ПРОЕКТ ЗА ЦЕНТАР ЗА ЗАЕДНИЦАТА ВО КРИВОГАШТАНИ
Локалните власти не дадоа поддршка
Проектот за формирање Центар на заедницата во Кривогаштани, инициран од Агенцијата за локален и регионален развој од Кривогаштани, мораше, за жал, кон крајот на минатата година да биде одбиен, поради неговата техничка и институционална неизводливост. Поточно, за активноста - изградба и опремување објект за Центар за заедницата, Агенцијата за локален и регионален развој не успеа да обезбеди поддршка од локалната власт, како и локација за градба што беше предуслов за одобрување на проектот.
- Во Кривогаштани постојат неколку здруженија на граѓани на кои им е потребен простор за делување. Во проектот што го подготвивме во соработка со МЦМС, во целиот тој контекст, беше ставена и локалната самоуправа. Предложивме и локалната самоуправа да делегира свои претставници кои со Агенцијата ќе формираат едно тело за имплементација на проектот, заедно со претставници на здруженијата на граѓани. Идејата беше да направиме широка коалиција на локално ниво во која ќе бидат вклучени сите сектори - владиниот, невладиниот и стопанството. Центарот требаше да претставува огромен импулс за развој на општината, вели Јане Вртески, претседател на Агенцијата. Центарот за заедницата требаше да обезбедува информации и да дава насоки за социјалните права, земјоделците и земјоделските здруженија, хендикепираните и инвалидизираните лица, хуманитарна помош, обука на здруженијата на граѓани, помош на пензионерите. Требаше да биде отворено и интернет-кафе, како и простории за учење странски јазици и работа со компјутери.
Во врска со оваа иницијатива се обративме и до градоначалникот на општина Кривогаштани, Тони Пашкоски. Но, тој не сакаше да ни ги наведе причините поради кои советот на општината ја одби иницијативата (инаку, „за” гласале шест, а „против” седум советници). Тој, исто така, ни изјави дека не постои простор во иднина во локалната самоуправа повторно да се дискутира за оваа иницијатива.
|