РЕЦ
Декада на РЕЦ во Македонија
Регионалниот центар за заштита на животнтата средина за Централна и Источна Европа (РЕЦ) - Канцеларија во Македонија, го одбележува своето 10-годишно постоење и успешната работа на полето на заштита и унапредување на животната средина. По тој повод, на Денот на планетата Земја, 22 април, РЕЦ организира прослава на која учествуваа соработници, донатори, медиуми и други субјекти каде што беше промовирано ЦД-то со филмот за РЕЦ.
Регионалниот центар за заштита на животната средина за Централна и Источна Европа, односно Канцеларијата во Скопје, е присутен во Република Македонија со свој координатор од јули 1993 година, а Канцеларијата во Македонија официјално ја започна својата работа во јануари 1995 година.
РЕЦ беше основан во 1990 година од страна на Унгарија, Соединетите Американски Држави и Европската комисија. Денес, РЕЦ правно е заснован на Статутот потпишан од владите на 28 земји и Европската комисија, и на меѓународен договор со владата на Унгарија. Седиштето на РЕЦ се наоѓа во Сентендре, Унгарија, а има канцеларии во секоја од 16 земји кориснички: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Македонија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Црна Гора, Унгарија, Хрватска, Чешка и Турција.
Во Македонија Развојните програми на РЕЦ имаат методолошки пристап којшто поттикнува локално решавање на локалните еколошки проблеми и интегрирано решавање на регионалните еколошки проблеми.
Програмите на РЕЦ ги потпомагаат и ги зајакнуваат знаењата и капацитетите на поединци и организации кои придонесуваат или спроведуваат решавање на еколошките проблеми во регионот.
Дел од работата на РЕЦ во Македонија се раководење со грантови, јакнење на капацитетите на невладините организации, дистрибуирање информации, учество на јавноста, студии за влијанито врз животната средина (ЕИА-СЕА), изработка и спроведување на ЛЕАП, образование од областа на животната средина и придонес за почисто производство и енергетска ефикасност.
Донатори на РЕЦ се повеќе европски државни влади, како и САД, Канада и други интервладини и приватни институции.
Регионалниот центар за заштита на животната средина за Централна и Источна Европа, Канцеларија во Македонија, се наоѓа на ул. “Митрополит Теодосиј Гологанов”, бр. 39/2/2, во Скопје. Со нив можете да контактирате на тел. 02/3131-904, на факсот 02/3128-116, на електронската пошта rec@rec.org.mk , а нивниот веб-сајт е http://www.rec.org.mk.
Д.М.
|