Сметководство на непрофитните организации i

Платен промет на непрофитните организации

Дали мора непрофитната организација да работи по пат на жиро-сметка? Што се и кои се обрасците на платниот промет, што содржи налогот за уплата, а што налогот за исплата , се дел од прашањата на кои во овој број на Граѓански свет нудиме одговори во обид да се олесни процесот на сметководството на непрофитните организации. Одговорите ги подготвија Милка Божиновска-Миова и Емина Нурединоска, користејќи го мате­ријалот „Moram, mogu i hocu (racunovodstvo malih udruga)“ ИЦНЛ, Ри-Центар.
 

1. Непрофитните организации во составот на безготовинскиот платен промет
Дали непрофитната орга­низација мора да работи по пат на жиро-сметка?

Да. Според Законот за платен промет сите правни лица се должни своето работење да го остваруват преку жиро-сметка. Сметките за оства­рување на платниот промет на правните лица ги отвораат и водат банките. Секој правен субјект бира во која банка ќе ја отвори својата жиро-сметка. Правниот субјект може во банка да отвори сметка за ре­довно работење, сметка за орга­низациско дејствување и сметка за посебни намени. Правниот субјект може да има отворено сметки во повеќе банки, но во една банка може да отвори само една сметка за редовно работење и по една сметка за секој организациски дел.

Деловните субјекти можат да отво­рат и девизна сметка, и таа не мора да биде отворена во банката во која деловниот субјект има отворено денарска сметка за редовно ра­ботење.


1. Обрасци на платниот промет
1.1. Што се и кои се обрасците на плат­ниот промет?
Обрасци на платниот промет, односно налози за плаќање се налозите со кои подносителот налага извршување на плаќање од сметката во банка.

Налози за плаќање според обликот на плаќање се:
1. налогот за уплата – уплатница;
2. налогот за исплата на готовина;
3. налогот за безготовинско плаќање – налог за пренос на средства
4. налогот за јавни приходи

1.2. Што содржи налогот за уплата и како се пополнува?
Налогот за уплата или образецот ПП 10 се пополнува во случај на уплата на готовина на сопствената сметка или на сметка на друг деловен субјект. Се пополнува на уплатница, а ги содржи следните елементи: назив (име) на уплатувачот – се впишува називот на организацијата; назив (име) на примателот – се упишува името, односно називот или скратениот назив на правното лице (при­мателот) на чија сметка се уплатува гото­вината; бројот на сметката на примателот – се впишува бројчана ознака на жиро-сметката на примателот; износ – се впишува износот кој се уплаќа и тоа пред бројот се става ѕвездичка или знак еднакво (=), износот се впишува во денари и дени, и тоа на начин денарите да се издвојат од дените со децимална запирка со две децимални места, а износот на илјадите се раздвојува со точка; цел на дознаката – кратко се опишува целта на плаќањето; шифра на описот на плаќањето – се внесува ознаката на описот на плаќањето кое ќе го одреди банката; повикување на број - одобрување; датум на уплата – се внесува датумот кога е платена готовината.

Налогот за уплата се поднесува во два примероци, од кои првиот останува во банката како налог врз основа на кој е извршена уплатата на сметката на при­мателот. Банката го потврдува при­мерокот на уплатата на друг примерок или на друг начин.

2.3. Што содржи налогот за исплата и како се пополнува?
Налогот за исплата или образецот ПП 40 се пополнува во случај на подигнување гото­вина за сметка. Се пополнува на обра­зец – налог за исплата, а ги содржи следните елементи: назив (име) на нало­годавачот – се впишува називот на орга­низа­цијата од чија сметка се исплаќа готовината; бројот на сметката на нало­го­давачот – се впишува бро­јот на жиро-сметката; назив (име) на примачот – се впишува името и презимето и ЕМБГ; износ – се впишува износот кој се исплаќа, и тоа пред бројот се става ѕвез­дичка или знак ед­накво (=), из­носот се впишува во денари и дени, и тоа на начин денарите да се издвојат од дените со деци­мална запирка со две де­цимални места, а износот на илјадите се раздвојува со точка; цел на испла­тата – кратко се опишува целта на исплатата; шифра на описот на исплатата – се внесува ознака на описот на плаќањето која ја одре­дува бан­ката; повик на бројот на задол­жувањето – се внесува дого­ворената ознака за да може нало­годавачот да има допол­нителна информација за целта на пла­ќањето; датум на исплатата – се внесува датумот кога се исплаќа готовината; заверка на нало­годавачот – се става потпис на овлас­теното лице; потпис на примателот – се потпишува лицето на кое му се исплаќа готовината – примателот мора да се иден­тификува со лична карта.

Налогот за исплата се поднесува во два примероци. Првиот примерок останува за банката како налог врз основа на кој е извршена исплатата од сметката на плаќачот. Банката ја потврдува исплатата на другиот примерок – налог за исплата или на друг начин.


(Продолжува во наредниот број)