМС е добитник на Наградата за граѓанско општество и демократија во 1998 година доделена од Европската унија и САД.

Наградата за граѓанско општество и демократија се доделува заради поддршка на граѓаните и организациите кои дале посебен придонес во локалните и националните иницијативи за развој на граѓанското општество и демократијата во Македонија.

Видови награди

Наградата за граѓанско општество и демократија се доделува за:
- долгогодишен придонес,
- постигнување во претходната година и
- јавност и информирање или соработка.

Наградата се состои од диплома и парични средства.

 

УСЛОВИ И КРИТЕРИУМИ ЗА НАГРАДАТА

Добитници на Наградата

 Наградата се доделува на:

  • организации, домашни и странски, рагистрирани како непрофитни и/или профитни организации и/или јавни/државни установи;
  • групи и заедници, вклучувајќи месни заедници и локални самоуправи;
  • поединци, граѓани на Македонија или странски државјани.


Теми за кои се доделува Наградата

Наградата за граѓанско општество и демократија се доделува за развој на граѓанското општество и демократијата и тоа за:

   а) граѓанско општество

  • промоција на плурализмот во граѓанското општество и јакнење на организациите на граѓанското општество;
  • граѓанско образование и јакнење на капацитетот на луѓето да ги одредат сопствените вредности и приоритети и да се организираат за да дејствуваат кон остварување на тие вредности и приоритети;
  • јакнење на учеството и влијанието на луѓето, индивидуално или колективно, во одлуките и процесите кои се однесуваат на нив, не само во непосредната активност туку и во пошироките општествени, поли­тич­ки и економски процеси што ги засегаат, на ниво на : информирање, советување, одлучување и иницирање  акција;
  • развој на професионални здруженија и  реформи и развој на синдикатите;
  • градење  врски, мрежи, размени, комуникација меѓу организациите во граѓанскиот сектор и со државниот и приватниот сектор;
  • развој на партнерствата со  соодветните организации од регионот и пошироко;

   б) демократија и добро владеење

  • независност на судството и човечен казнен систем (вклучувајќи ги правата на затворениците);
  • јакнење на фер и демократски изборни процеси;
  • промоција на независни и одговорни медиуми и слобода на печатот;
  • промоција на владеење на правото и добро владеење, посебно преку јакнење на одговорноста и превенција и мерки  против корупцијата;
  • јакнење на локалната администрација (вклучувајќи граѓанско учество во локалната демократија);

в) Промоција и заштита на човековите права;

  • образование, обука и градење свест за човековите права (вклучувајќи ги правните реформи);
  • борба против дискриминацијата и ксенофобијата и заштита на малцинствата;
  • промоција и заштита на слободата на мислење, изразување и совест;
  • промоција и заштита на правата на децата и младите;
  • промоција и заштита на правата на жените (вклучувајќи родова еднаквост);
  • промоција и заштита на правата на потрошувачите;
  • промоција и заштита на правата на бегалците и мигрантите;

г) превенција на конфликти и толеранција

  • превенција, решавање и ракување со конфликти и последиците од конфликтите;
  • поддршка на мирно решавање на групните интереси;
  • промоција на мерки за изградба на доверба и почит, вклучувајќи и градење позитивни примери и внатрешни врски, мрежи, размени на локално ниво.

д) јавност и информирање или  соработка

  • унапредување на јавноста во работата и подобрување на прегледноста и одговорноста преку издавање  извештаи (периодични и годишни, вклучувајќи и финансиски извештаи), информатори, интернет страни и сл.
  • градење  врски, мрежи, размени, комуникација меѓу организациите во граѓанскиот сектор и со државниот и приватниот сектор;

За темата од овој став  се доделува исклучиво наградата за јавност и информирање или  соработка.


Видови активности

   Наградата за граѓанско општество и демократија се доделува посебно, но не исклучиво за активности коишто имаат долготрајни ефекти и имале влијание врз општеството, се иновативни, воспоставуват модели на дејствување и поттикнуваат други  слични или исти иницијативи - можност за реплицирање и ја поттикнале соработката.

По правило, Наградата не се доделува за книги, академски истражувања и конференции, освен ако не се дел од поширока активнсот и не водат кон последователни активности.

Временски период

Наградата за граѓанско општество и демократија за долгогодишен придонес се доделува за континуирани активности во најмалку десетгодишен период.

Наградата за граѓанско општество и демократија за придонес во претходната година и за јавност и информирање или  соработка се доделува за активности во календарската година која и претходи на годината на доделување на Наградата.

 
Предлагање

Јавен конкурс

Наградата се доделува преку јавен конкурс.

Предлагачи

Кандидат за Наградата може да биде предложен од два поединци, заедници и/или организации. Кандидатот не може да се предложи самиот себе.

Покрај предлагачите на кандидат, поддршка на кандидатурата можат да достават и други поединци и/или организации.

Форма на предлогот

Предлогот за наградата се поднесува во образец за предлог за Наградата.

Кон предлозите се приложуваат и прилози кои ја поддржуваат кандидатурата и со/од кои може да се верификуваат достигнувањата: публикации, билтени, извештаи и сл.

Рокови

Јавниот конкурс беше распишан на ден 11 март 2004 година и беше отворен од 13 март до 8 април 2002 година.

Пријавите се поднесуваа на адреса на Македонскиот центар за меѓународна соработка.

 
ОДЛУЧУВАЊЕ

Наградата се доделува од Управниот одбор на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), на предлог на Одборот за Наградата за граѓанско општество и демократија, а по претходна анкета.