Виолета Патровска

Заеднички ја продлабочуваме соработката со општината Куманово

На свечената академија, на 11 ноември 2007 година, Организацијата на жените „Кумановка” од Куманово се закити со највисокото општествено признание на градот, „Ноемвриската награда”, што ја додели градоначалникот на општината, Зоран Дамјановски, по повод Денот на ослободувањето на градот. Наградата е доделена за досегашните реализирани програмски активности на организацијата, особено во насока на промоција и поддршка на јакнењето на политичката и општествената улога на жените, како суштински аспект на развојот на граѓанското општество. Активностите на организацијата претставуваат здружување на силите и напорите со цел ефектуирање на поединечно зацртаните програмски определби во форма на законски одредби кои резултираат со унапредување на положбата на жената и младите, воопшто, а професионалноста и одговорноста се сметаат за одлика на работата на нашата организација. 

Велиме државата е столб врз кој се организира демократскиот поредок во системот и правна рамка преку која се уредуваат политичките, економските и општествените активности на граѓаните, додека граѓанското општество го претставува срцето на демократијата. Граѓанското општество наједноставно се објаснува како сфера во која постои широкораспространета мрежа на професионални или аматерски асоцијации, работни групи од секаков вид, невладини организации итн., кои се одредуваат како колективни актери на граѓанското општество, а преку кои граѓаните го култивираат чувството на солидарност и партиципативност во целината на меѓусебните односи.

Локалната самоуправа е ниво кое е најблиско до граѓаните и нејзина непосредна одговорност да обезбеди опкружување кое води кон економски развој и јако граѓанско општество. Развојот на „Кумановка” во општината е од исклучителна важност за демократските вредности на истата и поттикнување на граѓанската свест. Улогата и придонесот во промовирањето и градењето на демократската култура на сите општествени нивоа е израз на потребата од соработка со општината, со цел ефикасно да се одговори на предизвиците на локалната заедница.

Нашата општина е отворена за соработка, со што го негува взаемното почитување, партнерството и транспарентноста во комуникацијата. Градоначалникот и Советот на општината Куманово го поддржуваат процесот на учество на ОЖ „Кумановка” во креирањето на политиките во заедницата како баланс, коректив и надополнувач во развојот на демократијата и демократските вредности. Заеднички ја продлабочуваме соработката, со цел размена на искуства и учење на добри практики, како и аплицирање на партнерски грантови, согласно потребите на граѓаните, со што ќе се истакнат резултатите од заеднички спроведени проекти, а  граѓаните ќе го препознаат позитивното влијание на локалната самоуправа и граѓанските организации. Постои волја, визија и капацитет да се направи сериозен исчекор напред.

Граѓанските организации се рамноправен партнер во реализирањето проекти и програми, во создавањето нови одржливи критериуми за финансиска поддршка, во јакнењето на заедничките капацитети кои ќе одговараат на програмите на ЕУ (2008 - 2013), и во изработката на програма (пишан документ) за соработка помеѓу локалната самоуправа и граѓанските организации за заеднички настап пред ЕУ.