Промоција
“Родов концепт во руралните средини во Република Македонија”
Сојузот на организациите на жените на Република Македонија (СОЖМ) ја промовира публикацијата “Родов концепт во руралните средини во Република Македонија”, во која се сублимирани резултатите од спроведеното истражување на родовите односи во руралните подрачја. “Знаеме каква е состојбата со жените во руралните средини во земјава. но, добро е што конечно сега имаме публикација која го докажува тоа. Истражувањата во неа покажуваат дека во руралните средини с$ уште доминираат патријархалните навики. Политиката во овие средини е машка улога, а женската се сведува на репродуктивна”, потенцира промоторката Билјана Бејкова, координаторка на Инфоцентарот на НВО.
Истражувањето беше спроведено во Скопско, во Тетовско, во Кумановско, во Пробиштипско и во Струшко, во секој од регионите беа анкетирани по 200 лица, со различна родова, етничка, старосна или верска структура.
“10 активисти беа ангажирани во 50 рурални средини за да ја спроведат анкетата, а потоа наодите беа анализирани од експерти. Целта беше да да се согледа фактичката состојба на родовиот развој, да се препознае родовиот идентитет и да се понуди статистички преглед којшто ќе ги посочи насоките за наредните иницијативи и активности”, рече Савка Тодоровска, претседателка на СОЖМ.
Публикацијата е издадена со помош на МЦМС, а автори на истата се доц. д-р Весна Димитриевска и помлад асист. Татјана Стојановска. За подетални информации на 02/3134-390 и 02/3220-570.
Д.М.
|