МИЛЕНИУМСКИ РАЗВОЈНИ ЦЕЛИ

Сите заедно за одржлив човеков развој

Во овој број форумот го посветуваме на Милениумските развојни цели - процес кој веќе пет години се развива на глобално ниво и во кој е вклучена и нашата држава. Во форумот можете да учествувате и Вие на адресата www.graganskisvet.org.mk или www.civicworld.org.mk. Ве молиме да се пријавитее со полното име и презиме и да го наведете името на здру­жението, доколку чле­нувате во некое.

Милениумските развојни цели беа дефинирани и прифатени во 2000-та година, на Милениумскиот самит што го иницира и спроведе Организацијата на Обединетите нации. Тие се прифатени како рамка за мониторинг на прогресот на човештвото кон одржливиот човеков развој. Кон Милениумската декларација на ООН, која ја потпишаа многу држави од светот, пристапи и Република Македонија. Програмата за развој на ООН - УНДП го координира овој широк и значаен глобален процес. Целна година на Милениумските развојни цели е 2015-та. Дотогаш, државите од светот се обврзаа да постигнат 8 цели:

1. Намалување за половина на екстремната сиромаштија и глад до 2015 година;
2. Обезбедување основно образование за сите;
3. Промовирање на еднаквоста меѓу половите и оспособување на жените;
4. Намалување на смртноста кај децата;
5. Подобрување на здравјето на мајките;
6. Борба против ХИВ/СИДА, маларијата и другите болести;
7. Обезбедување одржливост на животната средина;
8. Нови глобални партнерства за развој. 

Процесот во Македонија го спроведува Владата, преку Министерството за финансии коешто тесно соработува со останатите владини сектори. Во него се вклучени академските кругови, институциите, бизнис-секторот, но и граѓанскиот сектор, којшто е претставен преку Граѓанската платформа на Македонија. Поточно, претставници на Граѓанската платформа се вклучени во секоја од работните групи кои работат на подготвувањето на Националниот извештај за милениумските развојни цели на Македонија. На 23 декември 2004 година, Граѓанската платформа организира претставување на нацрт-верзијата на Националниот извештај, каде што присуствуваа повеќе здруженија на граѓани. Целта беше да се отвори широка форумска расправа за овој документ и да се обезбеди пошироко учество на граѓанскиот сектор. Расправата е отворена за сите граѓански здруженија од Македонија, а повеќе информации за самиот процес на Милениумските развојни цели и за Националниот извештај можат да се добијат преку Граѓанската платформа на Македонија (преку е-маил адресата: gpm@mcms.org.mk).

М. Иванова