Q&A
Обврски на непрофитните организации кон вработените и други лица
1. Обврски кон вработените
1.1. Кои се обврските на непрофитните организации во однос на вработените?
Кога непрофитните организации вработуваат физички лица во работен однос, тогаш како и другите правни лица ги имаат сите права и обврски на работодавец. Тоа значи дека подлежат на обврските според Законот за работни односи како општ пропис на работното право, но и на сите други закони и прописи кои ја уредуваат содржината на работните односи.
Согласно на тоа, најважните права и обврски на непрофитните организации како работодавец се:
- со лицето кое стапува во работен однос во организацијата потпишува договор за работа во писмена форма; - во рок од 15 дена да се пријави вработениот на надлежната институција за пензиско осигурување (Завод за пензиско и инвалидско осигурување) и надлежната институција за здравствено осигурување (Завод за здравствена заштита); и Заводот за вработување; - на вработениот да му се обезбеди работа во согласност со договорот за работа, да му се исплаќа плата за извршената работа која не може да биде пониска од најниската плата утврдена за одделни степени на сложеност според закон или колективен договор; - да му се обезбедат на вработениот сите права од работниот однос пропишани со законите, колективните договори или правилникот за работа (пр.храна и превоз, дневен одмор, платен годишен одмор, регрес за годишен одмор, надомест на плата за време на отсуство од работа за време на: празници, бременост, раѓање и мајчинство, нега на дете; преквалификација и доквалификација; стручно оспособување и усовршување на кое е упатен од страна на работодавецот; воена вежба; учество во обука за одбрана и заштита и во други случаи утврдени со закон и колективен договор.) - непрофитната организација може на вработениот да му го откаже договорот за работа, под услови пропишани со закон, почитувајќи ги притоа правата на вработените и со законот пропишана процедура за откажување на договорот за работа.
1.1.2 Колкави се пропишаните ставки на задолжителните придонеси од и на платата и дали се еднакви за сите вработени?
Ставките на задолжителните придонеси од плата и на платите се пропишани со Закон. За лицата во работен однос се плаќа придонес за пензиско осигурување како придонес од плата и три придонеси кои се пропишани како придонеси на плата (основно здравствено осигурување, посебни придонеси за осигурување од професионално заболување и придонеси за вработување).
Со Законот за задолжително осигурување пропишани се следните ставки на придонеси на плати:
1. придонес за здравствено осигурување по ставка од 9,2%; 2. придонес на плата во случај на повреда на работа и професионални болести по ставка од 0.50% и 3. придонес за вработување на плата по ставка од 1,60%.
1.1.3 Која е најниската основица за пресметување придонеси на и од платите?
За лицата кои се во постојан работен однос со полно работно време најниската основица за плаќање на задолжителните придонеси (по гранки) е објавена во месечните економски билтени.
Основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување од платата за работниците кај работодавците претставува бруто платата во која се содржани придонесите и даноците што се плаќаат од платата, односно основицата од која е пресметан надоместокот на платата.
Основицата за пресметување и плаќање на придонесот за пензиско и инвалидско осигурување, не може да биде пониска од 65% од просечната нето плата по работник во стопанството на Република Македонија објавена во тековниот месец.
Основицата за пресметување и плаќање на придонесот од платата, односно основицата на осигурување не може да биде повисока од три просечни плати по работник во стопанството во Република објавена во тековниот месец.
За лицата во работен однос со скратено работно време (работно време пократко од 40 часа неделно) најниската основица за плаќање придонеси за пензиско осигурување и придонес за вработување се одредува сразмерно со траењето на скратеното работно време во однос на полното работно време. Основицата за плаќање на здравствените придонеси во случајот на вработување со скратено работно време е еднаква на најниската основица пропишана за полно работно време.
Основица за пресметување и плаќање на придонесот за задолжително здравствено осигурување за осигурениците на кои се утврдува плата е бруто платата и надоместокот на плата т.е. платата во која се содржани и придонесите и даноците што се плаќаат од платата, односно надоместокот на плата. Основицата за пресметување на придонесот не може да биде помала од најниската плата по работник утврдена со колективен договор помножена со просечниот коефициент на сложеност на трудот кај работодавецот.
Основица за пресметување и плаќање на придонесот за вработување е бруто платата.
1.1.4. На кој начин се оданочува платата на вработените?
Според Законот, работодавецот при исплата на платата на своите вработени е должен да пресмета персонален данок од плата и го уплати на пропишаните уплатни сметки. Персоналниот данок на плата се пресметува на основицата која ја прави вкупниот износ на сите примања намален за со Закон пропишани придонеси кои се пресметуваат како придонеси од плата и лично ослободување.
Износот на личното ослободување на почетокот на секоја година се валоризира со коефициентот на порастот на просечната месечна нето плата на вработените во Републиката остварена во предходната година, според податоците на Државниот завод за статистика
1.1.5. Кој е законскиот рок за исплата на плата?
Според Законот за работни односи, платата се пресметува и исплатува најмалку еднаш месечно. Придонесите и даноците на плата на работникот ги плаќа работодавецот најдоцна до 15-ти наредниот месец.
1.2. Кои се задолжително пропишаните евиденции за пресметување и исплата на плати?
При пресметката на платите, покрај налозите за плаќање на придонесите и даноците, работодавецот е обврзан да го потполни: образецот ПДД-МП и месечните статистички извештаи.
Работодавецот е исто така обврзан да ги води и следните годишни евиденции за исплатените плати: Годишна пријава на исплатувачот и М-4 – пријава на податоци за утврдување на стажот на осигурување и платите за тековната година.
Подготвиле, Емина Нурединоска и Милка Божиновска-Миова
|