ИНТЕРВЈУ: ФАБРИС ДЕ КЕРХОВ,
ФОНДАЦИЈА КРАЛ БОДУЕН
Нашето наследство е она што ние го сметаме за вредност и што им дава значење на нашите животи и на местата во кои ние работиме и живееме - затоа тоа мора да се одржи, да биде живо. Тоа е она што ние го подразбираме под „Живо наследство“ - вели г. Де Керхов.
Маријана Иванова
Кога го правевме ова интервју, г. Фабрис де Керхов беше во една од своите посети на Македонија, кои се случуваат барем два пати годишно. Како што вели тој, Македонија, и воопшто балканскиот регион, ги чувствува мошне блиски - благодарение на честите посети во склоп на програмата „Живо наследство“, чијшто е координатор.
Г. Де Керхов од 1995 година работи во белгиската фондација Крал Бодуен, каде што е одговорен за оваа програма. Пред да и' се придружи на оваа мошне почитувана фондација, тој работел како критичар, преведувач и уредник во повеќе магазини посветени на културата, како и асистент-куратор во неколку музеи во Брисел и во Њујорк, а на крајот како консултант. Студирал историја и културен менаџмент во Брисел и Њујорк.
Со г. Де Керхов разговаравме за Програмата „Живо наследство“ во Македонија, за можностите помалите општини да го препознаат своето традиционално културно наследство како ресурс за развојот, за работата на Фондацијата Крал Бодуен во Македонија.

Г.С. - Ве молам за кусо запознавање со Фондацијата Крал Бодуен. Ф.К. - Фондацијата Крал Бодуен е независна белгиска фондација која работи од 1976 година на подобрување на животните услови на населението. Оттогаш, ние се фокусираме главно на четири програми:„Социјална правда“ е програма која открива нови форми на социјална неправда и поддржува иницијативи кои им даваат поголема самостојност на ранливите групи луѓе. Во„Граѓанско општество“ ги охрабруваме луѓето да се вклучат и се обидуваме да ги зајакнеме организиациите. Програмата „Владеење“ го поддржува вклучувањето на граѓаните во процесите на одлучување во областа на потрошувачката на добра и услуги и во развојот на медицинските науки. Низ програмата „Фонд за модерна филантропија“, Фондацијата ги развива модерните форми на дарежливост. Доставуваваме информации на донаторите и им нудиме орудија кои ќе им помогнат да се ангажираат во филантропијата. Како европска организација, со седиште во Брисел, ние се' повеќе сме активни на европско и меѓународно ниво. Користиме различни методи на работа: даваме помош на проекти, покренуваме сопствени иницијативи, организираме семинари и изготвуваме извештаи, публикации и друго.
Г.С. - Во кои области Фондацијата е активна во Македонија? Ф.К. - Фондацијата Крал Бодуен во Македонија е активна преку три иницијативи кои се однесуваат пред се' на деца и млади во ризични состојби, на подобрување на меѓуетничките односи и преку Програмата „Живо наследство“.
Г.С. - што претставува Програмата „Живо наследство“, чијшто координатор сте Вие? Ф.К. - Тоа е иницијатива која го поттикнува развојот на локалните заедници во Југоисточна Европа, преку промоција на одржливи проекти за културата и наследството. Оваа тригодишна програма комбинира грантови, градење на капацитетите и техничка помош. Во Македонија беше лансирана во 2001 година, а сега работи и во Бугарија, во Романија и во Босна и Херцеговина. „Живо наследство“ се изградува врз иновативен пристап кон наследството и неговата интеракција со локалните заедници. За разлика од вообичаените типологии, наследството тука се подразбира како ресурс, една форма на социјален капитал кој може да придонесе во околината и во квалитетот на животите на луѓето во тие заедници. Поради тоа, Програмата повикува на глобален пристап на вклучување на сите заинтересирани страни во развој на проекти. Досега во споменатите држави развивме 45 проекти, од кои 19 во Македонија, каде Програмата е најнапредната. Поддржуваме разни проекти, од рехабилитација на мала уличка во историскиот центар во Брасов (Романија), се' до проект за оралната историја кој има за цел да го оживее сеЌавањето во старото село Иваново (Бугарија).
Фондацијата Крал Бодуен многу верува во партнерскиот приод во работата. Во секоја држава Програмата се спроведува во форма на партнерство кое вклучува не само финансиски партнери, како што е Фондацијата Институт отворено општество - Македонија, туку и локални невладини организации одговорни за координацијата на проектите. Партнерите развиваат стратегија која најдобро се вклопува во локалниот контекст.

Г.С. - Како оваа Програма го разбира концептот на културното наследство? Зошто „живо“ наследство? Ф.К. - Живото наследство промовира широко сфаќање на наследството, кое оди понапред од традиционалните типологии, како природно, архитектонско, движно или недвижно. Оваа програма е отворена кон посуптилните сфаќања на живата историја, сеќавањата, традицијата и активностите на луѓето. Ваквото сфаЌање на наследството е во линија со тековните размислувања и на меѓународните организации како УНЕСКО, кое неодамна ја отвори својата Листа на светското наследство и за ваквите форми на наследство. Уште повеќе, оваа еволуција се гледа во скорешниот меѓународен текст каде типологиите и категориите на наследството се заменети со концепти како интегрирана конзервација и културен пејзаж, кои го разбираат наследството во многу поширок контекст, како културно, природно, социјално и економско. Ваквата еволуција исто така покажува како заштитата и управувањето со наследството прераснуваат во една заедничка одговорност, која зависи повеќе од кога и да е на способностите на заедниците да ги вреднуваат вредностите на спомениците. Во овој поглед, растечките успеси на настаните за подигнување на јавната свест, како на пример Денови на европското наследство, се важни за идентификацијата на овие вредности од пошироката јавност. Со други зборови, нашето наследство е она што ние го сметаме за вредност и што им дава значење на нашите животи и на местата во кои ние работиме и живееме - затоа тоа мора да се одржи, да биде живо. Тоа е она што ние го подразбираме под„Живо наследство“.
Г.С. - Зошто избравте да работите во мали зедници, села и мали градови, до 25.000 жители? Ф.К. - Оваа одлука ја донесовме по евалуацијата на пилот-фазата на Програмата „Живо наследство“ во Македонија, во која бевме фокусирани на поголеми градови. Причината е двострана - прво, сфативме дека во малите населби има поголемо чувство на заедништво, и второ, сфативме дека мора да ја намалиме големината на проектите за да овозможиме вистински партиципаторен пристап во кој населението ќе биде во состојба да земе поактивна улога во одлучувањето за самиот проект. Втората фаза на Програмата во Македонија докажа дека овој приод е повеќе на линија на филозофијата на „Живо наследство“. Всушност, и во другите држави каде се спроведува оваа програма, се поддржуваат проекти во мали заедници. Така, овој приод овозможува и плодна регионална размена.
Г.С. - „Живо наследство“ е уникатна програма. што е тоа што ја прави различна од другите? Ф.К. – Програмата„Живо наследство“ е уникатна бидејќи го поврзува развојот на заедниците со локалните ресурси и обезбедува докази за потенцијалите за развој на заедниците. Наследството тука се гледа како ресурс, а не како товар. Друга причина поради која оваа програма е уникатна е фактот дека е базирана на сет од 10 принципи кои потцртуваат еден сет на вредности што ние ги споделуваме како партнери. Така, овој пристап дозволува постојаност во промената како и флексибилност. Тоа е многу важно за меѓународна програма со силен локален фокус, во која се сретнуваме со различни контексти. Друго нешто за уникатноста на Програмата е партнерскиот приод кој ги вклучува НВО, медиумите, локалните власти, локалните жители. „Живо наследство“ инвестира во луѓето исто колку и во наследството. Всушност, имаме повеЌе вклучени луѓе, отколку проекти.
Г.С. - Во Македонија, Програмата завршува оваа година. што е со нејзиниот иден развој во оваа држава? Ф.К. – Како што споменав, Македонија е првата држава каде што почна да се спроведува „Живо наследство“. Првиот тригодишен циклус ќе заврши на крајот на 2003 година, а во другите држави на 2004 година. Ние сме во процес на оформување стратегија што ќе биде фокусирана на проценка на влијанието на Програмата во Македонија, пренесување на искуството што го стекнавме со 19-те проекти, со цел да се влијае врз политиката поврзана со културното наследство, и ако е можно, да обезбедиме фондови за нив циклус на Програмата во Македонија.
Во рамките на Програмата „Живо наследство“, во Македонија се поддржани вкупно 19 проекти, во следниве општини: Галичник, Вранешница, Кичевско, Маловишта, Битолско, Мариово (Старавина и Градешница) радовишките села Аликоџ и Коџалија, Бања Банско, Струмичко, Гевгелија, Доброшта и Нерешта (Тетовско), Гевгелија, Варош кај Прилеп, Кривогаштани, Ростуше и Битуше, Вевчани, Велешта и Делогожда, Каратово, Крушево, Битола, Скопје (Старата Чаршија) и Ново Село, Струмичко.
Проектите се насочени кон развојот на овие локални заедници, преку препознавање и искористување на културното наследство како развоен ресурс.
|