Тоше Проески (1981-2007)

Хуманоста му отвори срца до илјадници луѓе


Загинувањето на музичката ѕвезда Тоше Проески во земјава оддекна како трагична вест меѓу граѓаните кои неговото заминување го примија со голема болка, што ја покажуваа плачејќи на улиците, пишувајќи во весниците, создавајќи мрежа од негови почитувачи на интернет, ги снимаа неговите песни во мобилните телефони... 

Една од неговите доблести која заедно со неговиот глас му отвори голем пат до срцата на луѓето, без разлика на пол, возраст, етничка припадност, беше моќта безрезервно да дава и да им помага. Беше исклучителен хуманитарец, именуван за регионален амбасадор на добра волја на УНИЦЕФ во 2004 година, ретка музичка ѕвезда која одржуваше бројни концерти со приходи наменети за решавање на хронични проблеми, како што беше обновата на Клиниката за детски болести во Скопје, чиј најголем донатор во организираната кампања беше и самиот тој.

Учествуваше во хуманитарни акции за прибирање крв, за помош на старите лица, а неговата донаторска активност коинцидираше со современото разбирање на терминот граѓанин на ова време, без разлика што Крушево беше неговиот роден град, а Скопје местото каде помина значаен дел од животот. Последниот хуманитарен концерт го посвети на прибирање средства за реновирање на 100 основни училишта во Македонија, а многумина, за жал, ќе го паметат како последна средба со големиот, млад човек, кого државата и граѓаните го испратија со заслужено внимание. 

К.Б