претставување

Граѓанско движење Разбуди се! -Скопје 

Граѓанското движење „Разбуди се!” на 18 октомври во Скопје ја организира трибината „Дијалог меѓу политичките партии - патот напред”, на која учествуваа лидерите на политичките партии во Македонија и претставници на меѓународната заедница.

„Зошто патот кон НАТО и членството во Европската Унија може да се помине со отворен дијалог меѓу сите политички фактори и институции”, беше темата  на трибината на којашто учествуваа премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, претседателот на ДУИ, Али Ахмети, Владо Бучковски, претседател на СДСМ, и амбасадорот Ерван Фуере, специјален претставник на ЕУ и претседател на Делегацијата на Европската комисија во Македонија. Во текот на истиот месец членовите на граѓанското движење преку медиумите ги повикаа и пратениците во Собранието да се разбудат, односно ја осуди реториката на насилство којашто ја употребуваат тие во законодавниот дом. 

Првото појавување на ова граѓанско движење во јавноста беше во мај, кога неговите членови, заедно со граѓаните на Скопје, излегоа на протест под наслов „Разбуди се и кажи не на оружјето”, искажувајќи го својот револт од убиството на младите момчиња во интернет-кафуле во општината Чаир. Целите на здружението, кое во изминатите неколку месеци го сврте вниманието на јавноста, се: да го артикулира гласот на граѓаните на Скопје за нивните потреби и очекувања преку напредување и промовирање на нивниот политички, економски и социјален статус во општеството; да ги промовира нивните културни вредности и активности; да придонесува во едукативниот процес на учениците, студентите и граѓаните преку промоција на вредностите на образованието; да претставува форум за промоција на идеи, за стручна дискусија и размена на мислења на своите членови; да влијае врз формирањето и унапредувањето на граѓанското општество во градот, како и  да придонесува, во соработка со сите заинтересирани, во заживувањето на трговскиот и културниот живот во Старата скопска чаршија.

Во неговите цели на дејствување се и активната поддршка на спортските друштва, придонес во кампањите против наркоманијата, алкохолизмот, трговијата со луѓе, подигањето на свеста за заштита на животната средина и екологија и др. Создавањето побезбедна средина за живеење во општината Чаир е еден од проектите на здружението реализиран во јули, поддржан од УНДП, а „Разбуди се!” беше организатор и на музички концерт, кој во јуни се одржа во Старата скопска чаршија.

К.Б.