Форум Сид - Македонија
Промотор на неформалниото образование и вредностите на волонтеризмот
Форум Сид - Македонија (поранешен проект ПРОНИ) е невладина организација и е дел од мрежата на канцеларии Форум Сид на Балканот. Во Македонија работи од 2002 година и има соработка со Министерството за образование, со Агенцијата за млади и спорт, како и со општината Карпош и со општината Тетово. Како организација, таа е промотор на неформалното образование и вредностите на волонтеризмот. Главна цел на организацијата е преку развојот на младите луѓе и заедницата, да се зголеми чувството на припадност кон самата заедница, а главни проектни активности што ги спроведува се: неформалното образование, младинските активности, младинскиот фонд и младинската политика. Преку своите активности, Форум Сид работи на намалување на дискриминацијата, применување на толеранцијата, афирмирање на еднаквоста на половите, афирмација на интеркултурното учење, афирмација на ненасилната култура како продуктивна основа за безбедно општество и афирмација на доброволното работење и развојот на волонтерската работа корисна за заедницата.
Неформалното образование го спроведува преку организирање акредитиран универзитетски курс за лидерство и развој на младинското работење, од школото за едукација и комуникација при Универзитетот од Јонкопинг - Шведска, а курсот се имплементира како ниво А и Б.
Учесниците на овој курс се стекнуваат со различни вештини и квалитети за младински работници или фацилитатори и, покрај тоа, ги изучуваат предметите: социјална едукација, работа со адолесценти, индивидуална работа, групна работа, менаџмент на помирување и конфликт, како и проектен менаџмент.
Младинскиот фонд го сочинуваат млади волонтери од Скопје и од Тетово кои директно учествуваат во процесот на доделување грантови на физички лица, кои имаат идеи за младински активности, но немаат доволно финансии за да го реализираат тоа. Донатор на Форум Сид е Шведската агенција за развој (СИДА), а организацијата има две канцеларии и два младински клуба, во Скопје и во Тетово. Во Скопје, седиштето и Младинскиот клуб се на ул. “Фјодор Достоевски” бр. 2 (Месна заедница Влае), а во Тетово во административната барака на Општина Тетово.
|